Среда, 11 Април 2018    Печати
Велигденски песни

Христосово воскресвење

Што ми је лепо убоо,
на високана планина,
н’ онаа рамна рудина!
Рајските софри ставени,
најгоре Свети Никола,
до него Свети Илија,
меѓу ним сестра Мариа,
со Риста Бога на р’це,
со злато капче на глаа.
Свиле се до два облака,
кренале ми го Ристоса.
Седна Мариа да плачит,
Свети Никола је тешит:
„М’лчи ми сестро Марио!
Мие ќе ти го зеиме,
пак тебе не го дааме,
ќе го даиме на занат,
да праит страшни мостеи,
да врват грешните души.
Првата душа што мина,
таја је грешна прегрешна,
чуждо ми дете дојала,
алал не му го даала.
Втората душа што мина,
таја је грешна прегрешна,
назаем брашно земала,
кога го назот враштала,
со пепел ми го мешала.
Треќата душа што мина,
таја је грешна прегрешна,
назаем сољца земала,
кога је назот враштала,
со песок ми ја мешала.

 

Велигденска от Прилеп

Прошетала Света Недеља,
стреќа ја стрети Свети Илија:
„Егиди сестро Света Недељо!
Каи си одела, каи си шетала?
Ели си в поле трендафил брала?
Ели си в гори гороцвет брала?
Му говореше Света Недеља:
„Ејгиди брате, свети Илиа!
Влани сум в поле трандафил брала,
влани сум в гори гороцвет брала;
туку сум била чудо да гледам.
Се запалиле до двана д’ба,
до двана д’ба и вита ела,
туку ми горет туку ми тлејет.“
Нејѕе говорит Свети Илиа:
„Ејгиди сестро, Света Недељо!
Тие не ми се до двана д’ба,
до двана д’ба и вита ела;
тук тие ми се два побратима,
два побратима и посестрима,
не ми држале Свети Јоана,
за тоа горат, за тоа тлеат.“

 

Велигденска от Прилеп

Оро ми играле триста самовили,
на врф на планина на рамна рудина,
оро ми играле мефтера немале,
мефтера дочуле дури грат Битоља,
„Кого да пуштиме мефтера да земит?
Аи да пуштиме, Ѓурѓа Самовила,
Ѓурѓа Самовила на крајна девојка;
таја брго одит и брго доодит.“
И ми ја пуштиле Ѓурѓа Самовила,
Ѓурѓа Самовила на крајна девојка.
Дваш ми је трепнале, треки п’т летнала;
та ми је отишла дури град Битоља.
Там си го најде Дима ке је ручат;
по тил го удрила з’би испаднале;
в глава го удрила очи искокнале;
и ми го донесла на врф на планина,
на врф на планина на рамна рудина.
Тогај говореше стара Самовила:
„Свири, Димо, свири, ако нам надсвириш,
ке ти ја даиме Ѓурѓа Самовила,
Ѓурѓа Самовила на крајна девојка.“
Свирил Димо свирил, три дни и три ноке,
три дни и три ноке, и ми и надсвирил.
И му ја дадоа Ѓурѓа Самовила.
И си ја однесе Димо в град Битоља,
и си ја однесе во својата куќа;
и тој си затвори баџи и м’згалки;
и тој си ја држа токму три години.
Таја му стигнала едно м’шко дете.
И ми канил кумот, да го крстит дете.
И тогај му рече Ѓурѓа Самовила:
„Отвори си, Димо, баџи и м’згалкли,
сега Димо веќе нигде не побегвам,
зашто ја си имам тоа м’шко дете.“
И се измами Димо и си отвори,
дваш ми је трепнала, треки п’т летнала,
и си остаила тоа м’шко дете,
и си је отишла од ке је та дошла.

 

Велигденска от Прилеп

Шетал Марко низ гора зелена,
што ми шетал три дни и три ноќа,
не может вода да ми најдит,
ни за пиет, ни да се измиет,
ни за себе ни за брза коња.
Па говори Марко Кралевике:
„Варај горо, горо Димна – Горо!
камо ти вода да се напиам,
немаш да пиам, ни да се измиам
да би ми те ветар исушило!
Да би ми те сонце изгорило!
Димна гора Маркое говореше:
„Ајти Марко, ајти добар јунак!
Немој к’лни гора Димна – гора,
туку к’лни стара Самовила,
што собрала седумдесет клаенци,
да изнесла на врф на планина,
да продаат еден бардак вода
еден бардак за црните очи.“
Марко ли си с коња говореше:
„Ајти коњу, мое мило добро!
Али можиш ти да ме изнесиш,
да отепам стара Самовила,
да растурам седумдесет клаенци?“
Коња Марку ли му говореше:
„Потстегни ме с дванаесет колани,
двата ние да се обидеме.“
И му стегна дванаесет колани,
и г’изнесе на врф на планина;
да отепа стара Самовила,
и растури седумдесет клаенци.
Од зборникот на Миладиновци.

