Недела, 29 Август 2021    Печати
ДОСТА ЗА “ЕЗЕРСКИТЕ“, ДАЈТЕ ЗА ЕКОНОМСКИТЕ ДОГОВОРИ!

1 slobodan Пишува Слободан ТОМИЌ

“Успехот е сопнување од неуспех по неуспех, без да го изгубите ентузијазмот“, - рекол Винстон Черчил. Придодаваме: Нашите сопнувања од неуспеси, стануваат закон, од независноста до денес! Има ли воопшто ентузијазам да опстоиме како држава со достоинство и кредибилитет?

Куќата се гради од темел, но здрав и опстоен темел, за генерациите што доаѓаат, не до утре од денес. За тоа е потребна татковата грижа за семејството, бидејќи тој е столбот и анкерот на домот. Така е и со домот Македонија. За беља, од основата се утнаа работите, темелот воопшто не беше за изградба достоинствена и домаќинска куќа во која “децата“ ќе бидат сложни, сите да дадат несебичен придонес домот да опстои низ секакви сцилли и харибди  (.Сци́ллалат. Scylla) и (Хари́бда  Χάρυβδις,  Харибдида) За жал, Македонија во изминатите 30 години помина низ многу премрежија и предизвици. Ниту таткото, ниту децата не водеа грижа за нејзиниот опстој и се’ отиде наопаку.

Кога на самиот почеток немате јасен став дали сакате или не сакате држава, имајќи ги предвид гладните и незаситени ѕверки кои будно демнеа и сеуште демнеат на Македонија за нејзиниот опстанок. Неизбежна е изјавата на Предраг Матвеевиќ, хрватски академик, во неговите записи “Од патот низ Македонија“, во кои вели: “Македонија е изложена на закани од сите страни, повеќе од кој било на овие простори!“

И би закана по закана, Македонија почна да го губи белегот на државност и самодефинирање. Сето тоа се одрази на сите столбови на државата и дојде до дереџе на кое се наоѓа денес. Најпрвин, се заборави дека Македонија во рамките на поранешна СФР Југославија беше една од основачите на Обединетите Нации, Македонија беше потписник на Повелбата на Обединетите Нации од 1949 година. После, сето тоа се фрли во вода како да не било... Наместо сукцесор со правно наследство на СФР ЈУгосалвија заедно со другите републики, Македонија поднесе апликација за членство како да сме држава од сега, а не од 1944 година! Спротивно на меѓународното право и на Повелбата на Обединетите Нации не етикетираа со времено обраќање “поранешна Југословенска Република Македонија“ односно “former Yugoslav Republic of Macedonia“!

И оттука почна македонската трагикомедија која не следи речиси цели 30 години. На 8 септември годинава одбележуваме 30 години од независноста на државата Македонија! Референдунмското прашање беше “Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, одлуката на референдум е задолжителна за сите без исклучок! Е, па, така е, кога ќе дозволите на почеток да го дерогираат вашиот основен принцип на самоопределување и самоидентификација, како основа на меѓународното право и на Повелната на Обединетите Нации!

Се разбира, нема зијан од писмена и образована нација. Радосна вест беше: Македонските Албанци бараат образование на албански јазик на Педагошкиот факултет во Скопје. Кешки да им се удоволеше веднаш, белким немаше да не следи проклетството на војната во 2001 година, која не врати сите назад...

Од политикантски интриги, заборавивме на економијата. А, Господ се’ ни дал. Да ја испеглаш, Македонија ќе ја покрие земјината топка и пак ќе има место за сите на светот. Но, ние ја заборавивме економијата. Како држава и нација ни се случија многу трагедии... Наместо од две добра да го избираме поголемото, станавме заложници на анатемата, од две зла да го избираме помалото, во спиралата која влече надолу, од избори до избори кон полошото...

Останува во сеќавање изјавата на покојниот претседател Киро Глигоров за време на доделувањето на медалот за заслуги во борбата против фашизмот од Руската Федерација: “Сите сакаат да ја приграбат Македонија. Е, па, не може! Ќе се бориме до последен човек, ама тоа нема да можe!“

Така, дојдовме до првиот “езерски“ Охридски рамковен договор после војната 2001 година... Па до наредниот езерски “Преспански“ договор со Атина, договорот со Софија за разнебитување на Македонскиот народ и на Македонија!

Можеби затоа крикот, од бездната во која ја носат Македонија, на генералниот директор на Комерцијална банка, на 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор: “Доста со рамковни, дајте економски договори! Удрете по расипништвото и корупцијата...“

Заслужува аплауз, затоа што го слушнаа и гостите од странство во Охрид, кои беа креатори на сите договори за излез на Македонија од некоја криза во изминатите 30 години: Питер Ван Хојте, Рајнхард Прибе, Штефан Филе, Ричард Ховит, Јиржи Бузек, Сајрус Венс, Метју Нимиц, Јенс Столтенберг, Џејмс Пердју и Сорен Јесен Питерсен, Џорџ Робертсон, Пол Волерс, Џес Бејли, Чарлс Гарет и многу многу други...

