Среда, 04 Март 2026   
ДЕЛ ОД ТАЖНИТЕ ДЕНОВИ НА ЛЕФТЕР МАНЧЕ ВО ПОРОБЕНА МАКЕДОНИЈА (5)

1 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Најраниот спомен што го паметам е од 1939 година, кога мајка ми Јана над еден голем леѓен ме миеше, а татко ми Стефо ме држеше. Тројцата спиевме во еден кревет, јас меѓу двајцата родители, а во собата за спиење имаше фурна каде што мајка ми готвеше храна и така се топлеше целата соба.

Јас бев доста силно дете, ми велеа дека сум како тетин Методи и кога напати ќе победев во борење со другите деца, тие ќе ми речеа „копилјак“. Ги прашав мајка ми и татко ми зошто ме викаат така, а тие ми одговорија дека малите деца не знаат што зборуваат и јас верував во тоа.

На 28 октомври 1940 година, Италија ја нападна Грција и така почна Грчко-италијанската војна, а на почетокот на ноември многу мажи од селото беа регрутирани и станаа грчки војници, меѓу нив и тетин ми Методи. Сите ги испративме до местото Паранга, што беше најблиската точка до селото на патот од Солун за Костур и оттаму ги пратија во првите редови на фронтот против Италијанците. Така, иронијата беше што македонските жители од тој регион го бранеа ѕверскиот грчки фашизам на диктаторот Метаксас, којшто ги тероризираше и ги затвораше жителите кои зборуваа македонски.

Првите денови од Италијанско-грчката војна над селото се случи битка меѓу два италијански и еден грчки авион и Италијанците го соборија грчкиот авион, кој падна на ридот Св. Илија, каде што е и селската црква посветена на овој светец.

И покрај трагедијата од 1905 година и познатиот Андартски колеж во Загоричани и жестокиот и неподнослив терор што го спроведувале грчките власти по Балканските и Првата светска војна, жителите на Загоричани го задржале својот национален и хуман дух и широкото словенско срце. По соборувањето на грчкиот авион на ридот Св. Илија, браќата Гавро и Петре Бабалови кои во тоа време работеле во близина на настанот, брзо дошле на помош и ги извлекле двајцата пилоти од запалениот соборен грчки авион.

Едниот пилот бил мртов, а другиот покажувал знаци на живот. Селаните, ги товариле двајцата пилоти на запрежна кола, ги донеле во селото и повикале помош од Костур.

Така, едниот пилот преживеал, но иако останал инвалид, во идните настани на Граѓанската војна им оддал признание на спасителите на тој начин што на суд дошол како сведок во одбрана на Гавро Бабалов, кој како партизан во Граѓанската војна бил заробен, па го спасил од најстрогата казна што му се заканувала. Но, сепак, Гавро Бабалов одлежал седум години затвор. Остатоците од тој авион, многу години потоа, останале таму на ридот Св. Илија.

Во спомен на тој настан, грчката власт сега сретсело има поставено еден авион пред црквата и биста на загинатиот пилот

Парадоксално е тоа што во овој споменичен комплекс, ни надвор, ниту во салата за прослави изградена до споменикот и каде што постои фотографија и пригоден текст за загинатиот пилот, никаде не се спомнува спасениот ранет пилот, како ни неговите спасители. За власта, загоричанци главно уште се третираат како листосиморитес (пљачкаши и бандити), како што таа ги нарекувала партизаните-припадници на ДАГ

Во април 1941 година, грчката војска беше сместена над селото, на врвот од планината Врбица, во месноста Стрилец, и кога се појавија германските тенкови од село Клисура, грчката војска почна панично да бега преку полето кон Костур. Германските тенкови од Клисура поминаа под Стрилец и отворија оган кон грчката војска која бегаше. Топовите погодија еден војник кај местото Арто и таму, од нашите селани, непознатиот војник беше закопан покрај патот.

Сè додека живеев во селото, многупати видов како селаните ставаат цвеќе и палат свеќи врз неговиот гроб.

Непосредно по разбегувањето на грчката војска, ние, децата, се искачивме на Стрилец, и таму најдовме многу нешта што војската оставила, како и многу кутии цигари од типот „папастратос“. Ние ставивме по четири цигари меѓу прстите на една рака и почнавме да пушиме. Јас веднаш се задушив од чадот и почнав силно да кашлам и ги фрлив цигарите од рака, а зедов само неколку кутии за дома.

Првата средба со цигарите ми остави толку голема непријатност, што оттогаш наваму никогаш не ставив цигара в уста и сега, кога се ближам до осумдесеттата година од животот, немам ниту притисок, ниту холестерол и ниту срцеви проблеми. Можеби во тоа помага и фактот што иако имав можности во мојата кариера да празнувам некои од моите успеси, јас ниту еднаш не бев под дејство на алкохол.

11 copy copy copy copy copy copy copy copy

Во тоа време, неколку децении наназад, политичката и воена состојба во Костурскиот регион и пошироко на целиот балкански простор беше многу специфична, сложена и тешка. Таа беше условена не само од политиката на Големите сили, туку уште повеќе од долгорочната завојувачка политичка стратегија на балканските држави кон Македонија.

