|
Најголемиот дел од граѓаните и Македонци и Албанци не го оправдуваат евентуалниот бојкот на изборите и на Собранието од страна на СДСМ, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од Институтот „Павел Шатев“ од 11 до 14 март годинава на 1000 испитаници, со цел да се видат ставовите на граѓаните на Република Македонија за бојкотот на Парламентот од страна на опозицијата и нивниот можен бојкот на парламентарните избори.
На прашањето дали би оправдале евентуален бојкот на изборите од страна на СДСМ, 72,30 проценти од испитаниците одговориле негативно, додека 58,6 отсто од анкетираните се изјасниле дека ќе гласаат иако може да се случи најголемата опозициска партија да ги бојкотира парламентарните избори. Со тоа, граѓаните ја покажуваат својата висока гласачка свест и посветеност на демократските процеси во Република Македонија, е заклучокот од Институтот „Павел Шатев“. Потврда е и добиениот резултат и споредбата на испитаниците од анкетата кои одговориле дека би гласале, со процент на излезност во претходните два изборни циклуса, каде може да се забележи дека излезноста е речиси идентична со процентот на испитаници кои би излегле и на овие избори и покрај можниот бојкот од страна на опозицијата. |