|
||
| Тони дрога се запленети: ќе се отрие кој ги штител? |
|
Заплената на дрога што ја разниша политичката сцена во Македонија Конвој камиони и комбиња денес ја напуштија Струмица, натоварени со околу 30 тони запленета марихуана. Сликата е речиси надреална, но пораката е кристално јасна: ова не е обична полициска акција, туку удар што директно ја раздвижи и вознемири македонската политичка сцена. Според информациите полицијата влегла во две компании за одгледување медицинска марихуана во Струмичкиот регион. Но, проблемот не е само во количината на дрогата – проблемот е во трагите што водат кон врвот на поранешната власт на СДС и фамилијата Заеви, трговците со пиперки во Србија. Истите извори наведуваат дека фирмите се поврзани со марихуаната запленета во Србија, како и со родениот брат на поранешниот премиер Зоран Заев, Вице Заев. Токму тука приказната престанува да биде криминална и станува длабоко политичка.
Според сè уште неофицијални информации, во изминатите два дена во Македонија се запленети околу 40 тони марихуана. Само во Скопје, се запленети девет тони марихуана и над 1.300 шишиња произведено масло од канабис – полупроизвод подготвен за понатамошна дистрибуција. Дрогата била пронајдена и во простории што ги користела фирмата „Алфафарм“, чиј сопственик Иван Драгниќ е уапсен поради поврзаност со случајот на заплена на марихуана во Србија. Втората, уште поголема заплена – над 31 тон марихуана и биомаса – е реализирана во Струмичкиот регион. Од фирмата „ЦБД Медплант“ од селото Борисово, во Општина Ново Село, запленети се дури 21 тон марихуана. Овие бројки не се статистика, туку аларм за системски проблем што со години се толерирал, штител и прикривал. Прашањето што сега мора гласно да се постави е едноставно: како е можно под плаштот на „медицинска марихуана“ да никне една од најголемите нарко-операции во регионот? И уште поважно – кој сè знаел, кој премолчувал и кој давал политичка заштита? Оваа заплена не смее да заврши како уште една „спектакуларна акција“ без политичка одговорност. Ако институциите застанат на ниво на приведени бизнисмени и фирми, а не допрат до политичките врски и покровители, тогаш пораката ќе биде поразителна: дека државата знае да апси, но не да расчисти. Македонија денес има шанса – ретка, но реална – да покаже дека законот важи и за оние што беа недопирливи. Ова не е само случај на заплена на дрога. Ова е тест за тоа дали Македонија е држава или само декор. |