Среда, 10 Септември 2014    Печати
Историски белешки за Мијаците-Охридскиот архиепископ Јован Дебарски, по потекло Мијак (4 дел)

Македонска нација

Историски белешки за Мијаците (4 дел)

alt

Многу малку се знае за Јован Дебарски кој бил охридски патријарх (последен во времето на Самоиловото царство), кој управува со Охридската патријаршија/архиепископија во периодот 1018 – 1037 година. Тоа е период кога Охридската патријаршија неканонски била симната на ранг на архиепоскопија од страна на византискиот император Василиј II Македонецот.

Се претпоставува дека е роден во селото Агнодика, Дебарско и дека е еден од иницијаторите  за изградба на Бигорскиот манастир.

По негово барање византиските дела се преведувале на старославјански јазик (Житија за св. Антониј Велики и св. Панкратиј Тавроменински).

За Јован Дебарски пишува Георги Трајчев (1869 - 1945) кој е просветен деец и револуционер, деец на Македонската револуционерна организација. По Втората балканска војна бил протеран од српските власти во Бугарија, каде работи како учител. За време на Првата светска војна, Трајчев заедно со Љубомир Милетич, во рамките на научната експедиција во текот на август и септември 1916 година ја посетува Македонија и Поморавјето, по што пишува книги на македонска тематика. Во 1941 година тој ја издава и „Книгата за Мијаците (Македонска библиотека No 12, Софија, 1941). Во предговорот авторот ќе забележи дека  „Во својот живот како егзархиски училишен инспектор во Дебарската епархија, во чиј реон припаѓа и Реканскиот, имал доволно можност да го проучи минатото, начинот на живот на тој дел..“. Во неа тој прави осврт на животот и делото на познатите Мијаци меќу кои и на Охридски архиепископ Јован од Дебарско.

Во својот труд, Трајчев се користи со странски извори и преданијата на населението од Мијачиата. За тоа тој вели: „При недостаток на свои историски пишани сведоштва, принудени сме да црпиме познавање од странски извори, главно византиски кои... често ја искривуваат или кријат историската вистина. Во таков случај си служиме со зачуваните спомени и преданија во народот, кои се предават од уста на уста, од едно поколение на друго.“

За Охридскит архиепископ Јован Дебарски, како важна историска личност, многу малку или речиси ништо не се знае. Како што пишува Трајчев „прв за него спомнува рускиот академик и професор по црковната историја Голубински (Евгениј Евсигнеевич Г.), кој по Дуканжиевиот каталог (Париски ракопис откриен од Charles du Fresne, sieur du Cange or Ducange н.з.) за Охридската архиепископија вели дека: „ Јован бил од Дебар, област Агноадникској, ...игуменовиот тамошен манастир „ Св. Богородица“ И само толку. „Никој од нашите и странските научници не вели нешто повеќе за него и неговата дејност, тесно поврзана со стариот државен политички живот.., по погромот на Самуиловото царство. A можеа да се соберат материјали за него, за неговото родно огниште, животот, дејноста и др., спомени од неговите живи сонародници кои материјали ќе послужат на идниот историчар, откако ќе ја процени нивната веродостојност“ – забележува Геоги Трајчев

Во периодот 1911 – 1912 година, додека Трајчев работел како егзархиски инспектор во Дебарската епархија, во чиј реон спаѓа и месноста Агноадникској, можел на самото место да истражува и детално да собере суров материјал, за живите спомени за Јован. Врз основа на собраниот материјал кој Трајчев го изнесува во книгата носи и одредени заклучоци.

Како што пишува Трајчев „најживите спомени за Јован потекнуваат од село Галичник, бидејќи од оваа средина произлегуваат најмногу просветени лица и дека тоа било најблиското населено место во територијата каде се подвизувал Јован, до неговиот избор за Охридски архиепископ во 1018 година.“ Што се однесува пак за областа Агноадникској, за која говори професорот Голубински дека била родната земја на Јован, Трајчев вели дека „Ако се погледне картата на дебарската област, никаде нема населба, ниту на било која област од тој крај со слично име... (ниту) старите лица од овој крај не паметат дека слушнале од своите дедовци или прадедовци такво име.“ Оттука тој смета дека ова име може да има сосем друго толкување и значење.

Тргнувајќи од оваа претпоставка дека Агноадникској не е име на село, како и тоа дека зборот е грчки и погрешно предаден од грчката фонетика на славјански, Трајчев се задржува на зборот Аноангина што во превод значи  Горно  грло, исто како што реканците говорат „Радишко грло“ или „Горно грло“.

