Сабота, 04 Јуни 2011    PDF Печати Е-пошта
Свети великомаченик кнез Јован Владимир

jovan_vladimir-1Свети великомаченик кнез Јован Владимир, 4. VI/ 22.V

 

Кнезот Владимир со силен култ во Западна Македонија

Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир, зетот на царот Самоил за ќерка му Косара се здобил со силен култ во западна Македонија. На иконите и фреските во нашите цркви е насликан како главата си ја држи во рацете.

Во традицијата на југозападниот регион на Македонија во минатото бил развиен култот кон Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир. Тој бил кнез на областите Зета и Далмација, во еден период влегол во судир со царот Самуил при што бил заробен. Додека бил во затвор во него се вљубила ќерката на Самуил Теодора Косара по што тој бил оженет со неа и вратен на престолот. Но подоцна, починал царот Самуил на 6 октомври 1014 година, а царскиот престол го наследил син му  Гаврил Радомир. Но неговиот братучед Иван Владислав, (син на Арон, братот на Самуил), со подршка на византиското раководство и со измама го убил и му го презел престолот. Плашејќи се од освета на Јован Владимир, но и од неговото легитимно право на наследство, Иван Владислав решил да го ликвидира. Преку охридскиот архиепископ Давид го поканил божем на договор. Јован Владимир му поверувал на црковното лице, но веднаш по доаѓањето бил пречекан од убиец со наострен меч. Во неговото житие се вели дека бидејќи тој не можел да го пресече Јован Владимир му го понудил својот меч велејќи му: „Сакаш да ме убиеш, брате, но не можеш. Еве ти го мојот меч! Готов сум да бидам убиен, како Исак и Авел!” Потоа злосторникот му ја пресекол главата, но тогаш се случило чудо. Тој со главата во рацете потрчал кон блиската црква во која паднал и ја предал душата на Бога. Тоа се случило на 22 мај (с.с.) 1016 година во Преспа. Неговата сопруга го однесла во неговата земја, го погребала во црквата во која и таа го завршила животот во пост и молитви. Од моштите на светецот течело миро, се случувале чуда и се лекувале болни. Според некои преданија моштите на светецот се наоѓаат во Елбасан (Албанија).

Култот кон свети Јован Владимир бил силен и во Охридско. Во составот на манастирот Свети Наум Охридски Чудотворец имало камбанарија што го носела името на свети Јован Владимир. Според преданието дел од моштите на свети Јован Владимир тука биле донесени од Елбасан. Народот ги бакнувал, а потоа биле заѕидани во темелот на црквата.

Култот кон Свети Јован Владимир многу бил раширен во Голо Брдо, област населена со Македонци, по делбите на Македонија останат во Албанија. „Во некои села многу се раскажува за Св. Јован Владимир,  во чиј манастир кај Елбасан оделе луѓето од Стеблево, Себишта, Гиневац, Клењ, Борово, Окштун и Забузун. Во тој манастир се одело на 24 јуни, потоа во есен и во зима, а покрај православните оделе и муслимани. Свети Јован, кого на арбанашки начин го викаат Шин Ѓон, го сметаат за чудотворец. Еве што се раскажува за него:

Св. Јован бил владар и зет на некој цар. Потоа го наклеветиле кај тестот дека е женскар. А тој бил светец. Тестот се налутил на него и тргнал со војска на него. Го нашол на Кафа Сан меѓу Струга и Елбасан. Ја извадил сабјата но сабјата не можела да го пресече. Свети Јован му ја дал својата сабја, и со неа неговиот тест го исекол. Со отсечената глава што ја носел во рацете одел Св. Јован до местото каде што сега се наоѓа неговиот манастир, а каде што имало еден даб. Кога Св. Јован дошол до него дабот му се поклонил и тука Владимир паднал. Потоа тука е подигнат манастирот. Уште, се раскажува дека  за време на Втората светска војна Италијаните сакале да го однесат кивотот на Св. Владимир, но не можеле да го кренат. Очигледно повеќе претстави од народното паметење нашле место во овие преданија. (Подготви Марко Китевски)