Среда, 24 Јануари 2018    Печати
Андартската акција во Македонија

etiki-eterija

„Андартската акција во Солунскиот санџак од самиот почеток се одвиваше со  очигледна соработка со локалните турски бегови, полјаци, килдџии, кехаи и професионални разбојници, Турци и Албанци. Кон андартското движење се придружија и цели турски села, како што се Сарѓол, Балџа и многу други. Треба да се забележи дека во сите заеднички грчко-турски акции во Македонија, бандитите не се ограничија само на убиства и опожарувања, туку исто така извршуваа грабежи и други злодела.“ – пишува Христо Силјанов во своите книги посветени на македонското револуционерно движење и ослободителните борби на Македонија,

По поразот во Илинденското востание 1903 година, четите на Македонската револуционерна организација ја продолжија борбата не само со турскиот аскер, туку и со вооружената пропаганда на аспирантите на македонската територија под турска власт. Во текот на 1904 и 1905 година на територијата на Македонија дејствуваат чети на српската и грчката вооружена пропаганда. Во овој период, грчката вооружена пропаганда која ја потикнува омразата на поделениот македонски народ на патријаршисти и егзархисти и со помош на турскиот аскер, башибозукот и арнаутските разбојници врши вистински геноцид врз македонскиот народ.

Христо Силјанов (1880 - 1939), активен деец на Македонската револуционерна организација, кој по Првата светска војна, како историчар пишува книги посветени на македонското револуционерно движење и ослободителните борби на Македонија, во однос на борбите со грчката вооружена пропаганда во текот на 1904  и 1905 година, во продолжение ни дава слика за убиствата и за теророт кој се врши врз македонскиот народ. За настаните од овој период тој ќе забележи:

„Меѓусебното прогонство растеше дури и во самиот вилатески центар. Грчкиот комитет и грчката митрополија во Битола наоѓаа интерес да ја подгреваат омразата на своите приврзеници против (Македонците –н.з.) и Романците, преку постојани предизвикувања и терористички атентати. Под носот на турската полиција, банди, составени главно од погрчените Власи, премногу често предизвикуваа скандали и тепачки по улиците. На 28 февруари, ден на карневалот, една голема толпа беснееше надвор од градот. Непречена од никого, таа претепа неколкумина минувачи и го повреди ... Б. Галев. Истата вечер, таа толпа насилно влезе во егзархискиот пансион за девојки, ги врза и претепа до бесвест слугите, и ограби и опустоши се што можеше. Во сред врескањето и лелекањето, ученичките побараа спас во соседните (егзархиски – н.з) куќи. Фактот дека полицијата се појави со задоцнување од цели два часа, за да го ослободи нападнатиот пансион, даде добар повод странците кои живееја во градот да направат свои заклучоци за непристрасноста на турската власт и особено за неслучајното доцнење на турската војска за време на андартските напади по бугарските села.

Вреди да се забележи дека од десеттината обиди против (Македонците – н.з.) кои се случија во текот на годината, само еден успеа целосно. На место беше убиен гимназискиот учител Хр. В’лканов. Др. Владов, застрелан со четири куршуми, првенецот Данаил Ризов, драгоманот на (бугарското – н.з.) кнежевското агентсво Наум Христов и сите други нападнати, останаа живи.

Се разбира, грчките предизвици не останаа неодговорени. Одделни (Македонци н.з), пак, одговорија на нападите со напади. Двајца истакнати членови на грчкиот комитет, Тирче Танти и Михаил Папајани, беа убиени со одлука на самата Организација. Извршителите не беа уапсени, но полицијата уапси десетина (Македонци н.з). Уште на третиот ден по атентатот, вонредниот суд осуди двајца од уапсените, Петар Христов и Стојан Христов, на смрт со бесење. Пристраноста на судот беше така демонстративно што цивилните агенти сметаа дека е нужно да се запази за законската постапка.“

Хрусто Сиљанов наведува дека „според англискиот мајор Војвани, кој неколку недели патувал низ Костурско и другите области, бројот на андартите кои дејствуваа во 1905 година во битолскиот вилает изнесувал 800-1000 лица. Меѓутоа, тој наведува и една друга статистика на А. Тошев, во која се вели дека „од почетокот на андартската акција до пролетта во 1905 година, околу 2.800 андарти ја преминале грчката граница.“

