Понеделник, 11 Мај 2020    Печати
Сторијата за Георги Кастриот започнала уште како момче

mjmj

По османското навлегување и зацврстување на Балканскиот Полуостров кон крајот на XIV век, македонскиот народ многу рано покажал дека не ја прифаќа потчинетата положба и дека е способен за борба против освојувачите. Веќе кон средината на XV век пошироката дебарска област, каде што заеднички живеело македонско, влашко и албанско население, била зафатена со востанието предводено од Георги Кастриот – Скендер-бег.

Георги Кастриот (Кроја, 1405 – Леш, јануари 1468) бил благородник од знаменита феудална куќа на Кастриоти, која признавајќи ја врховната власт на Султанот успеaл како вазал да ги сочува своите позиции и владел во средна Албанија и дел од дебарската област. Тој бил син на Иван и на Воисава од Полог, а последните истражувања на оргиналните латински текстови се` повеќе потврдуваат дека има македонско потекло. Таму се сретнува дека тој потекнува од Ематија, која според Јустин е најстарото име на Македонија.

Меѓутоа, без разлика на етничката припаднос, Георги Кастриот – Скендербег е балкански јунак, борец за слободата на верата и народот, кој ги обединил Македонците, Власите и Албанците во заедничка борба против османските освојувачи. Тој како водач на востанието против Османлиската империја успешно се спротивставувал со своите востаници (најбројни биле Мијаци) цели 25 години (1443–1468) и претставува одличен пример како балканските народи заедно можат да се справат со сите предизвици на модерното време.

Сторијата за Георги Кастриот започнала уште како момче

Неговиот татко Иван Кастриот како залог за мир ги дал своите синови на Султанот, а меѓу нив бил и Георги кој бил во најубавите младешки години. Тој бил однесен во Цариград, каде го прима исламот. Иако ја променува верата, тој никогаш не го напуштил христијанството и својата земја, а за потсетување на своето потекло го зема името Искендер по Александар Македонски. Како добар војсководец, сега Искендер или кратко Скендер – бег, ја стекнува довербата на турската власт, која му ја доверува на управување областа на татко му кој починал во 1437 година.

Но, по почетокот на „Долгата војна“ во 1442 година, кога војските на Јан Хуњади продреле длабоко во внатрешноста на Османската империја, Скендер-бег како вазал морал да се приклучи на турската војска. По поразот на Османлиите кај Ниш во 1443 година, Скендер- бег кој бил во турскиот логор му откажал послушност на Султанот и со триста свои војници се вратил во својата татковина.

Сметајќи дека дошло времето за конечна пресметка со освојувачите, Скендер-бег истата година крева востание. По доаѓањето во дебарската област, нему му се приклучуваат локалните првенци и заедно со поголем број востанати дебарски селани, Скендер-бег тргнал на Кроја, кој бил најзначајниот воен и административен центар на целото околно подрачје. Кроја била освоена без поголеми тешкотии, па тој одново се вратил во Дебарско-струшката област, за да го организира општонародното востание. Во таа акција, еден од најблиските соработници му бил дебарскиот првенец Мојсо Големи, потомок на моќната феудална фамилија на Аријанитите.

Востанието се ширело многу бргу и наскоро на 27 ноември 1443 година во Кроја, Скендер-бег се прогласил за поглавар на самостојното кнежевство на Кастриотите. Востаниците на Скендер-бег освоиле голем број тврдини, меѓу кои и Светиград (Коџаџик), која имала особено стратегиско значење. Во жестока борба за оваа тврдина учествувале над 3000 дебарски востаници, предводени од Мојсо Големи.

Дебарската област која била целосно ослободена имало клучна улога во борбата со регуларната османлиска војска. Таа требала да ги прими првите удари на османлиите. На 29. VI. 1444 година во Долни Дебар се одиграла голема битка во која турската војска претрпела страотен пораз, оставајќи на бојното поле 7000 мртви и 500 заробеници. Ударна сила на востаничката војска во оваа битка повторно биле востаниците на Мојсо Големи.

Во истата година Скендер-бег ги обединил и другите феудалци (Дукаѓини, Музаки, Топии и други). Тој формирал воен сојуз во Леш во 1444 година и бил прогласен за капетан. Неговата војска требало да се придружи на унгарска војска која тргнала кон Црното Море за да се спои со Венецијанската флота, но била спречена од деспотот Георги Бранкович. Тој го известува Султанот Мурат за намерите на христијанската војска, по што таа била жестоко поразена во ноември 1444 година, а Јан Хуњади едвај се спасил.

