|
|
„Борбен дух“ за Клаудиа од Беловиште |
Во домот на Ќирко и Хенрика Ѓиноски,во село Беловиште, што се наоѓа на подножјето на Сува Гора, 3-4 километри источно од Гостивар, беше присутна радосна атмосфера и задоволство, што по неколку месеци, пак се сите заедно. Ќирко „главата на семејството“, кој триесеттина години се наоѓа на печалба во Швајцарија, има молерско, гипсерска и фасадерска фирма „Гиноски“, и постојано е на релација , Берн, Швајцарија –с. Беловиште, Македонија, овој пат беше дојден со најмилите да ги мине јануарските празници. -Со сопругата Хенрика, која е од Лоч, Полска, се запознавме во летото 1981 година во Албена, Бугарија. Тоа беше љубов на прв поглед. Шест години чекав Хенрика да го заврши средното образование и да дипломира на филолошкиот факултет, се присетува Ќирко. На денот кога го изговоривме судбоносното „ДА“, се договоривме семејното гнездо да го создадеме во Беловиште, тоа ќе биде нашиот дом, тука да ги одгледуваме нашите деца, да ги воспитуваме и да живееме. Во Беловиште ние најубаво, ни потврдува и Хенрика. Во селската идила се прилагодив, создадовме одлични услови за живеење, моето чувство е дека тука сум родена и израсната. Во разговорот дознаваме дека Клаудиа, нивната прва рожба, е со посебен талент и дарба за наука, што ги откриле во раното детство. По звршувањето на првото одделение во ЦОУ „Братство и Единство“ во Гостивар, наставниците на родителите им понудиле, Клаудиа која има огромен талент за учење, со нивна согласност може вонредно да ги полага предметите од второ одделение. Без проблеми со одличен успех ги положила предметите и наместо во второ, продолжила во третото одделение. Наставничкиот совет и дозволил да може во една година да заврши по две одделенија. Но, татко и тоа не и дозволил, како што ни вели, не сакал девојчето да остане без детство и слободното време за игри и дружења, да не стане роб на книгата. По завршувањето на осмогодишното училиште, Клаудиа одлучува да се запише во колеџот „Јахја Кемал“ во Гостивар, да стекне повеќе знаења. Преку интернет се информира за условите на школување во престижното интернационално општо училиште, во Тимлиген, преградие на швајцарскиот град Берн. - Таму имав одлични услови да се напојувам со знаење од сите области, ни објаснува Клаудиа. За секоја методска единица пишував есеј. Користев литература од најмалку десеттина автори, ги бележев податоците и она што е најбитното, суштината, а потоа правев синтеза на сознанијата и заклучоци.Со ваков начин на учење стекнав солидни знаења по сите предмети. Одбраната на матурската тема бешена ниво на дипломска! - Матурската тема ја бранев по предметот Биологија. Од факултет во Берн ми донесоа кожна бактерија за да испитам како делува врз лицето на човекот. Училиштето ми обезбеди микробиолошки чашки за бактерии, ученици врз кои ќе го вршам испитувањето, лаборант и се што ми беше потребно. Искрена да бидам, додека ја подготвував матурската тема се чувствував како научник, со задоволство ни зборуваше Клаудиа. Но,со загриженост ни вели, дека е разочарана од студиите на Медицинскиот факултет во Скопје. За неколку месеци ќе дипломира и жали што за пет години студирање се уште нема засадено бактерија, а во средното училиште тоа го правела секој ден. Разочарана е од методот на студирање во Скопје и увидела дека ја направила најголемата грешка во животот, што не одбрала да студира на некој од престижните факултети во светот, за која добила над стотина понуди. - Мојот метод на подготвување на испит не го менувам. Учам како и во средното училиште, ни вели Клаудиа. Собирам податоци од книги на повеќе автори. Без проблеми читам научна литература на англиски, француски и на германски, а со потешкотии го користам и полскиот и турскиот јазик. По завршувањето на факултетот ќе се вработам и ќе продолжам да се дообразувам на некој од престижните универзитети во светот. За двегодишниот престој во интернационалното средно училиште во Швајцарија има најпофални зборови. Тука се школуваат деца на дипломати и на богати бизнисмени од целиот свет. Секој неможе да си дозволи за една учебна година да плати 50.000 швајцарски франци за школарина и уште неколку десеттина илјади за смесување, исхрана и за други трошоци. Но, не значи дека ако се плати школарината дека ќе се добие и диплома, како што е случај со нашите приватни универзитети. Се бара знаење и се добива диплома, во спротивно се губи годината. Инаку, 90 отсто од запишаните ученици во престижното меѓународно училиште во Швајцарија беа од видни личности на државите од каде што доаѓаат. Половината од нив беа на политичари, дипломати, а другата на бизнисмени. И покрај нивното квалитетно педигре, сепак, беа едноставни, не постоеше љубомора, никој не го покажуваше статусот на родителите и со тоа да се чаламат, како што би рекле, не се водеше натпревар во облекувње со светски брендови, како што тоа е кај нас, многу дружење имавме во спортот: одбојка, хокеј на мраз и сноуборд. Во мојата генерација имаше ученици од 51 нација од целиот свет. Од Балканот, покрај мене, беше и една Бугарка, а другите беа од САД, Мексико, Тајланд, Тунис, Северна и Јужна Кореја, Танзанија итн. Се запознав и со Ким Јонг Ун, кој деновиве е најполуарната личност во светот, по смртта на татко му стана првиот човек на Северна Кореја. Се запознав со него, не знаев дека е син на претседател на комунистичка држава, беше едноставен и на прв поглед не оддаваше дека е син на „големец“. За тоа дека е син на претседател дознав од професорите. Не знам од кои причини децата на видни политичари и бизнисмени од светот, воопшто за тоа не зборуваат, дури во училиштето беа запишувани со псевдоними. Клаудиа била прогласена за првенка на генерација и за остварен севкупен успех во наставата и во спортот го добила и пехарот „За борбен дух“. |