|
||
| Соборната црква Света Троица во Врање градба на македонски мајстори |
|
Градот Врање кој се наоѓа на древниот вардарско - моравски пат, како важна геостратешка раскрсница, за време на цар Душан влегол во состав на Скопската митрополија. Интересно е да се напомене дека по распадот на Душановото царство, Врање останало самостојна област под управа на Угљеша Влатковиќ. Угљеша владеел како „господарот на Врање, Прешево и Куманово“, во областа каде денес поминува границата помеѓу Република Србија и Република Македонија. Денес Врање е град во јужна Србија, седиште на истоимената општина и на Пчињскиот округ, а некогаш место каде се судирале интересите, но и културните влијаниа на Македонците, Србите и Бугарите. За време на повеќевековнто турско владеење во Врање, постоела „епископска столица“, која повремено била седиште на викарниот епископ на скопските митрополити. Врањската епархија влегува во состав на Печката патријаршија по нејзиното обновување во 1557 година. Дури по укинување на Печката патријаршија во 1766 година и на Охридската архиепископија една годона подоцна во 1767 година, врањанската епископија ја дели судбината на скопската епархија. Скопската епархија, по укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, се нашла под директна јурисдикција на грчката Цариградска епархија, која траела се до 1872 година кога влегла во границите на бугарската Егзархија. Во периодот од 1767 до 1872 година, епархиските архиереи во Скопје биле главно од грчко потекло, но хеленизмот немал некое големо влијание, а не постоела ни подвоеност кај македонските верници, која ќе дојде до израз за време на Егзархијата. Во XIX век црковната политика на скопската епархија дејствува во согласност со потребите на штотуку формираната млада македонска боржуазија. Во текот 30 –тите години за верските и културно-просветните потреби на населението започнала силна градителска активност во скопската епархија. Се граделе нови верски објекти со големи димензии, од базикален тип, што преставува последна фаза од средновековната црковна архитектура.
Исто така со економскиот развој во Врање и околината во почетокот на ХIX век доаѓа до будење на граѓанската национална свест и обнова на верскиот живот. Почнуваат да се градат голем број на цркви, а се гради и големата Соборна црква со помош на врањскиот паша Хусеин кој бил голем пријател на христијаните. Сето тоа им пречело на домашните Турци кои со помош на Арнаутите од околните села подигнале буна на Спасов ден 1843 година. Откако влегле во градот ги опљачкале христијаните, ја срушиле кулата, кровот и таванот на црквата, и ја запалиле митрополијата која изгорела до темел. На барањето на населението во Врање и под влијание на меѓународната јавност и дипломатските преставници, турските власти ги фатила и казнила побунетите Турци и Арнаути. Иако Комисијата на турските власти ја проценила штетата таа никогаш не била исплетена. Жителите на Врање со сопствени средства градат нова црква, по се изгледа на темелите на претходната. Градбата на Соборниот храм во Врање му е доверена на веќе прочуените тајфи на мијачките мајстори. Црковна општина градбата ќе му ја довери на тајфата на Дамјан Зографски – Рензовски, односно на неговите синови кои учествувале во изградбата на црквата „Св. Богородица“ во Скопје, а сликарскиот дел од работата на иконостасот, на Димитар Крстевич, познат како Дичо Зограф, тогашен најпознат и најталентиран иконописец од Македонија. Дамјан Зографски – Рензовски починал за време на изградбата на скопската катедрална црква „Св. Богородица“, а црквата ја довршиле неговите синови Ѓорѓија, Андреја, Коста и Никола.Синовите на Дамјан Зографски за време на изградбата на катедралната црква се изградиле како водачи на градителски тајфи, што од друга страна ќе преставува препорака за работа на други цркви ширум Балканот Синовите на Дамјан Зографски – Рензовски, Коста и Никола, во комбинација со нивниот роднина Дичо Зограф, и покрај покрај честите застои и рушења ќе изградат величанствена Соборна црква. Иконостасот во Соборната црква „Св Троица“, на кој има мотиви од растителен и животински свет, го работеле локални мајстори и е со послаб квалитет. Но за разлика од него вистински бисер преставуваат иконите на иконостасот кои во 1859 година ги изработил Дичо Зограф, На иконостасот на Соборната црква Дичо ги насликал престолните и празничните икони, ликовите на апостолите и целивните икони, на кои со калиграфска вештина ги испишувал црковнословенските натписи. Прекрасната Соборната црквата „Св Троица“ во Врање преставува уште еден споменик кој ќе сведочи за високоте дострели на македонските градители и зографи, кои со векови оставале траги на ова поднебје. Соборната црква во Врање е уште еден одраз на светлите традици на македонските гради тели и зографи кои ќе останат како дел од светското културно наследство. |