Вторник, 13 Јануари 2026    Печати
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се става крај на неказнивоста

Djordjieva

Весна Ѓорѓиева, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната 80-та седница на Собранието јасно порача дека со измените на Кривичниот законик конечно се удира по корупцијата и се враќа правдата во државата, по години на системско разнебитување на правниот поредок.

Ѓорѓиева истакна дека измените се директен одговор на штетните законски решенија донесени во 2023 година од СДС и ДУИ, со кои, како што рече, намерно беше разводнето кривичното гонење за злоупотреба на службената положба и отворена вратата за масовна неказнивост.

„Со членот 353 се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба – пречекорување на овластувањата и неизвршување на службената должност. Се укинува законот со кој СДС и ДУИ ги намалија казните, ги направија делата речиси недокажливи и свесно ги скратија роковите за застареност за да ги спасат своите функционери“, нагласи Ѓорѓиева.

Според неа, државата не може да опстане без силен кривично-правен систем, а граѓаните со години биле заложници на политички договори скроени за заштита на криминалот.

„Држава без силен Кривичен закон е држава без ’рбет. Таква држава секој ја крши и ја ограбува. Овој закон не е против чесните луѓе, туку против корупцијата, против злоупотребите и против оние што ја третираа државата како приватен бизнис“, рече таа.

Ѓорѓиева порача дека измените се јасна порака дека времето на неказнивост завршува и дека повеќе нема да има привилегирани.

„Можеби ова некому не му одговара, но на народот му одговара. Граѓаните бараат правда, а не закони скроени по мерка на политички елити. Со овие измени, правдата конечно се враќа таму каде што припаѓа – во служба на државата и граѓаните“, заклучи Ѓорѓиева.