Според него, всушност се работи за клисурата, особено спротив манастирот Св. Јован Бигорски која е една теснина по реката Радика. На тој дел на кој се сместени околни населби Битуше, Ростуше, Требиште, Јанче, Скудриње, Галичник, Долно Косоврасти и др., се нарекува Долна Река или Мала Река, пишува авторот и вели: „Тука, во таа живописна теснина (Аноангина) во едно од горните места, ќе треба да се бара родното место на Охридскиот архиепископ Јован. И бидејќи тие се од мијачко потекло, следствено и Јован е од даровитото племе Мијаци.“ Во тој контекст тој го цитира и архимандритот Кирил Рилски, родум од Битуше (Мијак), кој вели дека „по преданието се знае дека Јован бил родум од Долно Косоврасти, на патот од Дебар за Гостивар, по десниот брег на реката Радика.“

Денес историчарите сметаат дека родното место на Јован Дебарски било селото Агнодика. Ако се надоврземе со преданието на архимандритот Кирил Рилски, кој го забележува Трајчев, тоа би значело дека селото Агнодика е денешно Долно Косоврасти.

Во контекст на преданиата кои Трајчев ги изнесува подолу во текстот интересно е да се напомене дека од селото Долно Косоврасти до Скудриње постои стар пат од средниот век, кој е пробиен во варовите карпи. Југозападно од селото Долно Косоврасти, на планината Крчин постои тврдина Заградишта од средниот век, а во селото се забележани темели од средновековна црква, што говори за интензивен живот на населението во средниот век во овој дел на Мијачијата.

Од времето кога бил избран за Охридски архиепископ во 1018 па се до 1941 година кога се појавува „Книгата за Мијаците“, изминати се точно 921 година, па авторот во недостаток на пишани извори, кај месното население (Реканци) не може да најде податоци за родословието на Јован, ниту пак за неговото детство. „Се знае само дека живеел како пустиножител во една пештера која се наоѓала на патот меѓу Галичник и Манастирот „Св. Јован Бигорски“. Тука младиот пустиник го поминувал времето во пост и молитва и ретко слегувал меѓу луѓето... Галичани често го посетувале и му давале храна. Строгиот аскет се откажал од земни вишоци, се додека потребите станале неизбежни. Околу него почнаа да се собираат и други испосници, за кои се грижел Јован. Тогаш тој почесто ги посетувал милостивите Галичани кои никогаш не му одбиле помош. Вообичаено било Галичани да носат во пештерата по едно лепче. Кога бројот на испосници се зголемил, тогаш Јован заминал како игумен во манастирот Св. Богородица во село Скудриње.“ – пишува Трајчев.

Базирајќи се на овие преданија, Трајчев пишува: „царскиот род бил сместен во Подворјане, денешното село Скудриње. Сигурно (Самоиловите) благородници (дворјани), од стратешки и здраствени причини, ... во местото Подворјане формирале свој центар, каде по стар обичај подигнале манастир на името на „Богомајка“. За игумен на тој манастир бил избран Јован. Тука, имено го затекнува нашиот монах изборот за прв архиепископ на Охридскиот престол во крајот на 1018 година, по пропаста на Самоиловото царство. Денес тоа место е селото Скудриње по десниот брег на Радика, не далеку од манастирот Св Јован Бигорски. Во соседство на Скудриње се населбите: Битуше, Требиште, Ростуше, Косоврасти и др.

Трајчев заклучува дека „манастирот Св. Богородица опстојувал се до доаѓањето на Турците, а можеби и подоцна до исламизацијата на дел од месното население, кога манасторот бил разрушен, а црквата во Ростуше претворена во џамија.“ Тој вели дека за постоењето на манастирот имало живи спомени кај месното население (христијанско и исламизирано), а како доказ наведува една жива традиција дека: „Не беа ретки случаеви кога доаѓаат жени (со исламска вероисповед) од тоа село на молитва во манастирот Св. Јован Бигорски, каде палеа свеќи, носеа подароци на црквата и беа опеани од манастирските духовници. Не еднаш бевме сведоци на такви мали сцени.“ – пишува Трајчев.

Иако книгата е издадена во 1941 година во Софија, Бугарија, која во својата континуирана пропаганда ги смета сите војни за Македонија како ослободителни, зачудува фактот дека и покрај строгата цензура, во книгата на Трајчев дословно стои: „Во време на бугарската окупација (мисли на Прва светска војна), џамијата во село Ростуше била повторно претворена во црква. Тоа значи дека веродостоен е фактот дека Јован бил игумен на манастирот „Богомајка“ во Дебарската област Река во месноста „Аноангино“ – Горно грло.

Зошто токму Јован Дебарски бил избран за Охридски архиепископ, монах од мијачко потекло, а не некој сонародник, Трајчев причината ја бара „во политичката ситуација во Византија, која е истоштена од долгогодишните војни на разни фронтови.“ Како што авторот вели:  „Иако победничка, Византија имаше потреба од спокојство и мир, .. а такво спокојство би настанало доколку го задоволи националното чуство на покорените „Бугари“. На крај тој заклучува дела „...Што друго ако не стравот од покорените „Бугари“ можеше да го принудат Бугароубиецот (Василиј), кој беше ги потопил рацете во бугарска крв, да постави Мијак за Охридски архиепископ?’ – притоа заборавајќи дека во уште во почетокот, во историскиот преглед, тој ги дистанцира Бугарите од Мијаците за кои смета дека се древно племе (во Битола бил откриен гроб од римско време на кој имало натпис „Тука почива војсководец, по потекло Мијак“).

