|
||
| Зубовчани ја одбележаа селската слава „Света Марена“ |
|
Со силна вера, традиција и македонска песна, жителите на Зубовце ја одбележаа селската слава посветена на Света Великомаченица Огнена Марина – Марена, која со векови се почитува како заштитничка на домот и огништето.
Празникот беше проследен со бројни гости – не само од соседните села, туку и од Гостивар, Тетово, Скопје,,, кои заедно со домаќините ја споделија радоста и духот на оваа длабоко вкоренета македонска традиција.
Одбележувањето започна вечерта на 29 јули, кога во дворот на црквата се виеше македонско оро до доцна во ноќта, а ехо од македонските песни ја исполнуваше целата долина. Селото блескаше во боите на македонската традиција, весели деца и многу народ кои ја раскажуваа приказни за значењето на Света Марена низ генерациите. Овој презник во минатото е поврзан со големи горештини и затоа има некои правила на кои населението од Зубовце внимава. На овој ден не се работи ниту дома ниту во поле затоа што се смета, ако се работи може да избие пожар и да се уништи годишната реколта. Преданијата кажуваат дека на овој ден пред години наназад жетвата била во полн ек а зубовчани работеле во поле, им се запалиле копите со жито,и затоа овој ден е прогласен за неработен. На самиот ден на празникот, по света Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше Владиката на Тетовско-Гостиварската епархија, г. Јосиф, заедно со свештеници од Тетово и Гостивар, беше организирана заедничка трпеза. Сите верници се собраа околу скромното, но симболично посно гравче – како чин на благодарност, заедништво и вера.
И по завршувањето на трпезата, одбележувањето продолжи со македонска музика и оро – во духот на вековната македонска традиција која го чува идентитетот и сплотеноста на народот. Света Марена се почитува како силен симбол меѓу Македонците не само во Зубовце, туку и во Туминец, Мала Преспа, каде што исто така се слави со достојна почит и љубов кон светителката.
|