|
||
| Димитар Миовски |
|
Димитар Миовски (1. IX 1913 - 25. V 1982) е македонски офталмолог, општественик, професор на Медицинскиот факултет. Бил учесник во НОБ и член на Првото заседание на АСНОМ. По војната вршел бројни општествени функции. Од 1949 година се занимавал со проблемот на кератопластиката и се стекнувал со богато искуство во повеќе познати офталмолошки центри во Европа. Неговите методи во областа на кератопластиката го прават своевремено еден од врвните светски офталмолози. Димитар Миовски е роден на 1 септември 1913 во Скопје. Матурирал во 1933 година во Скопје. а дипломирал на Медицинскиот Факултет во Белград во март 1941 година, неколку дена пред нападот на Кралството Југославија. Димитар Миовски уште како студент бил активен во антифашистичкото движење. Како дел од Третата ударна македонска бригада бил учесник во НОБ, како началник на санитетското одделение при Главниот штаб на НОВ и ПОЈ за Македонија. На 2 август 1944 година во манастирот Свети Прохор Пчински бил учесник и делегат на Првото заседание на АСНОМ, каде се поставени темелите на слободна Република Македонија. По војната поминал во цивилна служба и бил еден од првите организатори на здравствената служба во Македонија како помошник министер во Министерството за здравје, началник на Одделението за епидемиологија и хигиена во министерството и како помошник министер на Југословенското сојузно министерство за народно здравје. Непрекинувајќи ја општествената активност, покажал посебен интерес кон офталмологијата. Во 1952 година специјализирал на клиниката за очни болести во Скопје, а во 1960 година бил поставен за директор на Офталмолошката клиника во Скопје. Стручно се усовршувал во познатите светски офталмолошки центри: Лион, Женева, Лозана, Берн, Цирих, Џенова, Москва, Санкт Петербург и Одеса. Во 1959 година бил назначен за асистент професор, а од 1965 година бил избран за редовен професор на Факултетот за Медицински науки во Скопје. Неговите методи во областа на кератопластиката го прават своевремено еден од врвните светски офталмолози. Оперирал низ повеќе светски клиники, а вршел и операции на многу странци кои специјално доаѓале кај него на скопската клиника. Димитар Миовски бил носител на бројни јавни функции, како: претседател на Републичката офталмолошка секција, претседател на Здружението на офталмолозите на Југославија, член на највисоките офталмолошки совети на Југославија и Европа, член на редакцијата на Acta Opthalmologica Iugoslavica, и други. Исто така, бил и член на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија, член на Републичкиот одбор на Сојузот на здруженија на борците од НОБ на Македонија, секретар на Клиниката за очни болести и Медицинскиот факултет во Скопје. На ден 25 мај 1982 година по кратко боледување починал во Скопје. Смртта го затекнала на функцијата член на Советот на Републиката. Димитар Миовски бил одликуван со „Партизанска споменица-1941“, „Орден на братство и единство со златен венец“, „Орден на трудот со црвено знаме“ и многу други одличја.
Подготвил:Т.К. |