Среда, 12 Јуни 2013    PDF Печати Е-пошта
Ѓеорѓи Шоптрајанов

gorgi-soptrajanovЃеорѓи Димев Шоптрајанов (2. II. 1907  – 2001) е македонски филолог, општественик и културно-просветен деец, универзитетски професор, еден од најголемите македонски франкофони и научник од светско реноме. Тој бил добар пример како големите македонски интелектуалци остануваат во служба на својата татковина.

Ѓеорѓи Шоптрајанов е роден на 2 февруари 1907 година во Велес. Тој бил најмалото дете на Диме и Пандора Шоптрајанов. Основно училиште и гимназија завршил во родното место. Како талентиран и авторитетен ученик, Георги станал претседател на подмладокот на Црвениот крст во велешката гимназија, а го основал и бил прв претседател на Литературниот кружок „Надеж“ („Нада“). Иако Кочо Рацин не бил ученик на гимназијата, Ѓеорѓи му овозможил на својот другар да гостува на литературните кружоци и да ги изнесува своите творби на македонски јазик. Ѓеорѓи уште тогаш собирал народни умотворби, кои ги забележувал од мајка му и од постарите жани, а таа своја љубов му ја пренел и на Кочо Рацин.

Следејќи ја партиската дејност на браќата и нивните соработници, задоен со револуционерни идеи, Ѓеорѓи Шоптрајанов се приклучил на кумунистичкото младинско движење и станал член на СКОЈ во 1924 година. Својата револуционерна дејност тој ја продолжил во Скопје каде заминал на студии.

Во периодот од 1926 до 1930 година, Ѓеорѓи студирал на скопскиот Филозофски факултет. Продолжувајќи со своите активности, уште во текот на првата година во 1927 година, тој бил основач и секретар на Академското потпорно друштво, а исто така бил и основач и претседател на литературниот кружок „ЛИПИК“ (Литература, поезија и критика), кој всушност претставува зародиш на Друштвото на писателите на Македонија. Иако се` уште ја немал завршена втората студиска година, како надарен и вреден студент, Ѓеорѓи Шоптрајанов бил избран на 4 мај 1927 година за асистент и воедно е првиот Македонец со универзитетско звање.

Во 1927 година како студент и секретар на Академското потпорно друштво при тогашниот Филозофски факултет во Скопје, Шоптрајанов по повод Први мај ја организирал првата групна посета на древниот Охрид. Со оваа посета започнува да се развива организираниот туризам во Охрид и Македонија, како и формирање на свеста за односот кон културното наследство. Всушност, Ѓеорѓи Шоптрајанов е првиот кој ја внесува националната компонента за зачувување и валоризирање на македонското културно-историско и духовно наследство, средновековното ѕидно и иконописно сликарство.

Ѓеорѓи Шоптрајанов дипломирал во 1930 година, а потоа работел како како средношколски професор по француски јазик во повеќе градови на тогашното Кралство Југославија. Во 1932 година добил стипендија од француската влада за специјализација по француски јазик и литература. Шоптрајанов престојувал во Дижон, Женева, Париз и други француски градови, а потоа неговите професори од Сорбона го испратиле во Бургундија на научно-истражувачки студии за животот и делото на Етјен Табуро, деец од епохата на францускиот хуманизам и ренесанса. Во 1935 година Ѓеорѓи Шоптрајанов докторирал на тема „Етјен Табуро Дезакор - живот и дело (1549-1590)“ [„Etienne Tabourot des Accords étude sur la vie et son oeuvre litéraire (1549–1590)“] и станал првиот Македонец, доктор по лингвистички и литературни науки.

Иако му било понудено да работи на универзитетските центри во Франција и Европа, д-р Ѓеорѓи Шоптрајанов кој имал голема желба да му помогне на својот народ ја одбил големата чест и се вратил на Филозовскиот факултет во Скопје. По враќањето од Франција, тој ја развил богатата педагошко-научна дејност на скопскиот факултет.

