Среда, 02 Март 2011    PDF Печати Е-пошта
Елен скок

elen-skok

Ако од месноста Бошков Мост (порано ова месноста се викаше Сечен Камен) каде што Мала Река се влева во Голема Река, во Радика, се сврти лево, набргу, само по пет-шестотини метри ќе ве пречека едно пријатно изненадување за очите. Зад првата поголема кривина, по една куса нагорнина од левата страна каде што тече Мала Река се појавува Елен Скок. Така се вика мостот изграден пред многу векови на патот што ги поврзувал населените места од Дебарската и Полошката Котлина, а минувал низ Галичник, Маврово и продолжувал натаму кон Гостивар. Од повеќето интересни прикажувања за овој мост селектираме само две.

Првата, дека е играден на необична локација каде што нема пат, а тоа ќе рече дека нема и функција, а втората што донекаде ја објаснува првата е легендата за настанокот и неговата градба. Тогаш, најубаво е да ја раскажеме легендата на мостот (една од повеќето) која нам ни се стори најпривлечна за читателот.

Настанот се случил, вели легендата, многу време пред помуслиманчувањето  на мијачките села од Реканскиот крај, таму каде што Радика ги собира  кристално бистрите планински води од Мала Река. А таа пак, Мала Река, ги прибира водите  од сите извори на убавата Бистра и карши неа Стогово и забрзана низ своите клисури ја носи да ја предаде во Радика.

Во тие времиња овие планини биле многу побогати со шуми. Во нивните пазуви наоѓале сигурно засолниште разни видови дивеч, а по карпите на Стогово не била никаква реткост да се видат мали стада диви кози.

Во длабоките пазуви на Стогово клокотеле чистите оди на  Гарска Река, која со своето стрмно корито го одделувала Стогово од Бистра, а со своето бучење итала да се спои со Росочка и Тресонечка река, а потоа заеднички да влезат и да ја збогатат Радика.

Често, многу често по овие планини се движел еден ловџија од Могорче. И секогаш се враќал со богат лов. Но еднаш трипати со ред ги обиколил шумите на Стогово, три дена од зори до зајдисонце акал, а сепак се враќал со празни раце. Не дека не сретнал ништо по што можел да пука. Мислата му била обземена од едно доживување кое не му се тргало од пред очи, не му излегувало од умот. Уште првиот ден кога тргнал на лов среде разредената шума на мала полјанка видел млад елен како мирно си ја пасе сочната трева. Кога ловџијата дошол до крајот на шумичката, еленот ги начулил ушите, ја исправил главата, а неговите прекрасни рогови уште повеќе ја извишиле неговата стројна снага. Еленот не трепнал, не се исплашил, само ја свртел главата кон ловецот и го загледал спокојно.

Неговиот поглед бил чудесно топол, очите гледале кротко, со некаква доверба, како кон дамнешен пријател. Толку многу, чиниш човечки говореле тие јадри кафеави очи, што ловџијата занемел од чудење.

Од каде елен во овие места?

Никој дотогаш немал видено такво животно, ни по Стогово, ни по Бистра.

Од каде ли можел да залута сам дури овде, каква ли потреба го натерала да ги остави местата каде што се родил?

Да не гледал често луѓе и да навикнал на нив?

На ловџијата му станало мило пред убавото животно и си ја пуштил пушката полека. И уште прозборел за себе: чувај Боже, да праќаш смртоносен куршум кон такво суштество, за прв пат дојдено во овие места.

Се тргнал бесшумно назад во шумата, за да не го исплаши еленот, и се заскитал замислен низ Стогово до доцна вечерта. Топлиот поглед на тој неочекуван гостин во планината постојано го следел и му ја одбивал мислата од други цели. Така ловџијата полека почнал да слегува по удолнината на Стогово, се напил од ладната Гарска Река, поминал низ убавото Гари, Осој и се прибрал доцна вечерта во Могорче. Утредента пак станал рано, си ја нарамил пушката зел јадење за цел ден и тргнал по угорнината. патем го слушал само приспивниот шум на Гарска Река.

Денот и овој пат бил свеж, со чисто небо.

Полека, полека ловецот навлегол во шумата и тргнал по познатата патека меѓу грмушките и на крајот пак се нашол на вчерашната полјанка. И за чудо, пак го сретнал еленот, но веќе со исправена глава како да го очекувал. И пак посочил поглед кон ловџијата, кроток дружељубив.

