|
||
| Македонскиот идентитет не се гласа, тој се живее! |
|
Вчерашното усвојување на извештајот не значи дека Европскиот парламент не го признава македонскиот јазик или македонскиот идентитет и тоа не треба да се сфаќа така, зашто тие не можат да се земат ни со лобирање, ни со гласање, вели словенечката европратеничка со македонско потекло Ирена Јовева. Но за нас, Македонците, ова не е вест. Тоа е секојдневие. Тоа е живот. Македонскиот идентитет не е предмет на трговија, ниту на политички пазар. Не е нешто што се менува со потпис, со референдум, или со уставна измама. Тој е закован во коренот на народот, врежан во гените на генерации што поминале низ војни, прогони, окупации и поделби. Нашиот јазик, со векови пренесуван од уста на уста, од писмо до писмо, е доказ за непокорот. Не го создаде ни една партија, ни една влада, го создаде народот. И народот е тој што го чува, дури и кога политичките елити се обидуваа да го разнебитат, да го наречат „службен јазик на РСМ“ или да му додадат ѕвездички и фусноти. Затоа денес, кога Европскиот парламент го признава она што ние одамна го знаеме, дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, треба да биде уште еден поттик за државата да престане да се повлекува и да почне да настапува со достоинство. Ние не бараме милост. Ние бараме почит. А почит ќе добиеме само ако самите се почитуваме. Ако самите не дозволиме да се двоумиме дали сме тоа што сме. Оваа влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, има историска обврска, да го врати достоинството на македонското име, идентитет и јазик во институциите, во учебниците, во дипломатијата. Да стави крај на понижувањата што ги видовме изминативе 7 години влада на СДС и ДУИ. Зашто, како што кажа европратеничката Јовева, македонскиот идентитет не може да се избрише. Но, мора да се брани. Секој ден, секој час. Со ум, со срце, и со храброст. |