 

Велигденски обичаи во Порече

Трет ден Велигден – Мал Велигден

На третиот ден, на Мал Велигден народот во Порече го испраќа Велигден исто со песна и игра како на првиот ден. Кога излегуваат младите жени и девојки од своите куќи за на собор, уште од портите почнуваат да ја пеат песната за испраќањето на Велигден:

О леле, леле, Велигден,
кога си дојде и појде,
со јочи не те видовме,
со рака не те фативме,
со нога не те тропнавме!
Дејгиди слепа слепачке,
дејгиди ќора ќорачке,
три дни со ноѕе ме гази,
три дни со уста ме слави.

На пладне на соборот покрај велигденските песни и орски игри се играат и многу други друштвени игри, кои народот ги вика гачки.  Тие игри повеќе се весели и ги прикажуваат добрите и лошите страни на народот од овој крај. Велигденските друштвени игри потсетуваат на старите игри кои се приредувале во чест на пролетните празници Големи Дионисии познати кај старите антички народи како празници посветени на Дионисос. Тие игри, гачки, по содржина се различни. Ги има шеговити, жални, сатирични и други. Игрите кои се изведуваат на овој ден се следните: Кален број, мален број, Лази ми лази бубале, Зет и невеста, Ѓуро,Маро вележано, Дељо мори Дељо, Барјаче, Змија. Во некои села овие друштвени велигденски игри се играат и на вториот ден на Велигден, на пр. во селата Тополница и Долни Манастирец. Некои од овие велигденски игри ги имаат изнесени сестрите Јанковиќ во книгата „Народне игре“ кн. 6. и во Гласник Етнографског музеја, Београд том 15. но тие не се разработени така како што се изведуваат во крајот Порече. Поради тоа во ова свое излагање ги изнесувам исцело сите велигденски друштвени игри како тие се играат во Порече. Покрај овие игри Велигден се испраќа со играта Самовили и со погоре наведената песна „О леле, леле Велигден“.

Велигденската игра Кален број мален број е од родот на друштвените игри која симболично ја прикажува вечната обнова на животот. Поради тоа во оваа игра учествуваат само млади жени и девојки бидејќи тие се носители на новиот живот.

Оваа игра се изведува на следниот начин. Млади жени и девојки се редат две по две држејќи се за крпче распоредени една спрема друга во редица. редицата може да брои до 50 чифта, тие кои се последни во редицата се провираат, провлекуваат под рацете на другите играчи. При поминувањето жените од редицата ги удираат по плеќи тие кои се провлечуваат. Откога ќе ја заминат целата редица се наредуваат напред. И така во оваа игра се изредуваат сите девојки и млади жени од селото, со ред за здравје, еднаш до два пати.

За тоа време тие од редицата пеат:

Пишти пиле долно поле,
Кален број, мален број,
Каленчице, маленчице,
и при тоа се именуваат имињата на тие играчи, кои се провлечуваат, на пр. Калина,
Цвета и други имиња.
Ми кладова два падара,
Едно машко, едно женско,
на машкото кабаетот,
На женското правината,
Кален број, мален број.

Лази ми лази, бубале, е игра со која се прикажува лошата положба на сирачето останато без мајка или без татко – на милост и немилост на судбата. За оваа игра исто како и во претходната се наредуваат две по две млади жени и девојки со таа разлика што рацете ги скрстуваат една со друга во вид на столче, како во играта Дренкукуш во Скопско. По рацете на редицата поминува машко дете – сираче придржувано од двете страни на жените.

Кога врви детето по рацете му се пее:

Лазај, лазај бубале,
Да долазиш до мене,
Ако паднеш не кажуј, не кажуј,
На мајке ти, на татка ти (мајке ти, мајке ти).
Ако паднам не жалам, не жалам,
Кад сум клето сираче, сираче,
За сираче кој плаче, кој плаче.

Вили самовили е велигденска игра со која велигденскиот собир во Порече се затвора. Посветена е на невидливите духови – вилите, кои народот ги смета дека се со натприродна сила. Оваа игра има обреден карактер. На овој начин со играта Вили самовили народот сака да ги умилостиви вилите како би преку годината останале запазени од нивните штетни дејства како луѓето така и стоката и останатиот бериќет. Играта се изведува на следниот начин: девојките и помладите жени од селото се распоредуваат на четири страни по четири, потоа тргнуваат кроткум едни кон други, сменувајќи ги своите места пеејќи. Нивното движење е многу достоинствено како да вршат некој обред. Вакви групи можат да бидат и повеќе. Обично во нив учествуваат скоро сите жени од селото.

При сменувањето на своите места пеат:

Вили самовили,
пуштете го Марка,
мене земете ме и...и...и
Марко мој стопане.

Од трудот „Велигденски обичаи во Порече“ од Вера Кличкова објавен во  Гласник на Музејското конзерваторско друштво, Скопје 1957 г.