|
||
| СДС–од партиска опозиција до опозиција на националните интереси |
|
Одамна е јасно дека СДС повеќе не функционира како нормална и одговорна опозициска партија. Со своите прес-конференции, јавни настапи и политички ставови, таа не води борба против актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, туку директно удира по интересите на Македонија. Денес СДС не е само партиска опозиција – таа сè поотворено се профилира како политички субјект што дејствува спротивно на државните и националните интереси. По години власт обележани со системски криминал, корупција без преседан, разнебитување на институциите и серија одлуки што ја понижија Македонија и ја ослабеа нејзината меѓународна позиција, СДС денес глуми загрижена опозиција. Истите тие што ја распродаваа државата, прифаќаа штетни компромиси и ги газеа институциите, сега држат морални лекции. Тоа не е само лицемерие – тоа е отворен политички цинизам и навреда за здравиот разум на граѓаните. Секој чекор што значи заштита на националните интереси, секоја одлука што ја зајакнува позицијата на Македонија, секоја иницијатива за враќање на достоинството на државата – за СДС автоматски станува „проблем“, „криза“ или „опасност“. Наместо да застанат зад државата, тие застануваат против неа. Наместо порака на единство кога тоа е најпотребно, тие свесно шират сомнеж и недоверба – и во земјата и пред меѓународната јавност. Преку своите настапи, СДС директно ја поткопува меѓународната позиција на Македонија и ја слабее нејзината преговарачка моќ. Државата се прикажува како разединета, нестабилна и неспособна да има сопствен став. Тоа не е случајност, ниту политичка грешка. Тоа е континуитет на политика на СДС која отсекогаш била насочена против националниот интерес, а во корист на теснопартиски и лични агенди. По сè што направија додека беа на власт, СДС денес нема ни политичко, ни морално право да зборува за државни и национални интереси. Наместо да се соочат со сопственото минато и да им се извинат на граѓаните за штетите што ги оставија зад себе, тие продолжуваат со лаги и манипулации, надевајќи се дека со бучава и напади ќе ја сокријат сопствената одговорност. СДС беше партијата што прифати понижувања како „реалност“, откажувања како „неминовност“ и штетни компромиси како „успех“. Партија што ја претвори дипломатијата во сервилност, а националниот интерес во ситна монета за политичко преживување. Денес, истата таа партија, без трошка срам, се обидува да глуми патриотска загриженост, додека во пракса прави сè Македонија да изгледа слаба, поделена и без достоинство. За СДС, државниот интерес секогаш бил секундарен. Партискиот опстанок бил и останува апсолутен приоритет. Затоа секоја политика што значи исправување на нивните грешки, секоја одлука што ја зајакнува позицијата на Македонија, секој обид за национално зацврстување, тие го напаѓаат со сите средства. Логиката е јасна и опасна: колку полошо за Македонија, толку подобро за СДС. Наместо национално единство околу клучните прашања, СДС избира внатрешни конфликти. Наместо државна одговорност, нуди лаги, манипулации и политички конструкции. Наместо искрена критика, нуди саботажа. Наместо визија, нуди дефетизам. Македонија нема проблем со опозиција – опозицијата е неопходна во секоја демократија. Македонија има проблем со СДС – партија која кога е на власт ја користи државата како личен имот, а кога е во опозиција работи против неа. Тоа не е демократска алтернатива. Тоа е политички фактор кој со години дејствува како товар за државата и како закана за националниот интерес. Историјата ќе покаже дека СДС не ја изгуби поддршката затоа што изгуби избори, туку затоа што ја изгуби врската со Македонија, со македонските граѓани и со македонските национални интереси. Поради антимакедонските политики и деструктивното однесување на раководството на СДС, довербата кај граѓаните е речиси целосно изгубена, а партискиот рејтинг се наоѓа на најниско можно ниво. Тоа е директна последица на нивниот континуиран судир со интересите на Македонија, а не случајност или моментален политички пад. МН |