Недела, 13 Декември 2009    Печати
Свети апостол Андреј Првоповикан

Празник на првиот Господов апостол

Во народниот говор името Андреј асоцира на нешто јадро (крупно) па поради тоа е поврзано со верувањето дека од тој датум денот наедрува, се зголемува.

Именден празнуваат: Андреј, Андреја, Андријана...

sveti-apostol-andrejПрвиот Христов апостол Св. ап. Андреј наречен Првоповикан има значајно место во христијанската религија и во народниот живот, иако со неговото име и со неговиот ден се поврзани малку обичаи и верувања.

Роден е во Витсаида на брегот на Генизаретското Езеро и е роден брат на Св. апостол Петар. Тие биле рибари и ловеле риби во Генизаретското Езеро. Најпрвин Св. ап. Андреј бил ученик на Св. Јован Крстител, а кога Јован покажувајќи кон Исус рекол: „Еве тоа е јагнето Божје што ги собира сите гревови на овој свет“ тогаш Исус го повикал, отука и е наречен Првоповикан. Андреј станал прв Исусов ученик и никогаш повеќе не се одделил од него. Легендата раскажува дека еднаш додека Андреј и Петар ловеле риби на езерото тука минал Исус и им рекол: „Дојдете со мене, јас ќе ве научам да ловите луѓе“. Оттогаш Андреј е неразделен од Исуса. Присуствувал на сите големи настани поврзани со Исус Христос, потоа кога Исус им се јавил на апостолите по Воскресението, на Вознесението, како и на слегувањето на Светиот Дух.

Кога апостолите се растуриле по светот за да го проповедаат Евангелието, Андреј отишол во Византија, Тракија, Русија, Рим итн. На Пелопонез во градот Патрас излечил многу болни и многу придобил за христијанската вера. Дури ги придобил и братот и снаата на градоначалникот поради што овој наредил да биде распнат на крст но не како Исус туку на две штици во форма на буквата Х. Два дена и две ноќи 70 годишниот Св. ап. Андреј се мачел пред да испушти душа, на 13. XII/30 XI. За време на владеењето на цар Константин Велики неговото тело е пренесено од Патрас во Цариград и е поставено во црквата на Светите апостоли. Подоцна главата му е пренесена во Рим каде што и денес со многу почести се чува во црквата Св. Петар.

Светата православна црква споменот на Св. ап. Андреј Првоповикан го празнува на 13. XII/30 XI на денот кога маченички умрел за верата Христова.

Во народниот говор името Андреја асоцира на нешто јадро (крупно) па поради тоа е поврзано со верувањето дека од тој датум денот наедрува, се зголемува. Ваквото толкување на овој ден во Охрид го запишал Е. Спространов, а слични толкувања се запишани и во Прилеп, Штип, Крушово и др. места. М. Цепенков во записот „Зошто се држат некои празници“ запишал дека „празнико Свети Јандреја во тој ден што паѓа нарастуал по прилепски. Власите крушоски и битолски велат по влашки: арс’ри дзуа кт’н андреоа (скочи денот колку една игла самарна).“

Во Петричко верувале дека Св. ап. Андреја бил татко на Св. Никола. Во овој крај домаќинката спроти празникот во ново грне варела разни зрна: жито, пченка, боб, леќа и др. за „да наедрјаваат“. Потоа секој фрлал во комината со молитва за добар род на земјоделските култури, а другото го јаделе. Се давало и на домашните животни, на кокошките итн.