Среда, 27 Август 2014    PDF Печати Е-пошта
Светилишта во Струга

Црквата Света Петка

sv-petka-struga

Култното место Света Петка е познато од дамнина. Тоа беше само обележано, но стружани редовно таму палеа свеќи, се молеа и патрониот празник редовно го обележуваа со соодветен ритуал.

На 21 октомври 1990 година се постави камен-темелникот, во 1994 година се освети сегашниот храм од Митрополитот г. Тимотеј.

Црквата Света Петка имаше прилично земја. Просторот меѓу Голем и Мал Дрим, па северно од неа се до заобиколниот пат на Струга беше нејзино. Започнатата спортска сала е на нејзино земјиште. Дури и патот јужно од неа е на нејзина површина. Имотот на Света Петка до 1946 година се даваше да го обработуваат сиромашни струшки фамилии. Од некогашните површини на оваа црква сега е само храмот.

Со чудотворната моќ на ова свето место се сврзани бројни преданија, но и вистински случки од поново време. Една од нив е следната.

Струшкиот затвор беше спроти црквата Света Петка. Во 1945 година во него бил затворен еден невин,стар и божовен Албанец од селото Велешта. Човекот бил сместен во  источниот дел на затворот, од кој се гледало кон култното место Света Петка. Тогаш таму имаше само обележје. Човекот забележал како на тоа место одат стружани, се крстат и палат свеќи. Сфатил дека тоа е некој ваков.

Во тоа време – невреме не се затвораше малу. Додека се сослушуваа минуваше долго време. Човекот се чуди зошто е затворен.

- Е, Господе и ти светецу што ти се молат луѓето, помогнете ми да излезам од затвор па и јас ќе направам нешто за тебе, светецу! – се молел човекот од Велешта.

Секое утро затворениците пред изгрејсонце ги носеле на Мал Дрим за миење. Тогаш немаше водовод во Струга. Едно утро последен на миење го носат велештанецот. Само што се измил и станал простум, погледнал кон Света Петка. Пред очи му излегла светицата Петка и истовремено го облеале сончевите зраци. Се здрвил човекот од тоа што го гледа.

- Што чекаш, што гледаш?! Да не кроиш да бегаш?! – му рекол стражарот, шибнувајќи го одназад со пушката.

- Ништо не кројам! Нешто не ми е добро, па се загледав во сонцето! – му одговорил.

Истиот ден околу 14 часот, човекот од Велешта бил пуштен од затвор. Си отишол. Зел поголема сума пари и истиот ден се вратил во Струга. Отишол кај Света Петка.

- Кој се грижи за ова место? – прашал некои присутни.

- Што ти е гајле! Ти не си православен! – некој дрско го прекорил.

- А бре, човеку, сакам да помогнам. За ова свето место носам пари. Кому да му ги дадам? – му се поверил велештанецот.

- Ене, оној што го гледаш, нему дади му ги парите. Тој ќе ги однесе во главната црква! – рекол прашаниот.

Во тоа време татко ми Никола беше епитроп во црквата Свети Ѓорѓија. По една недела ете го човекот од Велешта во Свети Ѓорѓија. Прашал дали некој донесол пари. Бидејќи татко ми во тој момент не беше в црква, го упатиле човекот кај нас дома.

Велештанецот раскажа што му се случило во затворот и се интересираше дали парите се предадени в црква.

- Пари досега никој не ми има предадено. Важно ти си го исполнил ветувањето за другото светицата ќе се погрижи! – му рече татко ми и по божјите разговори срдечно се разотидоа.

Меѓутоа на татко ми никој не му ги донесе подарените пари од човекот од Велешта, но сум убеден светицата сигурно го има казнето затајувачот на парите. И уште нешто, овој човек иако муслиман, бил поголем верник од тој што му рекол што има да се интересира кога не бил православен. Не се прашува кој како се крсти, туку кој го има Господа во срцето и кој искрено ги почитува неговите испружени раце – светците.

Манасирот Света Богородица Калишка

1280px-Kalishta Rock Church Fresco 4

Манастирот Света Богородица – Калишка се наоѓа на западниот брег на Охридското Езеро веднаш после селото Калишта. Тој има голем имот од езерото се до ридот над него. Поголемата површина му е одземена за хотелот Изгрев и други објекти, како и за други намени. Во негова сопственост е хотелот Бисер. Овој манастир е ствропихијален.

