Среда, 27 Март 2024    Печати
Јазикот ни беше

Јазикот ни беше сабја
И штит и кубур и кама
И до ден денешен така ни остана.
Ни беше, и ни е,
Песна за радост
И молитва на мака,
И до ден денешен ни остана така.

Тој ни беше и ни е и мелем за рана
И билка за болка,
И рајска птица, и горска самовила.Ни беше и ни остана феникс,
Што од пепелта своја се раѓа,
Со кога Македонија уште не паѓа.

Јазикот ни беше а уште колку ќе ни е
Чувар на корените наши!
Само со јазикот ни беше и уште ни е
Целокупна татковина
Неиспарчена Македонија.

Јазикот ни беше и ни е
Врата и прозор на душата.
Ги заѕидуваме ли со туѓи зборови?
Се одмакедончуваме ли?

Не е вредно колку сме гласни на радост
Или како плачеме на македонски,
Туку како го чуваме
И дали со возвишена гордост
Го предаваме на тие по нас?

Колку што си го чуваме јазикот,
Песната и азбуката,
Толку си ја заслужуваме
И ќе си ја имаме Македонија.

 

jazikot

Автор: Крсте Наумовски – Мечкар

Мелбурн, Австралија