Среда, 17 Јули 2019   
31 годинишно постoење на Фондацијата „Петар Стаматов“ (6)

petar1

МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ – САД

Петар Стаматов е личност за почит и пример од кој можат и треба да се огледаат и други Македонци во двете татковини, САД и Македонија. Делото што го направиле Петар Стаматов и неговата сопруга Јажа, Американка од полско потекло, претставува убав пример и патоказ на еден честит, мешан  и благороден американски брачен пар, меѓу Македонец и Полјачка 

Петар Стаматов е роден во 1897 година во револуционерното и живописно село Смилево – Битолско (денес административно припаѓа на Општина Демир Хисар). Уште како дете на претшколска возраст, Петар се соочил со тежок и суров живот. Но, најстрашно било во бурните времиња на Македонија кога Османлиите го запалиле Смилево. Тогаш, неговата мајка ги грабнала двете дечиња; неговата сестричка Христина ја дигнала на раце на левата страна, а него го водела со десната рака. Потоа во голема паника со другите смилевчани, кои панинчно бегале, успеале да навлезат во шумата, оставајќи го зад себе селото во пламен.

При крајот на 1920 година, Петар Стаматов донел одлука да замине за Соединетите Американски Држави со цел да бара подобар живот. Среќата му се насмевнала кога ги поднесол документите заедно со пасошот да бара виза. Со визата за САД му се отвориле видиците и можноста да ја стаса групата којашто пред извесен период заминала за Америка. Групата ја стигнал во Загреб, од каде заедно го продолжил патувањето кон САД.

По неколкудневно патување Петар Стаматов заедно со неколку други емигранти пристигнал во Гери, Индијана. Таму имало поголема македонска колонија, каде тој се приклучил и се чувствувал како да е во Македонија. Петар Стаматов во Чикаго ја запознал Јажа, девојка од полско потекло, со која се оженил и со која останал до нејзината смрт. Тој починал на 27 јануари 1995 година во Чикаго каде е и погребан и каде му се наоѓа неговиот вечен дом.

Петар Стаматов по природа бил благороден човек, хуман и културен. Тешкиот живот што го поминал, го направил таков што секогаш бил подготвен некому да помогне. Материјално помагал многу луѓе, а неговата финансиска помош за изградба на болница во Скопје после катастрофалниот земјотрес не била мала. Тој беше голем донатор и на списанието „Македонија“, орган на Матицата на иселениците од Македонија.

petar2

Смилево

Петар Стаматов копнеел да го посети родното Смилево, своите роднини и слободниот дел на македонската држава. Таа негова желба првпат ја реализирал во 1962 година. Тогаш тој и неговата сопруга Јажа за прв пат, по 48 години минати во САД, дошле во Македонија. Неописива била радоста на Петар кога ја допрел македонската земја. Ги посетиле своите роднини во Битола, Прилеп и на други места, но ја прокрстариле и цела Македонија. Ги виделе новите постигнувања во македонската држава, Ја виделе Македонија преродена и подмладена, како со брзи чекори оди напред, кон посветла иднина.

Петар Стаматов, заедно со својата сопруга Јажа, дошол петпати во Македонија. Последното негово доаѓање било во 1976 година. Сите тие доаѓања во родната земја помогнале кај Петар да направи нешто со што ќе може, на некој начин, да & помогне на татковината, на својот народ. Така, по примерот на големиот донатор Атанас Близнаков, и кај него се родила иницијативата за основање  фондација за помагање на талентирани студенти на универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Кај Петар Стаматов секогаш тлеела донаторката љубов и големата хуманост кон луѓето, кон посреќната иднина на човештвото. Тој ги помагал активностите на Македонците, но и на другите во Чикаго. Исто така ги помагал и своите роднини во Македонија. Донирал поголема сума пари за списанието “Македонија” кое беше орган на Матицата на иселениците од Македонија и преку кое, всушност, се запознал со фондацијата на Атанас Близнаков. Станал голем читател и вљубеник во списание “Македонија”.

Петар Стаматов е роден во Смилево, село во кое очите се отвораат повеќе од било каде на друго место. Таму, во тоа планинско место длабоко се чувствува чистиот воздух што доаѓа од високите убави елки и борови и буковите шуми на Бигла, Утоец и Голем Камен. Тоа е предел кој за секој посетител отвора широк хоризонт, го мами со сета своја убавина и е на дофат на секој вљубеник на природните реткости на македонска земја.

Таму, во пазувите на Бигла Планина, на 10 километри од патот Битола – Демир Хисар, од левата страна, на 880 м надморска височина се наоѓа живописното село Смилево. Тоа е типично македонско, мијачко, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер, многумина заминале и се здомиле во САД, Канада, Австралија и во некои земји на Европската Унија.

Инаку, Смилево е единствено мијачко село во Демирхисарско. Населено е со Мијаци, дојдени од мијачкиот предел кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, бегајќи од големите зулуми и грабежи. Легендата вели дека до денешната населба на селото Смилево постоела населба од Брсјаци. Тоа место се нарекува Старо Смилево. Новопристигнатите Мијаци продолжиле да се занимаваат со сточарство, но кога и таму се јавиле грабежи и несигурност го напуштиле сточарството и се ориентирале кон ѕидарскиот занает. Набргу станале најголемите мајстори - ѕидари во Битола, Ресен и пошироко.