Во таа насока, Грција, во средината на XIX век ја создаде концепцијата за проширување на грчката држава, за што грчките власти ја создадоа таканаречената програма Микри идеја (Мала идеја) и Мегали идеја (Голема идеја). Со замислата за Микри идеја, Грција настојуваше да се прошири на север на Балканот кон Тесалија и Македонија и на островите (Крит), што и го постигна пред и особено по Балканските војни и Првата светска војна.

Целта на остварувањето на Мегали идеја, беше Грција да се прошири на териториите на поранешната Византиска Империја и затоа во 1922 година ја нападна Турција. Во таа Грчко-турска војна, Грција претрпела стравотен пораз и целокупната идна своја политика ја насочи кон Македонија за освојување, но и за денационализација и геноцид на македонскиот народ.

Политиката на грчката држава што таа ја спроведувала во Македонија во текот на втората половина на XIX и во првата половина на XX век, била вршена со терор, малтретирање, казни, забрани да се зборува на мајчин македонски јазик, затвори и максимално користење на драконските закони во образованието, а преку религијата, печатот и пропагандата се вршел невиден притисок за искоренување на македонската национална свест на автохтоното домородно македонско население.

Таквиот пеколен однос на грчката држава и користењето на доселените Маџири и нивното протежирање во создавањето конфликти со Македонците од Загоричани и од другите места, уште повеќе ја зголемувале огорченоста и незадоволството на загоричанци и на жителите во другите села.

Ако се земе предвид дека повозрасните загоричанци уште добро се сеќавале на Андартскиот колеж од 1905 година и на големиот број жртви и запалени куќи, тогаш ќе се разбере парадоксот зошто тие по 1941 година ги прифатиле Италијанците како „ослободители“ од варварскиот грчки фашизам. И покрај тоа што во 1919–1922 год. Македонците од Костурско се бореле против Турците и во 1940 против Италијанците, „наградата“ не ретко беше доживотен затвор, како што се случи со многумина загоричанци, а меѓу нив и со мојот тетин Методи

По окупацијата и поделбата на Македонија во Втората светска војна меѓу Германија, Италија и Бугарија, нашето село потпадна во италијанската окупациска зона. Многу бргу во селото стигнаа Италијанците и за голема радост ни донесоа одредена слобода. Ние загоричанците веќе не се плашевме од полицајците на диктаторот Метаксас и почнавме слободно да зборуваме македонски, да играме и да пееме македонски песни и ора, често пати заедно со Италијанците.

Италијанските војници од нас децата бараа да им фаќаме и носиме жаби и за возврат ни даваа чоколади, нè научија да броиме и да пцуеме на италијански, па и ден-денес ги помнам тие зборови. Ние им се обраќавме на италијански со зборовите „Коме стате?“, а тие ни возвраќаа со „Како си“. Италијанците не само со нас децата, туку и со селаните имаа главно коректни односи. Тие се многу добар народ.

Границата меѓу германската и италијанската зона се наоѓаше на два километри од селото на месноста Паранга. Таа граница не беше строго контролирана и тогаш имаше повеќе формален административен карактер, така што селаните слободно одеа во Костур, во Рупишта (Аргос) и во другите соседни села и градови, по работа или на трговија.

Во тој период костурската котлина и нашето загоричанско поле беа житница за регионот. По окупацијата, брзо се појави глад и многу луѓе од селата јужно од Кожани, од сиромашните предели населени со грчко население, општата глад ги натера да доаѓаат во нашите места да продаваат тутун, масло, смокви и друго во замена за жито и пченка.

Подоцна, кога состојбите со гладот се заострија, како во старо време почнаа да се појавуваат вооружени грчки банди кои ги пљачкосуваа македонските села. Таквите банди народот ги нарече пљачкаџии и се јави потреба за одбрана од нив. Овие состојби создадоа погодна почва за појава и за дејствување на бугарската пропаганда во Костурскиот крај и пошироко.

Продолжува

6b-slave copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy     

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ОПФАТЕН ВО ЈАЗИЧНАТА ПЛАТФОРМА ВО АВСТРАЛИЈА

Language Trainers е јазична платформа во Мелбурн, која ja започна својата мисија во 2004 година со...

Историја

News image

Кои се современите луѓе што живеат во Македонија и Грција?

Античките домородни луѓе што живееле во долниот дел на Балканот биле Пајонците, Линкестите, Пелазг...

Иселеници

News image

„АВСТРАЛИСКО – МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР“ – ЗНАЧАЈНА КУЛТУРНА ИНСТИТУЦИЈА ВО АВСТРАЛИЈА (27)

Покрај списанието „Повод“, како дел на Македонското лите...

Култура и туризам

News image

МОНОГРАФИЈАТА - ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА СЛИМНИЧКИОТ МАНАСТИР ВО ПРЕСПА (2

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА ЗА МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА-АНТИЌ И С...

Фељтон

News image

ДЕЛ ОД ТАЖНИТЕ ДЕНОВИ НА ЛЕФТЕР МАНЧЕ ВО ПОРОБЕНА МАКЕДОНИЈА (5)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.