|
||
| Ангел Чемерски – Јануш |
|
Ангел Чемерски – Јануш (31. Ⅲ 1923 – 18. Ⅺ 2003) е македонски револуционер, учесник во Народноослободителната борба и општествено-политички работник. Од март 1969 до мај 1982 година бил претседател на Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Македонија. Од 29 април 1982 до 29 април 1983 година бил претседател на Претседателството на СР Македонија. Ангел Чемерски е роден на 31 март 1923 година во Кавадарци. Дипломирал на Економскиот факултет. Станал член на Сојузот на комунистичка младина на Југославија (СКОЈ) во 1938 година, потоа бил секретар на Бирото на СКОЈ во Трговската академија во Битола во 1940 година, а во 1942 година станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Во 1941 година се приклучил на Народноослободителното движење. Бил член на Месниот комитет на СКОЈ во Кавадарци од 1942 до 1943 година. Во мај 1943 година станал борец на Тиквешкиот НОПО „Добри Даскалов“, а од септември 1943 година бил раководител на Одделението за агитпроп во НО баталјон „Страшо Пинџур“. Од декември 1943 до мај 1944 година бил во Втората Македонска Народноослободителна Ударна Бригада. Потоа Чемерски преминал на политичка работа во позадина. Бил секретар на Окружниот комитет на СКОЈ за Кавадарци, член на Вториот Битолски Окружен комитет на СКОЈ, секретар на Третиот Окружен комитет на СКОЈ во Штип и член на Третиот Окружен комитет на Комунистичката партија на Македонија. По ослободувањето Чемерски извршувал разни функции во министерствата и владата на Народна Република Македонија. Бил началник на Персоналното одделение во Министерството за индустрија на НРМ (1945–1947), началник на Планската комисија при Владата на НРМ (1947–1948), помошник-министер за индустрија во Владата на НРМ (1948), претседател на Комитетот за комунални работи на НРМ (1950– 1951), претседател на Стопанскиот совет на Владата на НРМ (1951–1952), генерален директор на Дирекцијата за прехранбена и тутунска индустрија на НРМ (1952–1953), заменик-директор на Заводот за стопанско планирање на НРМ (1953–1959), потоа и директор (1959–1963). Од 1963 до 1965 година бил член на Извршниот совет на Собранието на СРМ, член на ЦК, секретар на Извршниот комитет и член на Претседателството и претседател на ЦК на СКМ од 1969 до 1982 година, член на Претседателството на СКЈ, сојузен пратеник и претседател на Сојузниот одбор за план и финансии. Од 29 април 1982 до 29 април 1983 година бил претседател на Претседателството на СР Македонија Ангел Чемерски починал на 18 ноември 2005 година во Скопје. Носител е на Партизанска споменица 1941, Орден на херој на социјалистичкиот труд и други одликувања.
Подготвил: Т.К. |