|
||||
| Во Москва промоција на Антологијата на современата македонска поезија „Гласови крај вода“ |
|
Се надевам дека Антологијата на современата македонска поезија ќе претставува бесценет документ за запознавање и средба со врвните вредности и поетски магови на нашето творештво. Ова дело претставува пресек на најдоброто од македонската поезија, пресек на творештвото на 65 најзначајни имиња кои оставија неизбришливи траги во македонската поетска традиција. Поетското творештво на Рацин, Марковски, Конески, Јаневски, Шопов... преку Матевски, Андреевски, Урошевиќ, Старова..., до најновите текови на современата македонска поезија со примерите на Димковска, Маџиров, Мартиновски, Ахмети... преку оваа антологија ќе станат достапни до руската поетска јавност - истакна Канческа-Милевска во своето обраќање. Министерката за култура потенцираше дека претставувањето на македонското книжевно творештво во странство преку презентирање на издавачката продукција од Република Македонија на меѓународните саеми и изложби на книги претставува врвен приоритет на Министерството за култура. - Националната промоција пред многубројните посетители и, секако, изложувачи од многу земји овде, во Москва, е навистина убава можност за приближување на Македонија до интернационалниот пазар. Можам да нагласам дека тенденцијата за осмислено и ефективно претставување на познатите саеми на книгата во светот ќе продолжи и во иднина бидејќи само на ваков, добро дефиниран и осмислен начин, ќе ги постигнеме посакуваните ефекти и државата ќе може да има повеќестран бенефит - додаде Канческа-Милевска. На македонскиот штанд, кој годинава со поддршка на Министерството за култура го осмислија комесарите - издавачките куќи „Макавеј” и „Македонска реч”, беа промовирани и двете книги од едицијата Библиотеката на македонската литература: „Македонски раскази” и „Современа македонска драма” на авторот и преведувач Олга Панкина. |



Министерот за култура, Елизабета Канческа-Милевска денеска (4.9.2010 г.) во Москва, Руска Федерација, во рамките на македонскиот штанд на 23. московски меѓународен саем на книгата, се обрати на промоцијата на Антологијата на современата македонска поезија, дело на рускиот поет Максим Замшев и македонскиот поет и литературен критичар Санде Стојчевски.























