Среда, 16 Февруари 2011    PDF Печати Е-пошта
Борис Трајанов

Boris-TrajanovБорис Гогов Трајанов, (Љубљана, Словенија, 4.XI.1959) – е оперски певец, познат македонски светски баритон. Пеење учел со татко му Гога Трајанов, со Бисерка Цвеиќ во Белград и со Пиер Миранда Фераро во Милано. Дипломирал соло пеење на ФМУ во Скопје, а магистрирал во класата на Бисерака Цвеиќ на Музичката академија во Белград. Покрај музичките студии дипломира и на Математичкиот факултет во Нови Сад во 1986 година. Во операта на МНТ работи од 1985 до 1988 година, по што ја започнува својата интернационална кариера. Настапува како баритон во околу 50 улоги во околу сто оперски куќи во светот со над 750 настапи, како и на повеќе телевизиски и радио станици. Бил првенец на Белградската опера и на Државниот театар во Карлсруе, Германија. Добитник е на повеќе награди, домашни и интернационални, меѓу кои и титулата амбасадор Уметник на мирот на УНЕСКО во 2005 година.

Борис Трајанов е роден на 4 ноември 1959 година во Љубљана, Словенија, во периодот кога неговиот татко Гога Трајанов, учел соло пеење кај професорот Бетето. Израснат покрај татко Гога,  кој работел како солист во Операта на МНТ од 1951 до 1983 година, Борис Трајанов од најраното детство сонува за професијата оперски пејач.

На самиот почеток студира пеење со неговиот татко Гога Трајанов, тенор со карактеристичен силен, пробивен, метално обоен глас, кој се смета за еден од најголемите македонски оперски дејци на сите времиња. Борис ужива во секој момент поминат во салата за проби и на сцената. Соло пеење дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје кај Благоја Николовски во 1985 година, а магистрира во 1989 година во класата на Бисерка Цвеиќ на Музичката академија во Белград. Во меѓувреме дипломира  и на Математичкиот факултет во Нови Сад во 1986 година.

По дипломирањето ФМУ во Скопје во 1985 година се вработува во Операта на МНТ. Дебитира на оперската сцена на МНТ во Скопје со улогата на грофот Хомонај во операта „Циганин барон“. Истата година се појавува и во улогата на Енрико Ештон во „Лучија ди Ламермур“ од Доницети. Борис Трајанов секогаш во потрага по совршенство и боженствено пеење, својата надградба ја продолжува и со Пиер Миранда Фераро во Милано.

За да го надмине бремето на татковата слава, Борис Трајанов останува да работи во МНТ до 1988 година, кога ја започнува својата интернационалната кариера. Имал над 750 настапи во околу сто оперски куќи во светот како што се: Рим, Болоња, Фиренца, Палермо, Монте Карло, Берлин, Хамбург, Франфуркт, Виена, Грац, Осло, Сао Паоло, Кејптаун, Москва, Париз. Њујорк и Венеција.

Вложувајќи го семејното педигре и упорната работа, со текот на годините Борис Трајанов успешно се надградувал. Во дваесет и пет годишната кариера, настапува ширум светот, толкувајќи над 50 улоги, меѓу кои најзначајни му се Набуко (Набуко), Гроф Луна (Трубадур), Риголето (Риголето), Родриго Поза (Дон Карлос), Макбет (Макбет), Ецио (Атила), Ренато (Бал под Маски), Јаго (Отело), Дон Карло (Моќта на судбината), Жорж Жермон (Травијата) - Верди; Шарплес (Мадама Батерфлај), Скарпија (Тоска) - Пучини; Жерар (Андре Шение) - Џордано; Алфио (Кавалерија Рустикана) - Маскањи; Енрико Ештон (Лучија ди Ламермур), Гуљермо (Марија Стуарда) - Доницети; Дон Пиѕаро (Фиделио) - Бетовен; Ескамиљо (Кармен) - Бизе; Елецки (Пикова Дама) - Чајковски..

