|
||
| На 2 ноември ќе се испрати јасна порака: Ние не гласаме по етничка припадност, ние гласаме за заедништво, достоинство и иднина! |
|
Манe Јаковлески Довербата тешко се стекнува, но брзо се губи! Во овие изборни денови, кога Македонија повторно се обидува да ја зачува својата тешко изборена стабилност и кревка меѓуетничка доверба, сведоци сме на опасни и неодговорни изјави кои одат спротивно на сè што оваа земја гради три децении наназад. Опасната реторика на Билал Касами и Хаќим Рамадани не е само политичка грешка, тоа е отворено политичко предавство кое ги поткопува меѓуетничките односи и ја урива довербата меѓу граѓаните на Македонија. По повиците за етничко гласање, мора да се констатира дека себичноста и национализмот на Билал Касами и Хаќим Рамадани прераснуваат во отворено политичко предавство. Кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од коалицијата „Вреди“, Хаќим Рамадани, кој е и директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, на средба со иселеници во Хамбург, Германија, изјави дека „треба да се знае кој е газда на својата земја“ и дека општините како Кичево, Брвеница, Тетово и сите каде што се мнозинство Албанците, мора да ги води Албанец. Таа изјава е срамна и шовинистичка. Неговиот политички сојузник, Билал Касами, пак, во интервју за албанската телевизија „Сири“ најави дека во вториот круг во Кичево ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, само затоа што е Албанец, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски. Тоа е потег што не само што ја поткопува довербата, туку и ја уништува секоја идеја за искрен политички сојуз. Националистичката реторика не е само политичка грешка, тоа е свесен чин на поделба, акт што ги поткопува темелите на заедничкото општество и претставува отворено политичко предавство кон државата во која живеат. Билал Касами и Хаќим Рамадани забораваат дека оваа држава не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом на сите што веруваат во една идеја: дека можеме и мораме да живееме заедно, рамноправно и со меѓусебна почит. Тие што шират етнички и верски поделби не му мислат добро ниту на Македонецот, ниту на Албанецот, ниту на било кој друг граѓанин на оваа држава. Поделбите не носат добро никому. Ова не се „обични политички пораки“, тоа се опасни пораки што се обидуваат да ги вратат часовниците наназад, кон времиња кога недовербата беше секојдневие. Зборуваме за свесно рушење на довербата меѓу граѓаните, за уривање на мостовите што толку тешко ги градевме од 2001 година наваму. Зборуваме за луѓе кои заради евтини политички поени се подготвени да го жртвуваат мирот и соживотот. Тие што се обидуваат да ги делат граѓаните по национална основа, ќе останат запаметени како предавници на сите кои живееме во Македонија. Македонија е држава на сите свои граѓани, народ горд, кој преживеал секакви предизвици, но никогаш не се покорил. И ќе продолжи исправена и обединета напред, без разлика дали тоа им се допаѓа на Билал Касами и Хаќим Рамадани. На 2 ноември ќе се испрати јасна порака: Ние не гласаме по етничка припадност, ние гласаме за заедништво, достоинство и иднина! Македонија вечна, АМИН! |