|
||||
| „Учиме архитектура“ на Венециското биенале 2010 |
Министерот за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска, во палатата „Арсенале“ во Венеција, ќе го претстави проектот „Учиме архитектура“ со кој Македонија годинава ќе учествува на 12. Венециско биенале на архитектура.![]() Станува збор за просторна инсталација од 175 гипсани елементи, поставена на 65 метри квадратни. Ја изработија 101 студент од првата година на Архитектонскиот факултет. „Учиме архитектура“ е вид презентација на проектот „Архитектонско студио 1/2“ преку кој студентите првпат стануваат свесни за поимот, функцијата и правењето архитектура, објаснија професорите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља кои го предводат македонскиот тим во Венеција. Изложбата е практично инспирација од просторија на Архитектонскиот факултет во која учествувал секој студент од прва година. Потоа, индивидуалните проекти се аранжирани во еден заеднички на ист простор, а претставуваат привремени живеалишта за тројца според сопствено сценарио. Идејата за концептот произлегла од темата на интернационалната манифестација „Луѓето се среќаваат во архитектурата“ и од нејзината директорка, јапонската архитектка Казујо Сејима, чија работа и значење на меѓународната сцена била посебна инспирација за професорите Бакалчев и Хаџи Пуља. Македонските претставници, вкупно 75, за Италија заминаа на 21 август со цел навреме да ја подготват инсталацијата зашто официјалниот дел на Биеналето трае од 26 до 28 овој месец. Тема на Венециското биенале 2010 што почна вчера, а ќе трае до 11 ноември, е „Луѓето се среќаваат во архитектурата“. Жири комисијата ќе има за задача да ги одбере најдобрите проекти од повеќе држави и да ги додели наградите „Златен Лав“ и „Сребрен Лав“. Македонската изложба се организира со поддршка на Министерството за култура и Музејто на Град Скопје. |




























