Среда, 23 Мај 2012   
Стариот град Чебрен (Чемрен) на Црна Река во Мариово

trenco-dimitrioskiТренчо Димитриоски

– Градот бил расположен на една висока тумба крај реката Еригон (Црна Река) како и во делот јужно од тумбата, кој претставува голема рамна површина покрај самата река, која тука прави голем завој.

Просторот на областа Мариово во антиката влегувал во македонската област Пелагонија, што упатува на заклучокот дека бил населен со Пелагонци. Со оглед на фактот што се знае дека Пелагонија во антиката егзистирала и како посебно кралство, голем број од античките градови кои се наоѓале во оваа област треба да се бараат во денешната област Мариово. На околу 3 km северозападно од селото Зовиќ во Мариово на една тумба со надморска височина од 560 m, како и на просторот ниско крај реката јужно од тумбата, на десниот брег на Црна Река, на локалитетот познат како „Чебрен“ (или „Тумба“), се наоѓаат бројни остатоци од впечатлива населба со корени уште од раната антика, односно, периодот на античкото македонско кралство. Дека населбата на локалитетот „Чебрен“ егзистирала и во периодот пред римското завладување на македонската империја покажуваат и наодите на монети од кралевите на античка Македонија. Од овој локалитет потекнуваат монети на Македонските кралеви Филип II (359–336 п.н.е.), Касандар (316–297), потоа од автономна Македонија, од Антигон Гоната (277–240/39 п.н.е.), Филип V (221–179 п.н.е.), Персеј (179–168 п.н.е.), монети на градовите Амфипол и Тесалоника, како и на Аркадија (И. Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза, 65. Никола шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија..., 169, 175 и 178). Дали постоела населба со тврдина од периодот од кој потекнуваа споменатите монети може да се констатира со посебна анализа на остатоците од одбранбените ѕидови и од останатите градби. Пред неколку децении на локалитетот „Чебрен“, на највисокиот дел од тумбата истражувања вршела екипа на Народниот музеј од Битола, но резултатите од ова истражување до денес не се објавени.

На врвот на тумбата се наоѓа простор заграден со одбрамбени ѕидови со површина од 700 m2 кој, според археолозите, претставува делот од населбата, која потекнува од римскиот период. Во доцната антика на тумбата се развила населба утврдена со „импозантни“ одбрамбени ѕидови, кои заградувале простор од 2,4 ха според Археолошката карта на Република Македонија, односно, 3 ха според археологот Иван Микулчиќ (И. Микулчиќ, Средновековни градови ..., 145). широките одбрамбени ѕидови на неколку места биле зајакнати со кули. „Целиот простор е планиран и оформен како град, со големина од 5 ха (со кастелот–акрополата вкупно 8 ха)“ – пишува Иван Микулчиќ. Според податоците од Археолошката карта, целиот комплекс зафаќа површина од 27 ха.

НАСЕЛБА СО ТВРДИНА ОД РИМСКО ВРЕМЕ И ДОЦНАТА АНТИКА

При ископувањето кое го вршеле археолозите од Битола на тумбата се откриени значајни недвижни наоди, главно од доцната антика. Посебно внимание привлекува една градба која се наоѓа на источниот раб на тумбата, кој е највисок. Градбата, веројатно, претставувала ранохристијан­ска црква, на што упатува еден посебен објект вдлабен во карпа. Тој прет­ста­­вува мала платформа со површина од околу 0,8 m2, во чија средина е вдлабен помал објект во форма на крст, како и 4 кружни дупки во аглите на правоаголната платформа. Овој објект претставувал т.н. мартириум во кој се чувале мошти на некој христијански маченик (Александар Миткоски, Депоа за реликвии издлабени во карпа, Македонско наследство бр. 5, Скопје 1997, 66) од првите векови на христијанството кога христијаните биле прогонувани од тогашната римска власт.

cebren1

Вакви објекти, мартириуми се граделе во првите христијански цркви кои се среќаваат на просторот опфатен со христијанската вера (Блага Алексова, Култ на мартирите во Македонија од IV до IX век, Матица македонска, Скопје 1995). Во близина на опишаниот објект се среќава и една голема гранитна плоча на чија површина е изработена голема детелина со четири листа во релјеф, како и повеќе помали форми на детелинки со четири листа. Голема е веројатноста дека оваа плоча на столпчиња стоела над платформата со вдлабен крст формирајќи ја култната конструкција во рамките на ранохристијанската црква. Интересно е дека ваква форма на вдлабен крст се среќава и на еден обработен камен блок на трикорабната црква во с. Манастир кое се наоѓа, исто така, на десниот брег на Црна Река околу 10 km северно од Чебрен. Црквата со мартириумот, веројатно, служела за опслужување на христијанските верници на населбата со тврдина, која егзистирала во раното христијанство на локалитетот „Чебрен“.

АНТИЧКИОТ ГРАД АНТАНИЈА СО ЕПИСКОПСКО СЕДИШТЕ

На големата карпеста тумба со тврдината на локалитетот „Чебрен“ се среќаваат голем број други археолошки остатоци, како што е доцноантичката и средновековната керамика, темели и остатоци од ѕидови од старите градби на некогашната населба и издлабени форми по карпите, како мелници за рачно мелење на жито и сл.

