На денешен ден пред сто и седум години загинал еден од најголемите великани на македонската историја Миле Поп Јорданов. Речиси и да не постои Македонец кој што не ја знае песната Болен ми лежи Миле Поп Јорданов, песна која народот му ја отпеаа на овој славен македонски војвода, со што сакаше да му се одолжи но и на полесен начи да ја преболи неговата херојска смрт. Роден е во Велес во 1877 година а се школувал во Битолската гимназија и Духовната семинарија во Цариград. Бил исклучен од обете образовни институции поради својот бунтовнички темперамент. И откако се враќа во својот роден крај се посветува на учителската дејност. Како активист во револуционерната организација, се вклучил во реонската чета која дејствувала во Радовишко. Загинал под трагични околности како жртва на непријателска заседа во близина на родниот град. Имено не сакајќи жив да падне во рацете на непријателот се самоубил. Бил македонски револуционер и просветен деец и член на ТМРО. Брат, на познатиот велешки гемиџија Јордан Поп Јорданов и на Петар Поп Јорданов.
По повод 107 годишнината од смртта, на овој македонскиот револуционер, денеска ќе се одржи панихида на неговиот гроб кој се наоѓа во црквата „СВ. Пантелејмон“. На панихидата ќе чиноначалствуваат свештеници од велешкото архиерејско намесништво. Во Среда во негова чест ќе се одржи и традиционална крводарителска акција во Одделението за трансфузиологија. Денешното чествување го организира окружниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во соработка со општината и епархијата Повардарска. Не случајно одбележувањето на смртта од Миле Поп Јорданов се случува во Велес, тоа е неговот родно место, каде неговиот лик и дело никогаш нема да бидат заборавени. А како доказ за тоа е и тоа што песната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ од пред некоја година е прогласена за официјална химна на Општина Велес.
М.М.
Болен ми лежи Миле Поп Јорданов
Болен ми лежи Миле Поп Орданов (х2) над глава му стои стара му мајка, жално го жали, милно го плачи.
Стани ми, стани, мое мило чедо, (х2) твојте другари по сокаци одат, жални песни пеат, тебе те спомнуват.
Бог да го прости Миле Поп Орданов, (х2) Миле Поп Јорданов за народ загина, за народ загина, за Македонија.
Неговите сестри в' црно облечени, (х2) свадба ќе прават, брата ќе женат, брата ќе женат за Македонија.
Неговата мајка в' црно облечена, (х2) свадба ќе прави, сина ќе жени, сина ќе жени за Македонија.