На ловџијата му се присакало да му се приближи, но го запирал стравот да не го исплаши.

Го погледал уште неколку мигови, и се порадувал на неговата фигура и си тргнал во шумата вртејќи со главата зачудено. Истото се случило и третиот ден. Еленот како да си го избрал живеалиштето во тој дел на буковата шума, при сочната трева, необеспокојуван од никого и ништо, наполно свикнат на поминувањето на ловецот.

Наредните денови ловџијата им раскажал на своите соселани за чудните средби со еленот, единствен и самотен во планината Стогово, како некакво знамение за нивниот крај.

- Ама зашто не го уби? - му се чуделе тие.

- Ааа, не бидува. Такво убаво животно! Така убаво те гледа. Гревота е да се посегне на него. Та тоа е единствено во нашата планина. Ни дошло на гости. Ќе ни ја краси – одговарал со куси, но многу јасни кажувања ловџијата.

- А каде токму го сретна? Бил упорен некој од соселаните.

- Над изворите на Гарска Река

- Ќе одам утре да го видам што чудо е тоа диво животинче, - рекол  еден комшија на ловџијата.

- А ние ќе ти правиме друштво, - рекле другите.

... Брзиот елен ги оставил зад себе сите гонители и бидејќи видел отворен простор под селото Могорче, каде што Мала Река се стеснува во длабоко грло, се затрчал натаму. Но, уморен, задишан, опколен од сите страни со гонители, пред длабока пропаст си ги собрал последните сили и скокнал над бездната. Неговите предни нозе чукнале на брегот, телото се плеснало врз бујната трева но задните нозе залудно клоцале во водата, мачејќи се да се исправат. немале веќе сила, зашто предните му биле скршени и лежеле откотени во колената. Снагата му треперела, како знак на неиздржлива болка. Тешко дишел.

Сите гонители на еленот биле околу него. Последен стигнал ловџијата, забревтан од попустото обидување да ги сопре збеснетите за пакост селани. Натажен се наведнал кон кутрото животно, а тоа со мака ја исправило главата и го погледнало како порано.

Дали го препознало? Од очите му капеле солзи, а низ нив човечки поглед, но сега полн со укор. Колку многу кажувале тие влажни очи.

На ловџијата од голема жал му дошло да се расплаче. Клекнал му ја помилувал кадифената буза му ги погалил и длабоко задишените гради, а потоа се исправил и ги погледнал со одвратност замолчените покрај него соселани.

- Јаз’к, - изустил.- Срам да ви е. Зошто ме излажавте? Ви кажав чесно за чудното животно и дека е греота да се крене рака на него како на невино, како на вистински украс на нашата планина, не направило пакост никому, дојдено оддалеку како наш драг гостин. Се пуштивте по него, - продолжил ловџијата – како ѕверови, тајно, скришум од мене и го принудивте на смртен скок за не падне во вашите безмилосни раце. Погледнете му ги очите. Душа имаат тие и ве проколнуваат како што вие го проколнувате Турчинот што беснее по нашите села. И знајте. Лоша е клетвата на невините, вардете се од неа.

Селаните од Могорче, занемени и со наведнати глави се загледувале во убавите и расплакани очи на младиот елен кој веќе умирал.

Еден од највозрасните, загледан така во еленот, со тажен глас рекол:

- Има право ловџијата. не проколнаа овие очи. Но, што да сториме за да не не фати клетвата? - И уште додал: - Сум слушал дека само со добро дело може да не се оствари проколнувањето.

Никој не проговорил, притаен страв беше им ги сматил мислите на сите насобрани. најпосле некој се решил да праша:

- Какво добро да сториме?

-- Треба да сториме нешто во негов спомен. Мајстори сме. Да го овековечиме неговиот последен скок во мост. Истата поза што еленов ја направи во претсмртниот час над Мала Река. Ем да се чудат нашите потомци на неговата убавина, ем да се отвори пат кон нашите комшии Мијаци по Бистра. Тоа навистина ќе биде добро дело.

Сите го прифатиле умниот совет и уште од наредниот ден почнале да делкаат камења.

Така вели легендата дека е изграден Елен Скок.

Така ја прочитав така ја запишав.

Од книгата „По долината на Радика“ од Блаже Смилески, 1998.
(Подготви Марко Китевски)
 

На прво место

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.