Среда, 09 Август 2017    Печати
10. Август 1913 година – денот на трагичната поделба на Македонија

podelba

Македонија е библиска, света земја. Таа со својата древност и милениумска вековитост е гордост, радост и тага, сон и јаве за секој Македонец. Нејзината географска положба ја прави крстосница на различни цивилизации, религии, традиции и обичаи. Не случајно на многу трговци и каравани тука им поминувале патиштата, а за многу воени експедиции, војски, победници и поразени таа била многу вековен мегдан. Тоа значи дека секој камен, секоја грутка црна земја, секоја река и планина, зборуваат за бурната историја на Македонија. И денес Македонија сè уште во себе крие многу тајни од минатото, кои, веројатно ќе бидат предизвик за наредните генерации.

За историскиот развој на Македонија, од античко време па до денденес, пишувале голем број странски и домашни автори. Некои се обиделе да ја искриват македонската сторија, а некои лесно ги презентираат историските факти за Македонија и македонскиот народ. Македонија е земја на премрежиња, но и земја на убавини, земја на мистерии и опстојувања, каде што силните луѓе преживеале војни, глад, ос- војувачи, навреди, империи, притоа зачувувајќи ја волшебноста на своето име. Од величествените времиња на Филип и Александар Македонски, преку римските и византиските владеења, преку големите миграции на Словените на југ и потпаѓањето под Отоманската Империја. Низ овој долг и богат временски период само два народа го избра- ле името на оваа земја за нераз- двоен дел на својот идентитет – древните Македонци и Македонците денес, а тоа претставува силна врска која датира од пред милениуми, укажувајќи на посветувањето на овие народи на својата библиска земја.

Со името Македонија уште во античките времиња се означувала една мала покраина во непосредна близина на Пела, денешното село Постол –   престолнината на античкото македонско царство. Таа ја опфаќала земјата меѓу денешното исушено Пазарско Езеро и долниот тек на реката Вардар. Но, со проширувањето на грани- цата на македонското царство, постепено пораснала и областа означена со името Македонија, која античките Македонци ја делеле на Горна и Долна Македонија, пред сè, поради географските карактеристики на просторот. Меѓутоа, таквата поделба на Македонија имала политичко, културно, воено и административно значење. Затоа, Македонија како историско и географско подрачје се споменува како земја на неколку места и во Библијата.

Меѓутоа, најголем територијален, политички, воен и економски подем и процут, незапаметен и незабележан каде било на друго место на планетата Земја, Македонија доживеала во времето кога на престолот дошол најуспеш- ниот мудрец, стратег, војсководец и бестрашен борец Александар III Македонски (Велики). Бил роден во Пела, од таткото Филип и мајката Олимпија Епирска, во јули (златец) 356 година пред Христа, од династијата Аргеади.

Стекнал слава на генијален стратег, воин, војсководец, мудрец и визионер за голема светска држава. Со своите успешни воени походи ги покоил Анадолија, Сирија, Египет, Персија и Месопотамија, проширувајќи ги границите на Македонија сè до Авганистан и Индија. Под неговата команда на илјадници километри квадратни биле бројни држави, царства, империи, племенски за- едници, народи и нации.

Насекаде каде што војувал и освојувал, тој во- ведувал посебна власт и управа, при што ги почиту- вал и локалните традиции и обичаи. Истовремено бил иницијатор и организатор на големи градителски подвизи. До ден-денес останале траги од некои имиња, градови, места и обележја подигнати во Александровото време.

Меѓутоа, Македонија беше брутално нападната, окупирана и поделена од своите соседи Грција, Србија и Бугарија; поделба потврдена од страна на го- лемите европските сили на 10 август, 1913 година, со Букурешкиот договор.

Познато е дека Македонците постоеле во 1912 и во 1913 година година. Всушност, целиот свет знаел дека Македонците постоеле дури и пред тоа, бидејќи читале за нив во весниците. Целиот свет читал за Илинденското востание од 1903 година и за тоа како македонскиот народ се обидува да се ослободи од турското ропство! Денес имаме стотици исечоци од весници од тоа време, практично од секој голем весник во светот, кои, без сомнение, докажуваат дека Македонците постоеле во 1903 година, само една деценија пред Македонија да биде поделена од соседните земји.

Во тој период национализмот беше популарен и усвоен од страна на многу земји, меѓутоа, ретко која земја беше хомогена, односно беше реткост сите луѓе во рамките на границите на една држава да припаѓаат на една нација. Во практична смисла, секогаш ќе постојат луѓе кои припаѓаат на други нации; или она што денес го нарекуваме „малцинства“.

Во тие денови не било пожелно да се има малцинства во нечија земја и имало силни обиди од страна на властите да го хомогенизираат населението со интегрирање на малцинствата во мнозинството. Се сметало дека ако сите луѓе кои живеат во границите на една земја припаѓаат на една иста нација нема да има разлики меѓу луѓето што ќе ги разделуваат и тоа ќе ја направи земјата посилна.