Македонската револуционерна организација лесно би се справила со андартските чети без разлика на нивниот број доколку ја немале поддршката на локалните турски власти. Сиљанов за оваа поддржка и за злоделата кои се извршени врз македонскиот народ вели:

„... Андартската акција во Солунскиот санџак од самиот почеток се одвиваше со  очигледна соработка со локалните турски бегови, полјаци, килдџии, кехаи и професионални разбојници, Турци и Албанци. Кон андартското движење се придружија и цели турски села, како што се Сарѓол, Балџа и многу други. Треба да се забележи дека во сите заеднички грчко-турски акции во Македонија, бандитите не се ограничија само на убиства и опожарувања, туку исто така извршуваа грабежи и други злодела.

Davelis-Underwood

Најголемото грчко-турско злодело во 1905 година беше извршено на 4-ти јануари во селото Мрвенци, Дојран. Околу 40 разбојници, Турци и Грци, го нападнаа селото и заробија 26 први селани под изговор дека ќе ги однесат во Дојран. Во исто време, сите куќи беа ограбени, а една невеста, Велика Христова, беше силувана од грчки капетан. На околу четврт час од селото врз селаните беше пукано. Дванаесет лица на место беа убиени и двајца сериозно ранети.

На 3 март, андартите ја нападнаа и ја уништија со динамит до темели куќата на свештеникот Ив. Митов во селото Попово, пак Дојранско.

Грчко-турската банда беше формирана и за дејствување во Петричко, со таа разлика што таму бандитите не ги напаѓаа села, но ги убиваа (Македонците – н.з) по патиштата и во полето. Во текот на месец август, кај селото Клуч, беа најдени мртви телата на четворица (Македонци – н.з) што беа убиени од споменатата банда.

Во овој период, во целиот санџак најмногу жртви даде и најмногу борби против андартите и војската се водеа во Воденската околија. За тоа сведочат, според една статистика на Воденскиот револуционерен комитет објавена во „Македонсо-одрински преглед“ ( г. I, бр. 8, 10. Х. 1905.) следните бројки:

Од 26 септември 1904 до 1 јули 1905 година, односно во текот на 8 месеци, воденските чети имале 12 борби со андартите, при што имаа двајца убиени и двајца ранети четници, а од населението под андартскиот нож и куршум загинаа 33 (Македонци – н.з.) и 8 Власи. Така на пример во август, андартската чета на најбрутален начин убија 6 лица од селото Месимер, кога одеа со својот свештеник на богослужба во манастирот Св. Троица. На 24 септември, антарската чета сретнала меѓу селата Влкојаново, Лесковец и полето 22 (Македонци – н.з.) и убила голем дел од нив и т.н.

Во 1904 година, борби се случиле на следните места: во с. Месимер на 26 IX ; Полјани 14. XI., Гугово 18. XI., Бахово 7. XII; во 1905 година - манастир Св. Продром 30. I. Месимер 2. II. Месемер 24. III., Галишани 13. IV., Георгиеви колиби  на Ниџе Планина 7. V., Граматиково 22. V, Галишани 30. V, и Епископија 27. VI.)

Во периодот од 21 февруари до 1 август 1905 година (воденските чети – н.з) водеа 7 борби со аскерот. Тие се борбите кај: селото Месимер на 21. II., селото Жерве 11. III.,  селото Цармариново 27. VI., Месимер 27. VI, Градешница 5. VII., Пожарско 10. VII., Луковец 1. VIII.

Во текот на 5 месеци, 10 четници беа убиени и 7 ранети.

Во истиот период, непосредно после борбите од војска и башибозук или поединечно од Арнаути и Турци, од населението загинаа 61 лица. Поголемиот дел од жртвите биле дадени во селото Герва на 11. III. 1905. Бесни поради неуспехот во борбата со локалните војводи Џоле Стоичев, уште наречен Агеш Паша и Тане Горниковски, аскерот го запали целото село. Од сите 45 куќи останале само 4, а од населението загинаа, убиено од армијата и башбизука или живи изгорени, 54 лица, мажи, жени и деца...

Во текот на десетина месеци, меѓу населението имаше 102 загинати и 5 ранети.“

Меѓутоа, етничкото чистење на Македонците кое го спроведувааа четите на грчката вооружена пропаганда по Илинденското востание не застануваат тука. Тие со несмалена жестина ќе продолжат да дејствуваат.