Среда, 08 Април 2026    Печати
КУЛТОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО ТЕКОТ НА ПОВЕЌЕ ВЕКОВИ (7)

4 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА ЗА МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА-АНТИЌ И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

Зa да се сфати големото значење што Богородица го има за развојот на христијанството, нужно е хронолошки да се проследи нејзиниот развоен култ, бидејќи зачуваната традиција покажува какви се развојните патокази има. Имено, со следењето на култот стануваат забележливи и повеќестраните креации поврзани со нејзината личност.

И Македонија, во склопот на целокупноста на христијанскиот свет, го негува култот на Дева Марија. Тој е одразен во средновековната книжевност, а традицијата ја бележи и фолклорот. Историјата на уметноста бележи значајни остварувања, а некои од нив влегуваат и во светската уметничка ризница. На таков начин, од согледувањата за нејзината појава и значење во Македонија, може слободно да се заклучи дека сите нејзини пројави во обележениот култ придонесуваат тој да остане во врвовите на општохристијанскиот култ, со нејзиниот ореол на безгрешна земна и небесна жена.

Зачуваните извори говорат дека во првите векови од појавата и развојот на христијанството нејзиното значење не било подвлекувано и апострофирано. Посебно трите века од појавата на Исус Христос се карактеризираат со моралистичката страна на христијанското учење, како потреба за неговиот обезбеден натамошен развој.

Меѓутоа, во 4. век царот Константин официјално гo признал христијанството, а подоцна тоа било прифатено како државна религија. Токму тогаш дева Марија ќе биде величена и возвишена до небесна царица. Како покровител-заштитник ќе ја присвои големиот град Цариград. Византиските автори и посветувале стихови и дела. Познатиот автор Ефрем Сирин и посветил прочувствувани топли и искрени молитви, кои како жанр во византиската литература имаат посебно место. Покрај реалното почитување на нејзиниот култ, се јавувале и екстремности. Една посебна женска група-секта ја прогласила Богородица за божица.

44 copy copy
Назарет

За времето на издигнувањето на култот на Богородица во почетокот на 5. век, против силното возвишување на дева Марија се побунил константинополскиот патријарх Несториј и нагласениот култ го сметал за присилен и неправославен. Тој сметал дека нејзината слава треба да се однесува како на мајка на Исуса Христа, а не како и на Бога. Големиот заштитник на Марија, александрискиот архиепископ Кирил повел жестока борба против обидите и сфаќањата на Несториј.

Императорот Теодосиј Втори свикал вселенски собор во Ефес (431 година). Несториј бил победен и симнат од патријарскиот престол. Веднаш по овие настани култот на Богородица се зацврстил. Периодот од 5-от до 8-от век неспорно е време на култ кон Дева Марија. Тогаш се изградил прочуениот Влахернски храм во Цариград, во нејзина чест. Закрилата на Богородица ја признале многу манастирски и црковни источни центри.

Се прераскажуваат, предаваат и забележуваат чудата поврзани со дева Марија. Фрескосли-карството и иконографијата ја величаат на највозвишен уметнички начин нејзината убавина, духовност, мајчинство, добрина. Во 5-от век се воспоставува и заживува нејзиното празнување со празникот Благовештение. Во 6-от век се проширува празнувањето на нејзиното успение. Во 7-от век патријархот Сергеј составил извонреден акатист за света Богородица.

Продолжува

6b-slave copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН