Сабота, 16 Август 2025    Печати
Македонија – „мала, но успешна приказна“

701 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Економските политики и реформите кои Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги спроведува последниве години, веќе даваат видливи резултати. Македонија денес не е повеќе земја на периферијата на инвестициските мапи, туку држава која станува препознатлива по стабилна економија, јасни правила и предвидливи политики.

Најновата потврда за тоа е извештајот Greenfield FDI Performance Index 2025 кој го подготвува „ФДИ Интелиџенс“, специјализираниот истражувачки оддел на „Фајненшл Тајмс“. Во рангирањето на 105 земји во светот, Македонија го зазеде високото шесто место според привлечените странски директни инвестиции во однос на големината на БДП.

Овој успех е уште поголем ако се земе предвид дека станува збор за мала земја со помалку од два милиони жители и номинален БДП од околу 16 милијарди долари. Македонија стана пример за тоа како една држава од Западен Балкан може да ги надмине сопствените ограничувања и да се наметне како атрактивна дестинација за глобалните инвеститори.

Во извештајот особено се потенцира дека 2024 година донела значителен инвестициски бран во енергетскиот сектор, што претставува дополнителен потенцијал за идниот економски раст. Тоа не е случајност, туку резултат на систематски креирани политики, транспарентни процедури и создавање амбиент на стабилност и сигурност за капиталот.

Историјата ќе ја памети 2024 година и по уште еден рекорд – над 1,25 милијарди евра директни странски инвестиции, што претставува највисоко ниво од осамостојувањето на Македонија досега. Ова не се само статистички бројки, туку реални пари кои значат нови работни места, модерни технологии и поголем извоз.

Македонија денес е лидер во регионот по привлечени инвестиции по глава на жител, а високото рангирање на светско ниво е потврда дека исправните економски мерки, даночната стабилност и јасната стратегија на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ носат резултати.

Но ова е само почеток. Вистинската цел е Македонија да стане најпосакувана дестинација за инвеститорите во Југоисточна Европа, држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина, а странските компании сигурност за својот капитал.

Владата ќе продолжи со посветеност да работи за секој еден граѓанин, да создава уште подобри услови за домашните и странските инвеститори и да ја постави Македонија на светската економска мапа како земја која го заслужува епитетот „мала, но успешна приказна“.