Смилево е најубаво, највесело и најпривлечно на Илинден, на тој величествен ден на сенародниот македонски копнеж за борба и слобода, на најголемиот празник од сите празници во Македонија. Тоа со гордост го истакнува своето бурно минато исполнето со непокор и борба за опстанок. Во илинденскиот период таму се случиле бурни и драматични настани, а во текот на фашистичката окупација, Смилево било едно од жариштата на револуционерното движење и прва ослободена територија во Битолскиот регион.

petar3

Илинденски борци во Смилево

Животната историја на Петар Стаматов е, истовремено, и скромен дел од историјата на неговото родно Смилево, на Македонците во дијаспората, а преку нив и на нивната татковина – Македонија. Тој ја основа  Фондацијата „Петар Стаматоф” во 1988 година, по примерот на Фондацијата „Атанас Близнакоф”, која е формирана во 1977 година.

Петар Стамаров е личност за почит и пример од кој можат и треба да се огледаат и други Македонци во двете татковини, САД и Македонија. Делото што го направиле Петар Стаматов и неговата сопруга Јажа, Американка од полско потекло, претставува убав пример и патоказ на еден честит, мешан  и благороден американски брачен пар, меѓу Македонец и Полјачка.

По угледот на најголемиот донатор во иселеништвото, Атанас Близнаков, со формирањето на својата Фондација „Петар Стаматоф”  бил убеден дека ќе даде скапоцен и голем прилог и придонес за Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, а во исто време за македонската младина  и народ и за неговата родна незаборавна земја - Македонија.

Тој бил убедуван, по примерот на Атанас Близнаков дека неговото дело, во исто време ќе претставува поттик и инспирација за идните македонски генерации, особено во иселеништвото, а и пошироко во Македонија.

Фондацијата „Петар Стаматоф” е животен завет на Петар Стаматов и на неговата сопруга Јажа. Иако тие немале биолошки пород, меѓутоа имаат стотина свои студенти кои останале крајно благодарни за помошта што им ја дале во овие дваесетина години. Името и делото на Петар Стаматов ќе се слави вечно кај генерациите кои досега, а и во иднина ќе ја почувствуваат економската поткрепа од Фондацијата „Петар Стаматоф”.

Како израз и одраз на почитта кон Петар Стаматов и неговата Фондација беше изготвено монографско дело. Така, Монографијата „Петар Стаматов” од Славе Николовски-Катин и внукот на Стаматов професор Методија Трајковски е дело на историскиот развој, постигнувањата и животниот пулс на донаторот Петар Стаматов. Монографијата е печатена на македонски и на англиски јазик во чест на животот и делото на еден од хуманистите од македонско потекло кој живееше во САД, и неговата фондација „Петар Стаматоф”. Појавата на ова дело е  сублимат на многу значајни активности кои се случија во текот на речиси еден век  во животот на Петар и Јажа Стаматови и на постоењето на Фондацијата „Петар Стаматоф” во период од триесет години.

petar4

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“

Монографијата беше промовирана во Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, како издавач, на 26 ноември 2010 година. На промоцијата за животот и делото на Петар Стаматов и неговата фондација зборуваа: ректорот проф. д-р Велимир Стојковски, потоа, проф. д-р Максим Каранфиловски, како рецензент и на крајот се заблагодари авторот Славе Николовски-Катин.

Животот на еден благороден иселеник од Македонија во Соединетите Американски Држави, како што беше Петар Стаматов, сместен во еден ограничен со податоци биографско-публицистички времеплов, е своевидна сага за неговото опстојување. Монографијата за Петар Стаматов, со сета скромност, е лика и прилика за неговиот живот и за делото што тој го остави вечно да се сеќаваат младите генерациите во Македонија.

Се потпира на фактографија која извира од неговиот животен опус и од големото дело. Книгата е скромна слика за човекот кој поголемиот дел од животот го поминал во Чикаго, САД, и кој направил тестаментален потег, со формирањето на неговата Фондација, со цел да им помогне на младите македонски генерации - студенти.

Треба да се нагласи дека биографските податоци за донаторот на Фондацијата „Петар Стаматоф” при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, доблесниот иселеник од Македонија, Петар Стаматов, ги дознавме од документот што тој самиот го напишал на македонски јазик во септември 1988 година и го испратил до неговиот внук професор Методија Трајковски.   

Инаку, Монографијата за донаторот Петар Стаматов е поделена на неколку дела. Во нив се претставени неговите две татковини – родната Македонија и Соединетите Американски Држави каде го завршил неговиот овоземен живот. Посебен простор е посветен на Фондацијата „Петар Стаматоф” која е формирана по примерот на Фондацијата „Атанас Близнакоф”. Овие две фондации на македонски иселеници во дијаспората, досега се најголеми на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, а и во Македонија во целина.

Животот на еден благороден иселеник од Македонија во Соединетите Американски Држави, како што бил Петар Стаматов, сместен во еден ограничен со податоци биографско-публицистички времеплов, е своевидна сага за неговото опстојување.  Несомнено  дека монографијата за Петар Стаматов, со сета скромност, е лика и прилика за неговиот живот и за делото што тој го остави вечно да се сеќаваат младите генерации во Македонија.

Продолжува

slave 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

 

На прво место

News image

Кога си го бришете минатото си ја бришете иднината

пишува: Џејсон Мико Кога си го бришете минатото си ја бришете иднината

Историја

News image

Реканско Галички војводи

Иван Дуков Пендаровски

Иселеници

Култура и туризам

News image

СВЕТИ МАЧЕНИК СПАСЕ РАДОВИШКИ

Проф.Др. Марко Китевски

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (23)

ПЛЕМЕТО АХЕЈЦИ ВО ПЕЛАЗГИЈА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.