Покрај наставно-научна дејност во Македонија, д-р Шоптрајанов се поврзал со напредни студенти и револуционери со кои развил разновидна политичка пропагандна дејност. Со успех го превел и поставил на сцената делото „Вообразениот болен“, а по негова иницијатива и со помош на Страхил Гигов и Васил Антовски Дрен на 14 јули 1939 година во Скопје била објавена публикацијата „150 години од Француската револуција“. Во 1940 година тој се појавува како еден од инспираторите на студентското движење и штрајкот на студентите на Филозовскиот факултет во Скопје.

Активноста на д-р Шоптрајанов го привлекува вниманието на полицијата и воените власти кои го квалификуваат како политички сомнителен. Пред Втората Светска Војна воените власти често го повикуваат на воените вежби, а пред Априлската војна која започнала на 6 април 1941 година бил мобилизиран во единица составена исклучиво од комунисти. По распадот на тогашната југословенска армија, тој се повлекол во Куманово, а потоа дошол во Велес.

За да може да ја продолжи својата професорска активност под бугарските окупациски власти, д-р Шоптрајанов морал да заврши „посебен“ курс по бугарски книжевен јазик во Софија. Запознати со неговата научно-истражувачка работа, како и тоа дека тој владее со повеќе јазици, Софија му понудила на д-р Шоптрајанов да биде избран за професор на Софискиот универзитет. Но, како и француската, д-р Шоптрајанов ја одбил бугарската понуда и претпочитал да се врати во својата сакана Македонија.

Во тешките воени времиња тој се движел на релација Велес – Скопје и соработувал со НОАВМ и бил член на АСНОМ. По ослободувањето, д-р Шоптрајанов бил именуван за прв директор на новооснованата Народна библиотека во Скопје и бил член на Првата комисија за јазик и правопис која е основана од Президиумот на АСНОМ во ноември 1944 година со цел да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик.

Во текот на расправите во Првата комисија за кодификација на македонскиот јазик, д-р Ѓорѓи Шоптрајанов заедно со Венко Марковски, Ѓорѓи Киселинов и други, се залагал јазикот на македонското централно подрачје да биде земен за основа на македонскиот литературен јазик и бил против обидите во азбуката да се земат некои српски букви. Откако од страна на Президиумот на АСНОМ препораките на Комисијата биле отфрлени, д-р Шоптрајанов во знак на протест го откажал своето учество во Втората комисија за јазик и правопис.

Од 1944 до 1946 останал на местото директор на Народна библиотека во Скопје, а по формирањето и започнувањата на предавањата во декември 1946 година тој е еден од првите пет професори кои предаваат на Филолошкиот факултет во Скопје (Блаже Коневски, Михаил Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ, Љубен Лапе и Ѓорѓи Шоптрајанов). Тој е основоположник на Катедрата за романска филологија на Филозофскиот факултет во Скопје и професор по француски јазик и книжевност.

Проф. д-р Шоптрајанов предавал и на универзитетите во Безансон и Клермон-Феран во Франција. Тој бил општествено-политички активен и бил член на Градската конференција на ССРНМ – Скопје и Главниот одбор на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (ССРНМ), а членувал и раководел со повеќе домашни и странски стручни и научни асоцијации. Претседавал со Друштвото на библиотекарите на СРМ и Здружението на наставниците за странски јазици на СРМ, а бил и член на СИЗ за образование на СРМ. Потоа бил дописен член на Академијата на науките, уметностите и книжевностите во Дижон, почесен член на Академијата на науките, уметностите и книжевностите во Безансон, почесен доктор во Клермон-Феран, Париз, Безансон и Франш-Конте. Автор е на книги, учебници, статии и други прилози. Превел и голем број книги од француската литература. Носител е на бројни одликувања, награди, плакети и благодарници меѓу кои наградата „11 Октомври“ за животно дело, Витез на легијата на честа и Офицер на легија на честа на Француската Република (1976).

Проф. д-р Ѓеорѓи Шоптрајанов во текот на животот со својот научен пристап даде огромен национален придонес во развојот на јазикот. Почина во 2001 година.

Тихомир Каранфилов

 

На прво место

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.