Среда, 10 Март 2010    PDF Печати Е-пошта
Преродбата. Браќата Миладиновци
Димитрија и Константин МиладиновциКон крајот на септември 1839 година струшките првенци довеле во Струга, за ќелијното училиште, нови учители, кои предавале на грчки книжевен јазик. Тоа биле: Димитар од Мокра, Коно Киче од Берат, Албанија, Миле Китан од Струга и Христо од струшкото село Октиси. Тогаш бил назначен за учител во родниот град и Димитар Миладинов, настан необично важен и судбоносен за богатата историја на Струга.

Димитар Миладинов го нашол струшкото училиште во лоша состојба. Тој веднаш се зафатил за работа и го подредил. Почнал да ги учи децата онака како што само тој знаел, со огромна љубов и трпение. По некое време ја проширил просветната дејност и меѓу возрасните стружани. Неговите сограѓани се увериле дека добиле учител каков одамна им требал. Мнозина зборувале со восхит за способностите на Димитар Миладинов и тој се прочул надалеку.

Во 1840 година Струга ја зафатил видлив стопански упадок, обусловен од значителното намалување на земјоделското и на сточарското производство и од засилувањето на разбојништвото во тие области. Завладеало безредие, настапила голема скапија. Карваните прекратиле да сообраќат редовно, поради општата несигурност на патиштата кон Албанија и кон другите делови на Битолскиот вилает. Заради сè ова, пазарот не располагал со најнеопходните артикли за исхрана. Кило жито (50 оки - бм) се продавало по 75 грошеви, а кило јачмен 70 грошеви.

Во 1845 година во Струга пристигнал прочуениот руски славист Виктор Григорович, што ја крстосувал Македонија со цел да собере словенски ракописи и други слични движни културно-историски споменици, за да ги префрли во Русија, каде што се повеќе растела општествената заинтересираност за судбината на Јужните Словени и за нивното богато историско минато. Се разбира дека младата руска славистичка наука придонесла најмногу за тоа.

Григорович ја разгледал Струга. Во црквата Св. Ѓорѓија нашол стари словенски ракописи и печатени книга, со што се докажува дека во Струга словенската богослужба била во употреба повеќе столетија. Тој прибрал се што сметал дека има поголема историска и уметничка вредност. Исто така, запишал една македонска народна песна од мајка им на Миладиновци и Димитрија го посоветувал да состави граматика на струшкиот говор, а и да запишува народни песни и други умотворби, та потоа да му ги испрати лично во Виена.

Средбата меѓу Димитар Миладинов и Григорович во Струга, била судбоносна за натамошната преродбеничка дејност на струшкиот учител. Запишувачот на народните песни има мож ност да ги запознае сите убавини на мајчиниот јазик, а оттаму се преминува лесно во борба за негово воведување во училиштето. Пријателската забелешка на Григорович, на Димитар Миладинов му помогнала подлабоко да размисли околу истиснувањето на грчкиот јазик од училиштата во Македонија и за воведувањето на словенски наставен јазик. Учителствувањето во Струга било период на остри внатрешни судири и бранувања, што целосно ја стресло чистата душа на Димитар Миладинов, инаку со голема лична култура (го владеел грчкиот, италијанскиот и српскохрватскиот јазик).

По разделбата со професорот Григорович, Димитар Миладинов не прекратил да се допишува со учениот Русин. Од тие негови писма се гледа дека и самиот почнал да го буди македонскиот народ. Одлична илустрација за текот на овој процес даваат Кондиките на храмот Св. Ѓорѓија, пишувани од 1792 до 1860 година на грчки јазик или на струшки говор со грчки букви (има само неколку такви документи - бм), а од 1876 до 1912 година на словенски, со очигледно бугарско книжевно влијание. Во овој период храмот ги собирал околу себе сите посвесни стружани, што биле организирани и оспособени да ја запазуваат својата словенска самобитност.

За да и помогне на струшката катедрала, Јован Каминар, жител на Цариград (можеби преселник, печалбар од Струга), издејствувал со сопствени средства од битолските вилаетски власти бујурултија со која му се дало право на храмот Св. Ѓорѓија во Струга да има своја сопствена работилница за изработка на свеќи од восок и да држи монопол за восок и свеќи во Струшко. Врз основа на тоа право, струшката верска општина основала таква работилница при црквата, што придонесло да се зголемат нејзините приходи, од кои биле плаќани и учителите на струшкото училиште. Тоа станало во 1850 година. Тогаш храмот добил, како подарок, убава икона што го претставувала св. Јован Крстител.

Во истата (1850) година, Струга изгубила незаменливи културно-историски вредности. Сите словенски ракописи и стари печатени книги, бројни ретки примероци запазени во библиотеката на Св. Ѓорѓија биле изгорени, во дворот на црквата, од Наум Марин Арнаутинот (едни тврдат дека бил православен Албанец, а други дека бил Словен по потекло од Албанија). Наум Марин така постапил по наговор од охридскиот владика Дионисие. И никој не знае какви се културни вредности биле уништени.

Од втората половина на XIX век, Димитар Миладинов бара насекаде соборци за остварување на основните идеали на македонската преродба, што е уште во почетен тек. Тој се допишува и со познатите битолски тртовци браќата Робеви, по потекло од Охрид. Тоа пријателство останало големо до крај.

