Петок, 20 Август 2021    Печати
Продолжува соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и фондацијата „Конрад Аденауер“

1 VMRO123

 

Средба Мицкоски - Браун: Продолжува соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и фондацијата „Конрад Аденауер“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски заедно со членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски денеска (20.08.2021) остварија средба со Даниел Браун регионален директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС) и Давор Пашовски, претставник на КАС  Македонија.

На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, како и за ситуацијата поврзана со КОВИД-19 пандемијата и новонастанатата ситуација со бегалците од Авганистан.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Македонија нема капацитет и не е подготвена да прими толку многу лица од Авганистан бидејќи власта предводена од СДСМ не може да обезбеди услови за живот за македонските граѓани, камо ли за останатите. Државата тоне на сите полиња, особено на полето на економијата каде трошоците стануваат се поголеми, а граѓаните имаат се помалку пари или ги губат работните места, додека бизнисите се затвораат.

Во однос на КОВИД-19 пандемијата, Мицкоски посочи дека власта заради личните интереси задоцни со набавката на вакцини и со месеци доцнеше процесот на имунизација, за да сега носи мерки кои уше повеќе создаваат поделби во општеството кои ги лишат дел од граѓаните од основните права и слободи, а истите лошо се одразуваат и на бизнисот кој едвај преживува периодов.

На средбата се разговараше и претстојните локални избори при што беше договорено продлабочување на соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и КАС преку обуки и семинари за идните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во општините во Македонија.

Мицкоски се заблагодари за искрената поддршка од КАС во досегашниот период и потенцираше дека фондацијата отсекогаш била искрен и посветен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.