Среда, 11 Ноември 2020    Печати
САВО КОСТАДИНОВСКИ: МОЈОТ БАЛКАНСКИ БАЛКАН

1Savo

САВО КОСТАДИНОВСКИ: МОЈОТ БАЛКАНСКИ БАЛКАН

Сонот на Европа

е мајчински и татковски -

тој сака да ги прегрне

сите нејзини народи.

Но, што кога

во грлото

на химната на Европа

гласот на Балканот

како коска ѝ застанува

та со Балканот

и Библијата

пред светот се срами

штом

и од најмала искра на зборот

може војна да разгори.

Затоа

историјата на Балканот

вечно носи црна шамија

по балканските простори -

простори

по кои и на поетите

не им е лесно

да пишуваат песни

оти за секој стих

им треба компас.

Всушност

на Балканот

некои политичари

државници

војсководачи

и со коските на хероите

ги околчуваат

границите на нивната татковина...

Но, ако се осмелиш

со очите на Балканот

да ја погледнеш

балканската историја

тогаш в раце

цел свет ќе ти потемни.

Впрочем

и војните

овде

како да се вградени

во некаков балкански код

посебно во времињата

кога и зборот

во народот се криел -

за да преживее

пред идеите натопени со крв.

А и тоа е вистина -

како што и смртта

не го заборава човекот

така и историјата

нема да го заборави Балканот

иако

на Балканот е сместен

разбој

кој вечно ткае

парче

од најнечистата историја на светот...

Сепак

Европа е таа

која сè уште

на Балканот „му бае“

за да го следи

добро здравје

и за разумот да не го напушта.