Трајчев изнесува еден интересен факт дека во тоа време постоеле лица кои сметале дека Јован потекнувал од родот на цар Самоил, а некои од нив дури мислат дека Јован бил најмалиот брат на Мојсеј, Арон, Давид и Самоил. Но, Трајчев ги отфрла овие мислења како неосновани, бидејќи нема историски докази за таква блиска сродност. Според него „изборот на Јован од Охридскиот синод и потврдувањето од царот се должи на неговата популарност во Западно-македонските покраини, како личност која се истакнува со своите високи духовни квалитети, a тиe квалитети се појавија веднаш по неговото поставување на патријаршискиот престол... тој успел да стекне такви права и привилегии за својот народ, какви ретко се добиваат од еден државник како што е Василиј II.“

Исто така, духовните квалитети на Јован, како што пишува авторот „се гледаат од тоа како императорот смирено и христољубиво го изговара неговото име и ги слуша неговите совети и желби, Ова се открива од трите државни акти (хрисовули), дадени на Јован, каде тој од Василиј е нарекуван: „благочастивејши монах“ (прв хрисовул) и „светејши архиепископ“ (втор хрисовул).“ Во императорски акти јасно се гледа стремежот на Јован да го групира целиот „славјански“ народ околу престолот на Св. Климент, заклучува Трајчев укажувајќи притоа дека „Јован издејствувал да се обноват старите граници на црквата...“  

На архиепископскиот престол Јован останал 19 години, од 1018 до 1037 година, кога починал. Оттука Трајчев смета дека архиепископот Јован, смртта го затекна на 59 години. Бидејќи денот на раѓање не се наведени никаде, тој смета, дека Јован „бил избран за архиепископ на 40 години (бидејќи помлад од 40 и постар од 50 години, по црковните правила не се дозволува на владичкиот трон) и плус 19 архиепископски, ќе има 59 години возраст кога починал.“

Во врска со основањето на манастирот Св Јован Бигорски Трајчев ќе напише: „Јован е основач на историскиот манастир Св. Јован Бигорски, реканско.

Ова се открива од хрониката на самиот манастир, каде се вели дека (манатирот) е основан во 1020 година, а во тоа време Јован веќе беше архиепископ. Сигурно за вечен спомен на тој избор (архиепископ), основаниот манастир е посветен на св. Јован Претеча – патрон на архиепископот Јован. Во истата кондика е кажано уште: „еднаш годишно манастирските монаси и момчиња да го посетуваат Галичник на 14 октомври (ст.ст.) – Св. Петка, за да го добијат традиционалниот дар од пет лепчиња од секоја галичка куќа за спомен од времето на Јована, кога живеел како пустиножител во пештерата и секој петок добивал по пет лепчиња.“ Оваа традиција треба и до ден денешен, строго да се почитува од манастирската управа – ќе додаде прилпечанецот Георги Трајчев.

Трајчев се осврнува и на прашањето кога навистина Јован е дојден на престолот на Охридската архиепископија. Тој за ова ќе напише: „Од каталогот на Дуканж кој ги претставува по хронолошки ред имињата на Охридските патријарси од 870 до 1015 година, се утврдува дека по патријархот  Филип  следува Јован  од Дебар.  

Врз основа на овие податоци историчарите Захарија фон Лингетал и Густав Шонбергер (?) дозволуваат дека при падот на Самоиловото царство (1018) имало два патријарси Давид и Јован и дека симнатиот Јован од патријаршискиот престол бил повикан по втор пат од Васил, сега веќе за Охридски архиепископ. Други пак историчари: Голубински, Дринов, Снегаров со поголема вероватност сметаат дека Јован е повикан од Василије директно како игумен на манастирот Св Богородица...“ Според Трајчев, тој повеќе верува во втората верзија.

Заслугите на Јован како Охридски архиепископ се толку значајни така да Трајчев го става во редовите на светителите Климент, Наум и др. За значењето на Јован, говори и видниот германски историчар проф. д-р Франц Кох од Виенскиот универзитет, кој на 17 мај 1940 година на Универзитетот во Софија одржал предавање на тема:

„Охрид и Цариград во борба за Киевска Русија“.

Трајчев за овој настан ќе напише: „професорот се осврна на влијанието на Охридската патријаршија при создавањето на самостојна црква во Киевска Русија и истакна дека кон 1020 година Јован бил архиепископ Охридски од кого рускиот кнез Владимир бил принуден да прифати црковна зависност од Охрид. Извесно време поминал во Киев и самиот архиепископ Јован и раководел таму со црковните работи. Цели 50 години, од 987 до 1037 година, Охрид бил глава на руската црква.

Така Охрид и Киев се соединија црковно.  Овој факт го поддржа и рускиот М. Д. Презелков и софискиот професор М.Г. Попруженко.“ Признанија на германскиот и рускиот научник за заслугите на нашиот „Мијак Јован од Дебар“ Охридски  архиепископ, преставуваат уште еден доказ за неговото надареност  како духовник и политичар – пишува Георги Трајчев на крајот од својот осврт за Јован Дебарски.