Две години потоа, на 27 септември 1446 година, на дебарската територија дошло до нова голема битка, во која османлиската војска одново претрпела тешки загуби. Во летото на 1448 година, самиот Султан Мурат II ја предводел војската против Скендер-бег. Тие ја нападнале тврдината Светиград, која била бранета од локалните сили на чело со Петар Перлат. Тие пружиле силен отпор, а по долготрајната опсада востаниците ја напуштиле по претходна согласност на Султанот. Но, набргу османлиите ја прекратуваат акцијата, а поголемиот дел од дебарската област и натаму останала во востанички раце.

Скендер-бег станал вазал на Неаполското Кралство во 1451 година, од каде што му доаѓала најголема помош и поддршка. Тоа предизвикало реакција од новиот султан Мехмед Освојувачот, кој во јули 1452 година, кај Охрид концентрирал голема османлиска војска. До прва голема битка помеѓу двете војски дошло кај тврдината Модрич. Во таа битка, како и битките што следеле, востаниците го победиле непријателот, кој морал да се повлече. До повторен судир дошло наредната година. На 22 април 1453 година, во Полог, востаниците предводени од Скендербег и Мојсо Големи, однеле нова победа над војската на Ибрахим-паша. Меѓутоа, во 1455 година Скендербег претрпел тежок пораз кај Берат. Таму тој загубил околу 6000 луѓе. Главната причина за поразот било предавството на неговиот најблизок соработник, Мојсо Големи, кој дозволил османлиската војска непречено да премине преку граничната дебарска област и ненадејно да удри во грбот на востаниците.

Сепак, предавството на Мојсо Големи, не довело до губење на Дебарската област. Месното население му останало верно на Скендер-бег, а кога, на 19 мај 1456 година кај Ороник (Дебар), востаниците одново се судриле со петнаесетилјадна османлиска војска на чело со предавникот Мојсо Големи, последниов претрпел големи загуби и одново преминал на страната на востаниците. Скендербег, пак му ја доверил на Мојсо Дебарската област. Но наскоро, имало нови предавства на видните феудалци, што довело до привремени територијални загуби. Така, благодарејќи на предавство, во рацете на Османлиите паднала тврдината Модрич, која имала слично стратегиско значење како Светиград. По таков начин, на османлиските војски им биле отворени нови патишта за пробив на востаничката територија, па тие веќе во летото 1457 година стигнале дури до градот Леш. Само со ненадеен жесток противудар Скендер-бег успеал да ги порази непријателските војски и да ја разреши крајно критичната положба.

Скендер-бег успеал да ја поврати загубената територија и продолжил да води успешни борби и дипломатски акции за одбрана на стекнатите придобивки. Со поддршка и со помош од западноевропските христијански земји (папата, Унгарија, Венеција, Неаполското Кралство, Дубровник и други), дваесет и пет години успешно им се спротиставувал на Османлиите, победувајќи ги во многу битки.

Венецијанскиот пратеник во Рим, Павле Мавроцен (Paulus Maurocenus, nobilis Venetus), врз искуството на востаниците на Георгија Кастриот, во својот проект за преземање експедиција против Османлиите од 1461/1462 година вели: „...Кога ќе бидат разбиени непријателските сили никој не се сомнева дека цела Бугарија, Србија, Босна, Македонија, Епир, Тесалија, Грција или Атика и Пелопонез веднаш ќе се вратат кон верните, дури веднаш штом војските ќе ги нападнат границите на непријателот, ќе се одметнат и ќе однесат најголема победа над непријателот... Србите и Босанците... Веднаш ќе се одметнат од непријателот и ќе побегнат со дваесет и повеќе илјади вооруженици. Потикнати од овој пример Тесалците, Грците, Пелопонесците, Епириотите и Македонците, сите ќе се одметнат од непријателот и со повеќе од дваесет илјади вооруженици, заедно со нашите ќе се втурнат против непријателот“.

Долготрајните борби со Скендербег го натерале султанот да превземе голема и континуирана војничка акција. На чело на османлиската војска бил поставен искусниот војсководец Балабан-паша, по потекло Албанец од Мат. Во борбите кои започнале во 1465 година биле заробени неколку видни Скендербегови команданти, меѓу кои и Мојсо Големи. Тие биле одведени во Истанбул и свирепо погубени. Смртта на водач на востанието Георги Кастриот - Скендербег, која уследила по тешка болест, на 17 јануари 1468 година во Леш, го навестила трагичниот крај на востанието, кој бил означен со паѓањето на Кроја на 16 јануари 1478 година.

Македонска нација