Среда, 06 Мај 2015    Печати
Свети великомаченик Георгиј Победоносец (Ѓурѓовден) 6. V/23. IV.

Празник на обновувањето на природата и на животот воопшто

st George iconПразникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот (или на 23 април според стариот) календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Свети Георгиј бил убиен на 23 април (според стариот календар) односно на 6 мај (според новиот), 290 година и на овој ден секоја година се празнува споменот на великомаченикот. Освен овој празник нашиот народ празнува уште два празника посветени на овој великомаченик и тоа на 16 /3 ЏИ денот кога е обновен храмот на св. Ѓорѓи, празник на познат како Ѓурѓиц и на 9.XII/26.XI. Празник познат под името св. Георгиј Посен.

На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето.

Во животот на нашиот човек со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. Кај нашиот народ на Ѓурѓовден се главуваат момоци, овчари, козари, говедари, потоа селски одборници, полјаци, протуѓери и сл. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките, на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно место заземаат песните познати како билјарски песни што се пеат при берењето на билките. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките.

Вечерта спроти Ѓурѓовден се оди на потка во блиските планини. Се бере кукурек и други билки. Еден машки кукурек самак (на едно место да има само еден корен) се врзува со црвен конец и се остава да стои преку ноќта, а утрото на самиот ден Ѓурѓовден кога пак се оди на билје тој кукурек со мотика се откопува од корен. Со коренот преку целата година се лекуваат разни болести кај стоката. Додека се бере кукурек и други билки (здравец, вратика, гранки од леска, даб и др.) се пеат многу песни познати како билјарски песни.

Ајде на билје бела Билјано,
Билје да бериш стадо да крмиш,
стадо да крмиш стадо братово,
стадо братово од брат Јанкула.

Со кукурекот се запотнуваат не само куќите плевните, туку и амбарите, плуговите, ношвите, бутинот, каците, бочвите и сл. Од разните билки утрото на Ѓурѓовден се крми стоката и се верува дека  стоката накрмена на овој ден и со овие билки ќе биде поотпорна на болести во текот на целата година.

Вапсувањето на јајцата со црвена боја има посебно место во ѓурѓовденските обичаи исто како и во велигденските. Јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој не смее да ги види се до утрото. Утрото пак кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите: „Црвено бело дебело”.

Посебно значаен обичај што се изведува на Ѓурѓовден е нишањето или лулањето. На дрвата, гредите и сл. се обесуваат ортоми и децата како и повозрасните девојки и момчиња како и млади невести се нишаат. Лицето што е на нишалка со себе носи црвено јајце за да е бело и црвено како јајцето. Во Мариово пак тие што се нишале во рацете држеле и сребрен-предмет (најчесто прстен) потоа коприва, огојка (трева) и камен.

Во верувањата поврзани со Ѓурѓовден важно место има легендата според која свети Ѓорѓија ја убил ламјата. Оваа легенда што нашла место и на фреските и иконите во повеќе цркви во Македонија опеана е и во некои песни и раскажана во некои преданија. И во другите митолошки песни ламјата е опеана како негативен демон кој ги уништува летните посеви.

Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден оние со билките, оние што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на природата и сл. упатува на сознанието дека Ѓурѓовден е пред се сточарски и земјоделски празник, а Свети Ѓорѓија е воспеан како небесен клучар кој, како што се пее и во  песните, ја отвора земјата, ја пушта росата за да биде топло летото и бујно житото. Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне упатуваат на тоа Ѓурѓовден да го сметаме за сточарски празник. Како и да е очигледно е дека се работи за голем празник во кој следиме повеќе слоеви од народната култура.

Народна песна

Од гранка в гранка, ај Ѓурѓе ле,
јунаку в рака.
Викум вукаше фидан Јован, Ѓурѓе ле:
- Кротко фрлајте, ај Ѓурѓе ле,
моето моме!
Да не ми падни, ај Ѓурѓе ле,
да се отепа.
Јаже јажливо, ај Ѓурѓе ле,
дрво црвливо
дрво шупливо, ај Ѓурѓе ле,
место  камливо.
Чекај ја чекај, фидан Јован,
у десна рака,
у десна рака фидан Јован
у лева пола.