Петок, 22 Април 2011    Печати
Велики петок - Ден на жалост во христијанскиот свет

isus-1Во сите храмови на православните цркви во светот денеска се одбележува Велики петок, Ден на страдањата и смртта на Исус Христос.

Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и пренесување на таканаречената бескрвна жртва се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.

Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“.

Од тогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се до недела кога првпат ќе се огласи радоста на Христовото воскресение.

Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение.

Правoславниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце.

Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле. Обичај е на тој ден да се вапцуваат велигденските јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос.

Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.

Веста за воскресението в сабота на полноќ ќе ја објават свештениците и архиереите на богослужбите во сите цркви и манастири на Македонската православна црква во земјава и во странство.