Освен остатокот од ранохристијанската црква на највисокиот дел од тумабата на локалитетот „Чебрен“ има уште две други цркви. Едната е црквата „Св. Димитрија“ која е манастирска црква од средновековниот манастир. Ова црква е изградена на темелите од голема ранохристијанска базилика која се наоѓала во центарот на населбата (И. Микулчиќ, Средновековни градови ..., 145), односно, на градот. Ова значи дека во градот кој егзистирал на локалитетот во доцната антика, односно раното христијанство, егзистирале најмалку две ранохристијански цркви, и тоа една на тумбата и една голема базиликална црква во центарот на населбата, во нискиот дел. Денес околу манастирската црква „Св. Димитрија“ се среќаваат траги од темелите на базиликата, остатоци од мермерната пластика, како помали столбови со релјеф и сл. Потврдувајќи дека на локалитетот „Чебрен“ „доцноантичкиот градежен шут лежи насекаде“ и дека има изобилство на железна згура за индустријата на железо која била развиена во стариот град, археологот Микулчиќ констатира: – „Според сите индиции на ова место стоел градот Антанија, епископско седиште од 5 и 6 век“ (И. Микулчиќ, Средновековни градови ..., 147).

На локалитетот „Чебрен“ постои и една помала црква која потекнува од 15 век. Таа во внатрешноста е живописана и, според стилот, живописот се датира, исто така, во 15 век. Оваа мала црквичка изградена од камен и малтер се наоѓа на една помала тумба јужно то тумбата со тврдината и, според она што може да се насети на теренот, еден од одбрамбените антички ѕидови води токму до неа. Оваа мала црквичка се вика „Св. Спас“.

СРЕДНОВЕКОВНИОТ ГРАД ЧЕМРЕН

Според сите показатели градот на локалитетот „Чебрен“ продолжил да егзистира со несмален развој и во средниот век. Во средниот век била обновена акрополата на тумбата и притоа новото обѕидие кое заградувало простор од 1,5 ха отстапува од линијата на ѕидот од доцната антика (И. Микулчиќ, Средновековни градови ..., 147). Археолозите крај одбрамбениот ѕид со сондажни ископувања констатирале остатоци од станбени објекти, а најдени се и керамички наоди, голем број ситни предмети и монети од 11 до 14 век. Се спомнува една бронзена апликација со претстава на глава, јавач и еден крст–реликвијар од 10–11 век (И. Микулчиќ).

cebren2

Според пишаните извори, градот на локалитетот „Чебрен“ кај селото Зовиќ. во средниот век се викал Чемрен. Имено, српскиот архиепископ Данило од времето на Душановото царство во неговото дело „Животи кралјева и архиепископа српских“, набројувајќи градови во Македонија го споменува и градот Чемрен (Љубен Лапе, Одбрани четива од историјата за македонскиот народ, Скопје 1951). Во пишувањето на архиепископот Данило се потврдува дека населбата на локалитетот „Чебрен“ во Мариово претставувала град. Тоа го покажуваат и остатоците кои денес можат да се видат на овој локалитет. На тумбата која се наоѓа над самата Црна Река имало и тврдина градена со камен и малтер, со ѕид широк околу 1,5 m. Нејзини остатоците и денес можат да се видат на јужниот дел од тумбата. На овој дел на локалитетот се наоѓала акрополата на населбата. Со широк ѕид бил заграден и останатиот дел од населбата кој бил расположен во нискиот дел од просторот јужно од акрополата. Вкупниот простор на утврдената населба со акрополата зафаќал површина од 8 ха а просторот на кој била расположена населбата зафаќа 27 ха. Градот претежно се занимавал со преработка на железни руди и од него водел пат низ Мариово се до одредена висина на врвот Кајмакчалан и планината Кожуф до старите рудници на железна руда (И. Микулчиќ, Средновековни градови ...).

Во средновековниот град Чемрен на местото на ранохристијанската базилика била изградена нова помала црква, веројатно во 13 или 14 век која била обновена и живописана во 16 век. Всушност тоа е црквата „Св. Димитрија“, чии остатоци и денес можат да се видат во манастирот Чебрен. Од оваа црква останале само темелите и олтарот, во кој се забележува зачуван стар живопис, кој за жал не е никако заштитен иако манастирот важи за споменик заштитен со закон.

Градот Чемрен, според историските податоци, сè до 1331 (или 1334), кога бил освоен од царот Душан, се наоѓал во рамките на Византиското царство. Со доаѓањето на Турците градот престанал да егзистира, а на неговот место останало мало селце со манастирот „Св. Димитрија“ познат и денес како „Чебрен“.

Селцето полека исчезнало, а останал само манастирот кој уште во почетокот на 18 век имал училиште за свештеници кои вршеле служба по црквите низ областа Мариово. Манастирот бил многу развиен се до првите децении на дваесетиот век, располагал со монаси и старешина, со воденици кои располагале дури и со дванаесет камења за мелење и сл. За време на Првата светска војна црквата „Св. Димитрија“ е срушена од топовска граната. Според археологот Иван Микулчиќ, во средниот век управно и стопанско средиште на Мариово (Мориово) бил градот на локалитетот „Маркови Кули–Градок“, според него, град Морихово, и тоа од 9–12 век, а по неговото запаѓање средиштето се преселило во градот Чемрен (И. Микулчиќ).
 

На прво место

News image

ОМД: Република Македонија се појави како регионален лидер во заштитата на човековите права

На овој Ден на човековите права, застануваме за да размислиме за издржливоста и храброста на македон...

Историја

News image

Тргнување – истражување – враќање на Карнегиевата комисија

Комисијата трга од Париз на 2 август 1913 г., поточно 10 години од Илинденското востание. Застанува ...

Иселеници

News image

ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ БРОЈОТ 70 НА СПИСАНИЕТО „ПОВОД“ ОД СИДНЕЈ

Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ о...

Култура и туризам

News image

Чудотворни икони на Пресвета Богородица

Во селото Коњче има црква што ја имаат кончани и друзите села од околијата као за манастир, чунки во...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.