Хари Костов на 13 август годинава во Охрид порача: “Ако е точна констатацијата дека Охридскиот рамковен договор е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат нов рамковен или само договор за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десет години, во соработка со науката и бизнис-секторот. Новиот рамковен би значел договор меѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот за мерки за кои ќе постои согласност дека мора да се применуваат независно кој ќе биде на власт!“

Конечно, ако народот е суверен, доста за политиките на отуѓените поглаварства кои сметаат дека народот постои заради нив, а не власта заради народот! И дајте веќе стоп на сиромаштијата и емиграцијата! Во Македонија Господ дал се’ за достоинствен живот! Македонија може да биде држава на богати и среќни граѓани! Македонија може да биде богата држава во Европа и светот!

Затоа сеќавањето за Марк Твен, еден од најголемите и најважните американски писатели: “Секој кој заработува две парички, а троши пет, никогаш нема да биде домаќин, ниту неговата куќа домаќинска!“

Туку, каде сме ние - куќата “Македонија“ - во делот на задолжувањата? Долгот на државата е брзорастечки. Кредитната агенција “Стандард и Пурс“ во својот извештај наведува дека државниот долг ќе продолжи да расте и во 2024 година и ќе достигне 58%, наспроти проекциите на Министерството за финансии кое вели дека долгот ќе се намалува. Ова значи, дека јавниот долг на Република Македонија во следните три години ќе удри нов плафон од 70%! Кредитната агенција посочува и дека стапките на економски раст на среден рок ќе бидат многу пониски од 5% кои ги промовира Владата.

Наспроти тоа, кредитната агенција “Стандард и Пурс“ следните четири години очекува скромен раст од околу 3%, што би значело дека повторно ќе бидеме меѓу земјиоте со најлош економски резултат во регионот. Кредитната агенција “Стандард и Пурс“ во деновиве ја оцени земјава со ББ-кредитен рејтинг, таканаречен “ѓубре“ кредитен рејтинг или “високоризична дестинација за инвестиции!“ Тоа значи, според економските перформаси како економскиот раст и долгот и политичките состојби во земјава, хартиите на вредност кои ги издава земјава и кредитите кои ги зема, се оценуваат како високо шпекулативни за инвеститорите!

Врвни економисти во земјава предупредуваат на сериозни последици по финансиската стабилност и економскиот раст на долг рок поради висината на јавниот долг кој заклучно со 30 јуни годинава изнесува 7,4 милијарди евра или 64,4% од бруто-домашниот производ што неизбежно ја води државата во должничка криза и банкрот! Ова значи дека долгот веќе го надмина планираното ниво за до крајот на годинава, кое според стратегијата за негово управување објавена од Министерството за финансии треба да изнесува 63,9%.

Алармот е веќе вклучен заради порастот на јавниот долг на Македонија и неможноста државата да ги сервисира долговите во земјата и странство!

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека 2019 година сме ја завршиле со јавен долг од 5,54 милијарди евра, додека во 2020 година долгот се зголемил за дури 942 милиони евра со што достигнал 6,48 милијарди евра. Оттогаш и за 6 месеци од годинава, долгот нараснал за 904 милиони евра, односно за година и пол долгот нараснал за речиси 2 милијарди евра! Во 2023 година треба да се вратат 450 милиони евра за еврообврзницата издадена во 2016 година, во 2025 година стигаат за наплата 500 милиони евра за еврообврзницата издадена во 2018 година, а во 2026 година треба да се обезбедат 700 милиони евра за издадената еврообврзница во 2020 година!

Со блокадата на стопанството поради неразумните мерки на владата од пандемијата со корона вирусот, само Господ нека ни е напомош, на сите нам и на Македонија!

Ако на САД им помогнавме во Авганистан со воени мисии и кога не бевме членки на НАТО, ако прифаќаме авганистански бегалци под ризик од ликвидација на талибанскиот режим, бидејќи имаме поголемо срце од многу поголеми од нас, САД треба да ја помогне економската обнова на земјата, исто како што ја помагаше Западна наспроти Источна Германија по Втората Светска Војна! Македонија премногу вложи со промената на името и идентитетот на Македонскиот народ заради ЕУ и НАТО, Вашингтон и Брисел сега не смеат да ја заборават Македонија и Македонците, сите заедно во Македонија!

Уште еднаш: Доста за “езерските“, дајте за економските договори! Им должиме на младите развој и благосостојба, да не заминат сите во странство...