Среда, 04 Септември 2019    Печати
Васил Антевски – Дрен

Antevski dren

Васил Антевски – Дрен

Васил Антевски – Дрен (28. X 1904 –18. VIII 1942) е македонски револуционер, учесник на Националноослободителното движење. Пред Втората светска војна му припаѓал на напредното младинско и студентско движење и се изградил во висок македонски интелектуалец.
Поради својата дејност бил осудуван на затворска казна во 1937 и 1940 година. Во август 1941 година станал борец во Скопскиот партизански одред, а по распуштање на одредот, во ноември 1941 година бил уапсен од бугарската полиција во Велес. Во мај 1942 година во Скопје бил осуден на смрт со бесење, а казната била извршена во затворот во Софија.

Васил Антевски – Дрен е роден на 28 октомври 1904 година во велешкото село Оморани. На почетокот на Првата светска војна и по вклучување на Бугарија на страната Централните сили, Васил како дете заминува за Солун, а од таму за Франција, каде престојува од 1915 до 1919 година. За време на својот престој во Франција, тој завршил основно училиште во гратчето Вилфранш.

По враќањето во Македонија, Васил Антевски завршил гимназија во Велес, а потоа од 1922 година студира на Правниот факултет во Белград. Пред Втората светска војна му припаѓал на напредното младинско и студентско движење и се изградил во висок македонски интелектуалец.

По дипломирањето во 1928 година, тој работел како судски приправник во Скопје, Велес и Куманово. Во есента 1938 година Васил Антевски отворил своја адвокатска канцеларија. Me]utpa. pоради својата револуционерна дејност бил осудуван на затворска казна во 1937 и 1940 година.

Имено, заради својот изразит македонски национализам и организирање на Mакедонците, во март 1937 година е осуден од српската власт на една година затвор која ја издржува во Сремска Митровица. По излегувањето од затвор се вратил во Скопје и по изборите во 1938 година станал член на Земјоделската партија. Меѓутоа, како опасен државен елемент пред почетокот на војната бил интерниран во  Ивањица, Меѓуречје, а во април 1941 година бил мобилизиран.

По Априлската војна и окупацијата на земјата во 1941 година, Васил Антевски станал член на КПЈ и од август 1941 година борец во Скопскиот партизански одред. По расформирањето на одредот, шест борци меѓу кои и Антевски, од 5 до 8 ноември илегално се префрлиле во Велес, со цел да му се приклучат на Прилепскиот партизански одред. Меѓутоа, тие не успеале да воспостават врска и на 15 ноември биле фатени од бугарската полиција.   

На 27 април 1942 година, заедно со други 24 комунисти, Антевски бил изведен пред судот во Скопје и на 9 мај 1942 година бил осуден на смрт со бесење. По три месци поминати во скопскиот затвор Антевски на 15 авфуст бил префрлен во затворот во Софија, каде на 18 август била извршена казната .

 Во негова чест е испеана партизанската песна „Од Софија жален глас се слуша“:

Од Софија жален глас се слуша,

секој ден редат бесила,

на бесила висат млади борци,

борци, одбор Македонци.

Едно утро тиран се извика:

- Ред е на Васил Антевски!

Бесилката му ја покажаа,

за желба го запрашава:

- Кажи, Васил, каква желба имаш

и кажи зошто се бориш?

Желба моја е Македонија,

земја да стане слободна.

Доста веќе она робуеше,

од секој маки тегнеше.

Старо, младо, сите се бориме

и ќе се ослободиме!

Кога разбра село Оморани,

старо и младо зажали,

еден на друг они расправаа

и сите на ред плакаа:

- Од малечок за нас се бореше

и за нас Васил загина!

Ој тирани, многу го мачевте,

од прсти му нокти вадевте,

далеку го вија однесовте

и таму го обесивте.

Да знаете, абер ви праќаме,

за Васил крв ќе вратиме!