Среда, 03 Октомври 2018    Печати
Во Сиднеј, Австралија излезе од печат книгата „Каменот од Роби“ темелник на истоимената театарска претстава

kamenot-od-robi

Во издание на Македонското литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј излезе од печат книгата  „Каменот од Роби“ од познатиот и признат македонски автор - Битолчанецот Душан Ристевски кој живее и твори во Сиднеј, Австралија. Ова дело кое е посветено на трагедијата од селото Роби или Р’би, во Долна Преспа, има текстови на македонски и на англиски јазик, во превод на Ристо Стефов, а е издадено по повод 70-годишнината од егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија, а  во пресрет на Петтата средба на децата бегалци (избркани) од поробениот дел на Македонија. Издавањето на ова дело е финансиски помогнато од Австралиско – македонскиот театар од Сиднеј, кој истоимената монодрама премиерно ја прикажана во Сиднеј во февруари 2018 година, во изведба на Валентина Апостоловска и Антонио Нешковски.

Во книгата „Каменот од Роби“,се поместени три верзии на монодрамата и тоа на македонски литературен јазик, на лерински дијалект и на англиски јазик. Потоа на македонски и на англиски јазик се дедени   кратки осврти на најновото драмско дело на Душан Ристевски „Паља – Македонка“ од  доцент м-р Трајче Кацаров. Посебно внимание привлекуваат поместените текстови „Егзодусот на македонските деца од поробениот егејски дел на Македонија“, кои се на македонски и на англиски јазик, од Ристо Срефов, познат и признат писател од Торонто, Канада.

Исто така. во делото „Каменот од Роби“ се поместени на македонски и на англиски јазик литературни остварувања на Душан Ристевски и тоа: песната „Средба“, која е посветена на Средбата на децата бегалци во Скопје, во  1988 година, а објавена и во книгата „Страдалници на сонот“ (1992),  како и песната „Егејот во мене“, објавена и во книгата „Украдени мисли“ (2011).

Театарското дело „Каменот од Роби“ е посветена на децата избркани од поробениот Егејски дел на Македонија, но за да биде и како потсетник на трагедијата на Македонија која со таканаречениот Преспански договор, се сака да се избришат од македонската историја и да се „заборават“ Македонците во поробениот дел на Македонија.

Инаку, издавачот на ова дело - Македонското  литературно друштво  „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија е формирано во април 1978 година. Во него членуваат голем број ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор од Сиднеј и околните градови, а има одреден број и почесни членови од македонската дијаспора и од Република Македонија, меѓу кои и авторот на овие редови, Славе Катин. Ова литературно друштво е поборник за зачувување на македонскиот јазик, литература и култура на петтиот континент - Австралија.

Друштвото од самиот почеток превзеде водечка улога во негувањето на македонскиот јазик преку издавање на списанието „Повод“, организирање на наградни конкурси за „Прличева награда“, издавање книги од членови и формирањето на библиотеката „Григор Прличев“. Од почетокот Друштвото ја превзеде улогата на организатор на манифестациите „Денови на македонската култура“ и „Филмскиот фестивали“.

Во изминатите 40 години на плодна работа на друштвото „Григор Прличев“, посебен акцен е ставен на организирање изложби, семинари, конференции, поетски средби, театарски вечери,  јавни протести, дебати и издавање писмени ноти во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, барање човекови права за Македонците во поробените делови на Македонија и апели за поддржка на правото за самоопределување на Македонците во Австралија, како и да се запре дискриминаторската политика спрема Македонците во етничка Македонијана.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН