Сабота, 24 Мај 2025    Печати
Св. Кирил и Методиј–темелот на македонската писменост, култура и духовност

kiril-i-metodij11111

На 24 мај, секоја година, Македонија со гордост се поклонува пред делото на светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските просветители, кои го отворија патот на писменоста, образованието и духовното воздигнување на целиот словенски свет. Но за македонскиот народ, нивната мисија значи и нешто повеќе, темел на нашиот национален и културен идентитет.

Од светите Солунски браќа потекнува нашата азбука, нашиот прв пишан збор, нашето прво Евангелие. Тие се првите кои му дале глас на македонскиот јазик во служба на Бог, верата и народот. Во IX век, кога Европа тонела во темнината на незнаењето и поделбите, тие ги запишаа зборовите на Христовото учење на јазик близок до народот, на говор што се зборувал и на овие простори. Тие ја создадоа глаголицата, а нивните ученици Климент и Наум ја усовршија кирилицата, основата на македонската азбука што ја користиме и денес.

Делото на Кирил и Методиј не е само минато. Тоа е жива традиција. Тоа е темелот врз кој се градеше македонската култура, писменост и духовност во сите векови на угнетување и негирање. Нивната мисија ја пренесоа Охридската книжевна школа, монасите што го чуваа писмото во манастирите, учителите што го бранеа јазикот во бугарските, српските и грчките училишта.

Во времето кога повторно се водат битки за нашиот јазик, за нашето писмо и историја, должни сме со уште поголема гордост да ги чествуваме Кирил и Методиј. Да ги чуваме нивните вредности, слобода, знаење, просветлување и човекољубие. Да не дозволиме фалсификатори да ни ги крадат корените, а политичари без идентитет да го продаваат она што е свето.

Денес, кога некои се обидуваат да ја избришат нашата автентичност или да ја припишат на други, токму Св.Кирил и Методиј се најсилниот доказ за историската посебност на македонскиот народ. Затоа, прославата на нивниот ден не е само церемонија, тоа е завет, обврска и отпор.

Вечно да се одбележува делото на светите браќа Кирил и Методиј!

701 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy