|
||
| Дали има крај за криминалот од владеењето на СДС и ДУИ? |
|
Место политиката на СДС и ДУИ да биде, во секое ќошенце дете, во секое ќоше се трупаа илјадници евра, додека младите генерации остануваа запоставени, без перспектива и со полни автобуси ја напуштаа државата во еден правец. Дали криминалот има крај или, пак, неговите корени се толку длабоко вградени во институциите што секој нов ден носи нов скандал? Прашањето не е повеќе реторичко, туку болно реално. Речиси и да нема ден без откритие за злоупотреби, корупција и криминал што потекнуваат од годините на владеење на СДС и ДУИ. Каде и да се врши контрола – во судството, администрацијата, јавните претпријатија или безбедносните структури – се појавуваат исти обрасци: милионски суми, сомнителни трансакции и луѓе кои со години биле „недопирливи“. Загрижува фактот дека криминалот не бил маргинален, туку системски, заштитен и институционализиран. Најновиот случај е шокантен и симболичен за целосната ерозија на правната држава. Во рамки на обемна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, при претрес во домот на родителите на судија од Апелацискиот суд Скопје, во Неготино, биле пронајдени дури 350.000 евра, соѕидани во ѕид – пари сокриени како во криминален филм, а не во дом поврзан со еден од највисоките столбови на правосудниот систем. Неофицијално, станува збор за судијата Ѓоко Ристов, а случајот е директно поврзан со минатомесечното апсење на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа. Според истрагата, Стафа примил 50.000 евра за да посредува и да влијае врз судија во Апелацискиот суд Скопје со цел укинување на мерка притвор за свој клиент. А клиентот не е било кој – станува збор за Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, осомничен во случајот „Синџир“, име што јавноста одамна го поврзува со сериозен криминал. Кога вакви луѓе бараат „услуги“, а судии и поранешни државни функционери се подготвени да ги испорачаат, повеќе нема дилема – правдата била на продажба. Овој случај не е изолиран инцидент, туку логична последица на години политички притисоци, партиски кадри и свесно уништување на институционалниот интегритет. СДС и ДУИ со години се колнеа во „реформи“, „европски вредности“ и „владеење на правото“, додека зад сцената се градела мрежа на корупција во која судството било клучна алка. Прашањето денес не е дали имало криминал, туку колкав бил неговиот опфат и колку уште вакви „ѕидови“ кријат пари од сомнително потекло. И уште поважно – дали конечно ќе има целосна одговорност, без селекција, без заштитени имиња и без политички калкулации. Ако државата навистина сака раскин со минатото, ова мора да биде почеток, а не исклучок. Македонија нема проблем со недостаток на закони, туку со недостаток на правда. А криминалот, колку и да бил длабоко соѕидан, мора да биде изваден на светло – до последното евро и до последното име. |