Значи, филозофијата на XIX век диктирала дека е подобро да постои една држава, една на- ција и еден народ, бидејќи на тој начин земјата би била силна. Затоа владите и властите се стремеле кон асимилација на малцинствата во мнозинството и кон создавање на една хомогена нација во секоја земја. За жал, тоа било спроведувано во брутални околности без да се води сметка за уништување на културите.

Кај некои земји, како Грција и Бугарија, оваа практика продолжува и до ден-денес, бидејќи тие сė уште веруваат дека нивните земји ќе ослабнат и ќе се распаднат, како Југославија, доколку ги признаат сите етнички заедници кои живеат во нивните граници.

Големите сили се согласиле дека не сакаат Отоманската Империја да биде заменета со една единствена голема држава. Една голема држава би била потенцијална опасност за нив во иднина. Затоа, сите тие се согласиле дека Отоманската Империја мора да се распадне на помали компоненти. Тие, исто така, се согласиле дека овие компоненти ќе треба да се поларизираат, така што ќе се мразат едни со други и никогаш ќе нема никаква можност за нивно обединување. Освен тоа, тие требало да бидат со приближно еднаква големина, така што ниту една компонента не ќе има способност да доминира или да ја проголта која било од другите доколку избие војна меѓу нив.

Сепак, во Македонија, Македонците веќе знаеле дека тие се Македонци и деца на Александар Велики, како што се нарекуваат во многу прилики. Значи, намамувањето на Македонците да веруваат дека се Грци, Срби и Бугари, а сето тоа во исто време, се знаело дека нема да биде лесна задача. Но, тоа не ги спречило нашите соседи да се обидат!

Кон крајот на XIX век на Грција, Србија и Бугарија им било дозволено да основаат свои „национални“ цркви во Македонија. Македонците, исто така, се обиделе да формираат македонска црква, но не им било дозволено од страна на османлиските власти, главно, поради протестите на другите цркви кои не сакале да се воспостави македонска црква.

Во тие денови, под турска власт, црквата била највисока власт што владеела со државата, слична на она што се владите денес. А бидејќи немало македонска црква, македонските христијани можеле само да припаѓаат на грчката, српската или на бугарската црква. Значи, ако некој припаѓал на една од овие цркви се претпоставувало дека тој припаѓа на ‘националниот‘ идентитет поврзан со таа црква.

Значи, според процената на нашите соседи „немањето призната македон- ска црква значело дека македонскиот идентитет не постои“. Оваа идеја беше уредно спакувана од Грција, Србија и Бугарија и се продаваше на целиот свет. Денес, имаме откриено бројни пописни извештаи објавени од страна на Грција, Србија и Бугарија, кои велат дека „никакви” Македонци не живееле во Македонија пред, за време и по 1903 година! Сега знаеме зошто. Бидејќи овие пописни извештаи се базираат врз верската припадност, а не врз етничката припадност.

Тие, исто така, го нападнаа македонскиот јазик, единственото живо нешто што останало како доказ за македонското постоење. Најтешките мерки против македонскиот јазик биле преземени во текот на годините на диктаторот Метаксас, откако дошол на власт на 4 август 1936 година. Во текот на тој период, грчкиот режим остро се спротивставил на употребата на македонскиот јазик и остро ги казнувал и затворал оние кои зборувале на македонски јазик било во јавност или дома.

Ние сме Македонци затоа што ние, нашите татковци и мајки, нашите дедовци и баби и многу генерации мажи и жени пред нив, кои биле родени во Македонија, биле Македонци, бидејќи земјата на која сме родени, во која сме пораснати и во која почиваме се вика Македонија! Нам не ни требаат нашите непријатели да нѐ дефинираат и да ни кажуваат кои сме ние, а кои не сме! Ние сме Македонци бидејќи тоа е токму она што сме.

Во 2013 година, ја одбележавме 100-годишнината од поделбата на Македонија. Ако балканските војни во 1912 и 1913 година беа предвесник на ослободувањето на Македонија, тогаш Договорот од Букурешт, од 10. Август 1913 година, ја одбележа нејзината трагична поделба меѓу Грција, Србија (поранешна Југославија) и Бугарија. Кога Договорот од Букурешт од 1913 година беше потпишан, Македонија зафаќаше површина од 66,474 км2 од кои 25.713 км2 (денешна Република Македонија) со околу 1,6 милиони македонски народ, беа доделени на Србија (поранешна Југославија). Грција го доби јужниот дел на Македонија од 33,953 км2, нешто повеќе од половината од Македонија, со население од околу 300.000. Североисточниот дел на Македонија, кој опфаќа 6,808 км2, со околу 200.000 македонско население, му беше доделен на Бугарија.

Ако балканските војни ѝ донесоа слобода на Македонија од Отоманското Царство, тогаш Договорот од Букурешт од 1913 година донесе поделба, дена- ционализација, невидена асимилација и прогонување на илјадници Македонци од домовите и огништата на нивните предци. Затоа, нека 2013 биде година на поништување на невалидниот Договор од Букурешт од 1913 година и година на остварување на нашите соништа за обединување на сите Македонци во етничка Македонија.

Пишува:
Пишува:СЛАВЕ КАТИН