Борис Трајанов бил првенец на Белградската опера и на Државниот театар во Карлсруе, Германија. Но лично, за најголем успех во професионалната кариера го смета настапувањето таму каде што е најтешко се настапува, а тоа е Италија, земјата на операта. При гостувањето со Римската Опера во Москва, како носител на главната баритонска улога, бил преставен како еден од најпознатите гласови на Италија.

Во светот е познат по својата маестрална изведба на улогата на Скарпија во операта „Тоска“ од Пучини.. Меѓу најважните улоги од неговиот репертоар се оперите од Верди, „Набуко“ и „Риголето“. Настапувал во главните улоги во „Кармен“, „Фиделио“, „Мадам Бетерфлај“, „Кавалерија Рустикана“ и др. Настапувал на повеќе телевизиски и радио станици и има снимено со Кетлин Касело двојно ЦД со оперски арии и дуети во 1995 година, а на ДВД, креација на Скарпија во Театро Реџо Парма во Италија во 2003 година. Со исклучителен сценски настап во кој доминира неговиот моќен, волуминозен драмски глас кој му овозможува ефектно доловување на најсуптилните ефекти на улогите, дефинитивно тој денес е еден најдобрите светски баритони.

Борис Трајанов е еден од врвните македонски уметници кој со своето реноме се ангажира и во многубројни хуманитарни акции. Од 2001 година, има учествувано на серија добротворни концерти чии средства се наменети за помош на бегалците од Босна и Херцеговина, за хендикепираните деца и деца без родители, потоа за борбата против рак на белите дробови, како и за организации кои се борат против нацизмот и расизмот.

Коичиро Мацура, генералниот директор на УНЕСКО, во 2005 година на Борис Трајанов ќе му ја додели титулата амбасадор Уметник на мирот на УНЕСКО, како признание за неговата определба за одбраната на хуманите вредности и промовирање на дијалогот меѓу културите и цивилизациите. Како амбасадор на УНЕСКО, ќе има забележителни настапи како солист во главната улога во операта „Италијанката од Алжир“ на гала концертот „Музика за мир“ организиран од УНЕСКО во Париз и Њујорк во 2007 година.

Со огромна љубов кон својата татковина, тој како голем македонски патриот и амбасадор на УНЕСКО успешно ја промовира својата земја широм светот. Секогаш спремен да им помага на луѓето и на човештвото, да ги промовира хуманите вредности, Борис Трајанов е еден од иницијаторите и на еколошката акција „Засади ја својата иднина“, која ќе наиде на неочекуван добар одѕив не само кај домашната јавност туку и кај меѓународната заедница. Како признание за посветеното лидерство и напорите за пошумување на Македонија како пример за заштита на планетата земја и визијата за мир, маестро Трајанов ќе ја добие и меѓународната награда „Награда за заштита на блескавиот свет“.

Маесторо Трајанов за своите достигнувања од областа на уметноста и филантропијата добитник е на повеќе награди, домашни и интернационални.

Борис Трајанов иако е еден од најзначајните македонски музички дејци, кој е неприкосновен на оперската сцена, во приватниот живот е обична личност кој ги задржува највредните доблести кои го красат човекот, а како македонски патриот секогаш е во функција на македонската кауза и општество.

Маестро Борис Трајанов пред 25 години на 16 февруари настапил на сцената на МНТ, во претставата „Циганскиот барон“. По тој повод македонскиот светски познат баритон Борис Трајанов, на 16 февруари 2011 година во Македонската опера и балет (МОБ) ќе одржи концерт на кој ќе се изведат два чина од оперите „Набуко“ и „Риголето“. Како специјални гости на маестро Трајанов ќе настапат сопранот Ана Дурловски и младиот бас Александар Стефаноски, а диригент на концертот ќе биде Франческо Роза од Италија.

 

На прво место

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.