|
||||
| Доделени наградите за „Млад научник на годината“ за 2009 |
|
- Во 2005 година бев третопласиран на конкурсот за оваа награда, а сега сум нејзин лауреат. Наградите сами по себе немаат значење, но се добра препорака да се продолжи понатаму со научните истражувања и стимул за уште повеќе резултати во науката, изјави Макрески. Марјан Петрески, пак, наградата ја доби во областа на општествените науки - за истражување во макроекономијата, конкретно фокусиран на монетарната политика и политиката на девизен курс. - Водам сметка тоа што го истражувам да биде применливо и да може да даде соодветни препораки за носителите на економските политики. Сметам дека моето истражување има соодветна апликативна вредност. Наградата не ја сфаќам како награда за квантитет на објавени трудови, иако е така специфицирана, туку најмногу за напорната работа и ентузијазмот, зашто секое истражување се соочува со многу пречки и патишта кои не водат никаде, така што од таа перспектива наградата има голема вредност за мене, истакна Петрески. Одлуката за избор на годинашните добитници ја донесе Одборот на Фондот „Вита Поп-Јорданова“, составен од академиците Момир Поленаковиќ (претседател), Томе Бошевски, Љупчо Коцарев, Луан Старова и Таки Фити. Претседателот на МАНУ Георги Старделов во својот поздравен говор се осврна на статусот на науката и приоритетните области кои се финансираат. Констатираше дека македонската наука се уште е заробеник на минатото зашто, како што рече, оваа сиромашна држава најмногу инвестира за истражување на минатото - за историските процеси и археолошките факти. - Кога е опсесија, историјата е пречка за истражување на иднината, истакна Старделов. Извештајот на Шведската академија на науките, како што рече, во својот извештај нотирал дека нивните млади не ја познаваат својата историја и оти историјата веќе нема да се дели пред и по Христос, туку појавата на интернетот ќе го дели времето на стар век и почеток на новата епоха. Старделов, сепак, укажа и дека напредокот има свои замки и оти науката има и последици кои не му одат во прилог на човештвото. Одборот на Фондот „Вита Поп-Јорданова“ секоја година доделува награда за млад научник на годината, а добитникот се избира на јавен конкурс. Наградата се доделува за научни трудови објавени во последните три години, евалуирани според меѓународни критериуми. Наградата е востановена во 2002 година и се доделува од Фондот „Вита Поп-Јорданова“, донација од нејзиното семејство. Поп-Јорданова била студентка по медицина и загинала во 1943 година на Скопска Црна Гора при придружување на британската воена мисија од Албанија кон Бугарија. Поетот Ацо Шопов за нејзиното загинување ја посветил песната „На Карадак“. Прва во 2002 година наградата ја доби Наташа Марковска, а во наредните години за млади научници на годината беа избрани: Мирко Тодоровски (2003), Љупчо Пејов (2004), Софија Грандаковска (2005), Александар Ѓурчиновски (2006), Ветон Љатифи (2007), Жидас Даскаловски и Мајлинда Фетаи (2008). |



























