Среда, 15 Мај 2019    Печати
Љупчо Арсов

Ljupco ArsovЉупчо Арсов

Љупчо Арсов (19. V 1910 - 18. XI 1986) е македонски комунистички деец, учесник во Народноодлободителната војна, организатор на НОАВМ, политичар и државник. На Првото заседание на АСНОМ бил избран за секретар на Президиумот на АСНОМ. По Ослободувањето Љупчо Арсов познат под псевд. Гоце, бил на поцеќе функции меѓу кои потпретседател и министер за финансии во првата Влада на ДФМ (16. IV 1945), министер за труд во Сојузната влада (јануари 1948 - декември 1953), претседател на Извршниот совет на Собранието на Македонија (19. XII 1953 - 25. VI 1963) и др. Од 1979 до 1982 година беше претседател на Претседателството на СРМ.

Љупчо Арсов е роден на 19 мај во Штип. Основно образование завршил во родниот град, а потоа заминал за Загреб, каде што се образувал на Високата комерцијслно - економска школа. По звршувањето на економската школа во 1932 година, заминал за Белград каде се вработил како службеник во Хипотекарната банка. Потоа службено бил префрлен во Ваљево.

Уште додека студирал во Загреб, Љупчо Арсов се приклучил на младинското револуционерно движење, а во јуни 1940 година станал член на КПЈ. По доаѓањето во Ваљево станал инструктор на КПЈ во Месниот комитет, а во 1941 година член на Реонскиот комитет на КПЈ во Белград.

По окупацијата на Кралството Југославија, Арсов се вратил во родниот град Штип и се вклучил во работата на партиската организација. Тој веднаш почнал да работи на подготовките за вооружена борба.

Љупчо Арсов бил член на МК на КПЈ во Штип од јуни до октомври 1941 година, а потоа член на МК на КПЈ во Битола. Во Битола работел на подготовките за формирање на партизански одред, На почетокот на 1942 година, бугарската полиција го уапсила, но, поради недостаток на докази го ослободила.

Од април 1942 година, Арсов станал член на Привремениот ПК на КПЈ за Македонија и член на ГШ на НОВ и ПОМ. Меѓутоа, кога заминал на состанок во Прилеп, полицијата на 23 јуни ја опколиле куќата каде се оддржувал состанокот, Арсов за време на бегството ја скршил ногата и бил уапсен од бугарската полиција. После четири месеци испитување и мачење, Арсов бил интерниран во Бугарија.

По враќањето во март 1943 година, Арсов бил партиски секретар на Четвртиот областен комитет на КПМ од 27-ми до 17 август и политички комесар на Штабот на Петтата оперативна зона на НОВ и ПОМ од 27-ми до 17 август 1943 година. Во овој период заминал за Скопска Црна Гора и во околината на Врање. Тој на 1 декември 1943 година го формирал партизанскиот баталјон „Орце Николов“. На теренот раководел со партизанските акции се додека не бил повикан во Скопје. Потоа Арсов бил назначен за партиски секретар на Петтиот областен комитет на КПМ и инструктор на ЦК на КПМ. На оваа место бил од мај до август 1944 година, кога бил кооптиран и за член на ЦК на КПМ.

Арсов бил пратеник на Второто заседание на АВНОЈ и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. На Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински, тој бил избран за секретар на Президиумот на АСНОМ.

По Ослободувањето, Љупчо Арсов извршувал разни одговорни функции. Тој бил член на Политбирото и на Извршниот комитет на ЦК на КПМ, член на ЦК на СКЈ, потпретседател и министер за финансии во првата Влада на ДФМ (16. IV 1945), министер за труд во Сојузната влада (јануари 1948 - декември 1953), претседател на Извршниот совет на Собранието на Македонија (19. XII 1953 - 25. VI 1963), член на СИС (1960-62), претседател на Народното собрание на Македонија (1962-63), претседател на РК на ССРНМ и на Извршниот совет на Македонија (1963-67), претседател на Соборот на народите на Сообранието на СФРЈ (1967-69), потпретседател на ЦК на ССРНЈ (1967-71), член (1974-79) и претседател на Претседателството на СРМ (октомври 1979-82).

За своите заслуги, Арсов бил одликуван повеќе пати. Тој бил носител е на Партизанска споменица 1941, Орден народен херој на Југославија (1953), Орден јунак на социјалистичкиот труд и др.

Љупчо Арсов почина на 18 ноември 1986 година во Скопје.