Во 1856 година во Струга станал учител и Кузман Шапкарев, човек со благ карактер, необично внимателен кон луѓето. Тој успеал времено да ги смири духовите во градот, иако и самиот уште предавал на грчки јазик. Стружани имале доверба во него. Во 1857 година Шапкарев одржал прв јавен испит на своите мали ученици, во присуство на владиката Мелетие Велички, инаку голем непријател на словенството, а подоцна и еден од виновниците за трагичната смрт на Струшките браќа. Истата година, Димитар Миладинов го испраќа историското писмо до кукушките првенци, во југоисточна Македонија. Тој им пишува, на 27 октомври 1857 година:

"О, колку ми е срам што на грчки ги изложувам своите словенски чувства и што одвај недамна почнав да читам, да пишувам и да разбирам словенски. Но кој е причината? Грците-архиереи, кои ги изгореа насекаде словенските пергаментски книги: во манастирот "Св. Наум" (крај Охрид), во манастирот "Кичевска Пречиста", во Трескавец (Златоврв), околу Битола, Преспа, Железна Река, Мариово, во Охридска Дебарца и во Дебар и во други места. Така грчките архиереи, осакатувајќи го словенското духовенство, ни го одзедоа драгоценото богатство на нашата народност и оттогаш се запазија само траги од словенските книги, чувани во засолнети места".

Последните мисли потврдуваат дека Димитар Миладинов умеел точно да ја оцени огромната загуба за сопствениот народ од систематското уништување на словенски ракописи и печатени книги.

Во 1858 година Кузман Шапкарев организира втор јавен настап на учениците од Струга. Истата есен е историска за преродбенското движење во градот крај Црн Дрим, а и за цела Македонија. Кузман Шапкарев го исфрла од наставата грчкиот книжевен јазик и воведува словенски, што беше конкретен успех и резултат на долгата борба што ја беа почнале пред тоа Димитар Миладинов и Георги Чакаров. Отпрвин Шапкарев им предавал на струшките првачиња од петнаесет српски буквари, добиени за таа цел од Димитар Миладинов. Подоцна тие биле заменети со бугарски буквари, печатени главно на територијата на Турското царство.

Потребно е да се подвлече дека грчките владици во Охрид, Генадие и Јоаникие (починал на 25 декември 1859 година), кои биле, главно, разумни духовници, воопшто не истапувале непријателски, туку ја одобрувале словенската богослужба и кастава. Затоа, Македонските Словени, што се наоѓале под нивна духовна власт, ги ценеле и ги лочитувале. Но, тоа и била причината набргу да бидат отстранети. На нивно место бил именуван бескарактерниот протосингел Мелетие, кој не одбирал средства во подмолната борба против сите свои непријатели, без исклучок.

Успесите на Кузман Шапкарев ги вјуначиле стружани да пројават уште поголема грижа за културниот живот при црквата Св. Ѓорѓија и за опременоста на училиштето. Така, се воведува самоуправа во верската општина, што овозможува да се зголеми самостојноста на иницијативите. Од оваа година, во Кондиките на храмот се среќава и името на еден нов општинар (член на управата) Наум Хр. Миладинов, брат на Димитар и Константин Миладиновци, кому му била доверена должноста на претседател.

Во 1859 година Димитар Миладинов повторно пристигнал во родниот град, но донекаде бил разочаран од она што го видел. Тоа јасно се гледа од писмото до д-р Константин А. Робев (на 9 јули 1859):

"Го најдов несреќниот град во власта на најголемиот егоизам".

Тој најверојатно мисли на некои нови судири меѓу струшките првенци. Грчките владици, од Битола и од Охрид, се спротивставувале Димитар Миладинов да стане учител во родниот град, што го сметале за многу важен пункт во ширењето на грцизмот. Тие, секако, се плашеле од неговата освестувачка дејност. Во едно писмо од почетокот на месецот ноември, тој пишува:

"Владиката Престон (охридско-преспански) никако не сакаше да се наместам тука (во Струга — бм) … но сонародниците наши станаа на нозе и се наместив, сега учам 40 деца"."

Текстот е преземен од монографијата "Струга и Струшко"
Д-р Душко Константинов, Струга 1970.
 

На прво место

News image

НАТО да ја прифатат Македонија како членка на Алијансата

Македонија од аспект на придонесот што го дава во НАТО е веќе де факто членка на Алијансата. Дојде в...

Историја

News image

Историски корени на одбраната

Во ретроспективниот поглед низ периодот на поновата македонска историја, од аспект на воено-одбранбе...

Иселеници

News image

Организацијата „Обединети Македонци“ во Канада ја организираше 40. „Гоцева вечер“

Македонската заедница во Канада вчера се собра во црквата ...

Култура и туризам

News image

Втората светска војна и обновувањето на Охридската архиепископија

Познато е дека Македонија зеде активно учество во Втората светска војна, со цел да се ослободи од ф...

Фељтон

News image

Историја на Македонската Православна Црква (16)

И нивното комплетно учење не е лесно да се согледа. Покрај она што го наведуваме ка...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.