Петок, 28 Октомври 2011    Печати
ПЕСНИ И ОРА ОД ЕГЕЈОТ

kultura-pesni_i_ora-1Во организација на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушорадци од Лерин во Македонија и Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН на 29 октомври 2011 година со почеток во 19 часот во Домот на АРМ, Скопје ќе се одржи традиционалниот Седми концерт „Песни и ора од Егејот“.



На Концертот ќе настапат фолклорна група од Домот на македонската култура во Лерин и културно-уметничкото друштво од Воштарани, Република Грција. Програмата ќе ја збогатат и еминентни естрадни уметници од Република Македонија.

Влезниците по цена од 50 денари можат да се купат секој ден од 11-16 часот во зградата на Матицата на иселениците од Македонија, а на денот на одржувањето на Концертот, во Домот на АРМ - Скопје. Важат и влезниците кои беа дистрибуирани за 15 октомври кога беше одложен концертот поради блокадите на границата од грчките царинарници.

Во рамките на програмата ќе се одржи и промоција на книгата од Марија Димкова „Од фолклорната ризница на Марија Димкова“, збирка на народни песни, приказни, преданија, легенди, гатанки и обичаи од мегленскиот крај. Марија Димкова родена е во мегленското село Горно Пожарско, Воден. Долгогодишен интерпретатор е на македонската изворна народна музика. Со ова свое дело го споделува најубавото од нејзиниот роден крај - песните и приказните, преданијата и легендите, гатанките и обичаите од родниот крај. Нејзиниот долгогодишен труд на ова поле како автентичен познавач и изведувач на народното творештво е крунисан со книга која ни нуди околу 200 оригинални творби од Македонија.

Покрај народните, во книгата на Тетка Маре (како што таа и другите ја викаат) има и неколку нејзини лични творби (песни) во кои се изразени емоциите и копнежот по родниот крај. Желбата за евидентирање и публикување на умотворбите кои ги слушала од својата баба и од други постари роднини како дете, вроди со плод во облик на оваа преубава книга. Во неа, Марија Димкова го исполнува долгот кон своите предци и ни остава во аманет да не го забораваме својот корен и да ја негуваме народната традиција, националниот идентитет и елементарното човечко достоинство. Со објавувањето на ова дело авторката ни го приближи и засекогаш ни го остави во наследство ова непроценливо културно богатство, а на научната јавност и на етнолозите им овозможи пристап до непресушната ризница на македонскиот народен гениј од Мегленскиот крај на Македонија, Република Грција, каде сеуште не е признаен македонскиот јазик.

СОЈУЗ НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈОТ МАКЕДОН