Среда, 28 Јануари 2026    Печати
ПРЕЧЕКАЈ МЕ СЕСТРО

Naum Trajceski copy

Наум Трајчески

ПРЕЧЕКАЈ МЕ СЕСТРО

 

Си доаѓам сестро

на старото огниште,

пречекај ме како мајка

кога дома ме чекаше.

 

Да си појдеш во градина

китка цвеќе да набереш,

влезна порта да закитиш

на гороцвет да мириса.

 

Пред вратата да постелиш,

ткаен килим од мајкините,

на килимот ѓумче вода

со босилче и чаша вино.

 

Со бел тулбен забули се

во бело руво промени се

оган силен да разгориш,

в'грнче гравче да клокоти.

 

Во двор кога ќе пристигнам

на прагот татков пречекај ме

солза немој да испушташ,

само од срце прегрни ме.

 

Прегрни ме како сестра,

стопли ми душа како мајка,

запеј песна од татковите

и широко врата отвори ми.