|
||
| На Македонија ѝ е потребно независно судство |
|
Оставката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски мора да означи крај на една темна ера во која правдата беше заложник на политичките интереси на СДС. Ова не е прашање на поединец, туку на систем кој со години беше злоупотребуван за заштита на власта, наместо за заштита на законот и граѓаните. Во периодот на владеење на СДС, државата беше потресена од низа сериозни афери и основани сомнежи за криминал од историски размери: злоупотреби на јавни пари, сомнителни тендери, партиски вработувања, клиентелизам, корупција во институциите и политички договори што директно ја оштетија државата. Наместо овие случаи да добијат правен епилог пред надлежните институции, тие беа ставени под тепих, развлекувани со години или целосно игнорирани. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, наместо да биде симбол на независност и законитост, стана симбол на селективна правда. Под негово раководство, обвинителството не покажа ниту храброст, ниту волја да отвори сериозни и темелни истраги против високи функционери на СДС. Додека граѓаните беа санкционирани за најмали прекршоци, политичката елита остануваше недопирлива. Токму таа неправда ја разори довербата на јавноста во правосудниот систем. Обвинителството, кое по својата суштина треба да биде прва линија на одбрана од криминалот, функционираше како последна линија на заштита на власта. Наместо правна држава, добивме партиска држава. Наместо еднаквост пред законот, добивме двојни аршини. Наместо одговорност, добивме институционален молк. Затоа, постапката за избор на нов државен јавен обвинител мора да биде транспарентна и без никакви задни договори. Секој кандидат што ги исполнува законските и професионалните услови мора јавно да биде сослушан, да одговара на конкретни прашања и јасно да се изјасни дали има храброст и интегритет да отвори постапки против секој што се огрешил пред законот – без оглед на политичката припадност. Времето на партиски послушници мора да заврши. На Македонија ѝ е потребно независно судство веднаш. Не декларативно, не формално, туку реално, функционално и ефикасно. Судството и обвинителството мора да се ослободат од влијанијата на партиските штабови, бизнис-интересите и политичките уцени. Само така може да се воспостави систем во кој законот ќе важи подеднакво за сите. Секој што се огрешил пред законот мора да одговара – без исклучоци, без амнестии и без застарувања што служат како алиби за криминал. Функцијата не смее да биде штит, а партиската книшка не смее да биде гаранција за неказнивост. Изборот на нов државен јавен обвинител мора да биде јасна и недвосмислена порака дека завршува времето на институционална заштита на криминалот и започнува времето на отчетноста. Само преку вистинска, неселективна правда може да се врати довербата на граѓаните и да се изгради држава во која правото ќе биде посилно од политиката. |