Среда, 09 Јануари 2019    Печати
Ванчо Петрушевски

Vanco PetrusevskiВанчо Петрушевски

Иван (Ванчо) Петрушевски (19. IV 1951 – 25. VIII 2018) е македонски актер. Доајенот на македонската актерска сцена својата кариера ја помина во Драмскиот театар, каде работи од 1975 до пензионирањето во 2017 година. Оставил безброј актерски остварувања. Познат уште како Рамче, тој беше уметник со посебен шарм и склоност кон комедијата. Присутен на естрадата, како и на радиото и ТВ, Ванчо беше еден од најпрепознатливите глумци на нашата сцена, кој беше неуморлив и по пензионирањето

Ванчо Петрушевски е роден на 19 април 1951 година во Скопје. По дипломирањето на Отсекот за драмски актери на Високата музичка школа во Скопје во 1975 година, се вработил во Драмскиот театар во Скопје, каде работи како актер се до своето пензионирање во 2017 година.

Талентот на Ванчо дошол до израз уште на самиот почеток на неговата кариера, во првата престава „Ослободувањето на Скопје“ од Душан Јовановиќ. Со успех настапувал во повеќе улоги во престави на домашни и странски автори.

На сцената на Драмскиот театар меѓудругото настапувал во следните престави: „Ослободувањето на Скопје“ (1978 год.), „Солунски патрдии“ (1979 год.), „Панургиј“ (1980 год.), „Сомнително лице“  (1981 год.), „Дупло дно“ (1984 год.), „Собирен центар“ (1989 год.), „Маратонците го трчаат почесниот круг“ (1994 год.), „Тетовирани души“ (2001 год.), „Хамлет од Долно Гаштани“ (2004), „Македонски рулет“ (2007) и др.. Неговите последни улоги се во претставата „Буре барут“ и „Атена со пенис“.

Исто така, учествувал и во голем број радио-драмски проекти, телевизиски драми, серии итн. Тој е еден од првите Македонци  кои настапиле во странски филм. Со секоја нова улога, преку „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Среќна Нова '49“, „Опстанок“, „Хихирику“ и многу други проекти, Ванчо Петрушевски  поново ја освојуваше публика.

Ванчо Петрушевски беше активен на повеќе полиња и надвор од театарот. Со неговите колеги Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Емин Унџел, Димче Мешковски, со децении работеа заедно на многу комични серии, пиеси, скечеви. Тој е еден од творците на серијата Македонски народни приказни. Многу генерации го препознаваа по ликот на Рамче.

Мајсторската глума, мимиката и комиката со која ги пленуваше гледачите, го направија не само еден од најполуларните ликови, туку го вброиа Ванчо Петрушевски во редот на исклучителните македонски актери, во колосите на македонската актерска сцена.

Ванчо Петрушевски настапувал на сцените на МНТ; НТ Штип, НТ Велес и др. За својата неуморност тој има добиено и голем број награди: Награда „Димче Трајковски“ за улогата Јаков во претставата „Дупло дно“ (1985 год.); Награда за актерско остварување на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во претставата „Собирен центар“ (1989 год.), како и државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста во 2016 година. Во 1987 година, Ванчо Петрушевски го доби признанието за најпопуларно ТВ лице на годината според гласовите на читателите на весникот „Вечер“, а во 1988 година, според анкетата на ревијата „Екран“ е добитник на наградата „Најдобро артистичко остварување во филмот и на телевизијата.

Ванчо Петрушевски трагично загина на 25 август 2018 година во с. Орешани