Јужно од манастирот се наоѓа пештерна црква Свети Атанасиј. До неа се доаѓа преку камени скали. Се смета дека потекнува од 14 век. На самиот влез во манастирот (од југ) и црквата Свети Петар. Изградена е над самиот извор, кој се смета за света вода. Сегашниот храм е осветен на 8 мај 1997 година. На северната страна од манастирот е светата вода Свети Ананиј. Тука сигурно имало сакрален објект, но при изградбата на хотелот Бисер тоа место е уништено. Би требало тука да се најде некакво обележје или параклис и да се регулира користењето на водата.

Манастирската црква се прикажува дека е од 14 век. Меѓутоа веројатно и во 14 век била подигната врз постар храм. Во текот на своето постоење храмот, а и целиот манастирски комплекс претрпел уривања, оштетувања и возобновувања. Сегашната тврда градба почна да се гради со благослов на првиот архиепископ на МПЦ Неговото Блаженство г. г. Доситеј на 16 јуни 1977 година, а се освети од актуелниот архиепископ во 2003 година.

Во историјата на Струга манастирот Света Богородица – Калишка има важно место. Тој бил и најважно струшко излетничко место. Главната слава му е на Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица (21. IX). Се прави голем панаѓур, кој порано беше важна културна и стопанска манифестација. Со неговото минато и сврзана песната Фанче ојде во Калишта на Охридските трубадури. На панаѓурот доаѓаа и доаѓаат посетители и од поширокото подрачје.

Mанастирот Свети Климент на Беличка планина

gorna-belica-crkva

Култот на Свети Климент Охридски во Струга и Струшко е многу присутен. Во самиот град Струга има три топоними со неговото име: Името на реката Климентица, маалата Климентова Маала, Светиклиментово блато (Климентово блато), сврзувањето на потопениот манастир Света Богородица со неговата дејност, па при навлегувањето на реката Сатеска во Струшката котлина, оддесно, селото Климештани, но најмногу со манастирот Свети Климент на Беличка Планина. Сето тоа старите стружани го сврзуваа со епископската дејност на Свети Климент. Тие велеа дека Свети Климент работел во оваа епархија, односно во Беличката епархија. Тоа што се вели Величка е грешка, т.е. е замената буквата б со в.

Манастирот Свети Климент на Беличка планина е стар. Тој е единствено посветен на Свети Климент Охридски. Друг манастир со ова име нема. Се смета дека го основал Свети Климент, бидејќи, според хипотезите тука била Величката епархија, во која бил епископ тој. А Свети Климент не подигнувал сакрални објекти на случајни места, туку на претходно постојни. За тоа можат да докажат само идни археолошки проучувања.

Повеќепати манастирот Свети Климент бил уништуван од разни освојувачи и арамиски банди, но од населението на Струга бил обновуван. Во него монаси живееја до 1960 година. Последниот монах беше Саво од фамилијата Ѓоргоновци. Тој почина и е погребан кај манастирот Света Богородица – Калишка.

Манастирот Свети Климент на Беличка Планина беше култ на селата: Горна Белица, Октиси, Вевчани, Вишни, како и на Струга и на пошироката околина.

Дејноста на Свети Климент во овој манастир постарите жители на околните места ја сврзуваат со остатоци на разновидни овошни дрва. Тие се остаток од некогашниот активен живот тука. На други места на Беличка Планина, надвор од селата нема овошни растенија.

Отсекогаш плодовите откај манастирот Свети Климент (круши, јаболка, дивјачки и др.), иако мали и кисели (по созревањето, вкусни), на струшкиот пазар беа барани како лековити, за здравје. Родителите ќе ни купеа и ќе ни речеа: „Касни за здравје“, зашто се сметаше дека се засадени од Свети Климент.

На присутноста на Свети Климент на овие простори упатува и топонимот Света Долина. Така се именува патот што врви покрај овој манастир, а пошироко е познат по римското именување Виа Егнатиа.

По починувањето на последниот монах во 1960 година, манастирот е оставен на милост и немилост, а неговиот голем имот запоставен. Остатоците од манастирската црква примитивно се заштитени, а поцелосна е камбанаријата. Би требало Архиерејското намеснишво на Струга, односно Митрополијата во Охрид да стави рака на ова место.

Од книгата „Записи за минатото на Струга“, 2, од Јоне Кленко, Струга 2008г.

Марко Китевски

 

На прво место

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.