Среда, 06 Јули 2011   
Никој нема право да претендира на Македонија

salonika
Салоника

Великосрпската пропаганда во Македонија датира некаде од 1868 година. Меѓутоа, се до Берлинскиот конгрес таа не била ниту изразена ниту прецизно дефинирана. Дури по Конгресот, кога на Србија и биле затворени вратите спрема Босна и Херцеговина, Србија барајќи излаз на море, го свртела посериозно своето внимание кон Македонија.

Набрзо Србија ги засилила активностите на дипломатски план и доставиле  барања за отворање на српски училишта и конзуларни преставништва во Македонија, како и да се постават Срби за владици во Охрид,  Скопје, Велес, Дебар и Битола. Истовремено за полесно ширење на српската просвета во Македонија во 1886 година било организирано друштво „Св. Сава". Србија успеала да издејствува потпишување на конзуларна конвенција со Османската империја, според која таја добила можност да отвори конзулати во Солун, Скопје (1887) и Битола (1888).

Во осумдесеттите години на XIX век, за разлика од Грција и Бугарија, Србија ја нема црковната подршка за ширење на својата пропаганда. За да може полесно да се инфилтрира во Македонија, Србија ја побарала соработката на оние македонски кругови кои биле незадоволни и од Патријаршијата и од Егзархијата и кои се бореле за своја македонска политичка, просветна и црковна самостојност. Нудејќи им ја својата поддршка, српската влада ќе преговара со членовите на Македонскиот таен комитет.

Така врз основа на оваа соработка во 1886 година во Цариград е создадено друштвото „Србо-Македонци" во чија програма е предвидено издавањето на весник на чисто македонски јазик. Весникот требал да се вика „Македонски весник". Во програмата на друштвото стоело дека ќе се залага за обновување на Охридската архиепископија. Во исто време дошло до контакт помеѓу претставниците на „Тајниот македонски комитет" (МТК) во Софија и српската влада во Белград.

Во август 1886 година, членовите на МТК, Наум Евро, родум од Струга, и Коста Групче, родум од Охрид, преговараат со српската влада во Белград да ја помогне Програмата на борбата на македонскиот народ за културна, политичка и национална еманципација преку обновувањето на Охридската архиепископија, како народна црква на македонскиот народ во Османската империја, издавањето учебници на македонски јазик, основањето на училишта со настава на македонски јазик и издавањето на македонски весник во Цариград.

Меѓу двете страни бил постигнат договор за заедничка работа врз следниве основи:

1. борба за обновување на Охридската архиепископија под заштита на Цариградската патријаршија;

2. издавање на еден весник во Цариград под името „Македонски глас" на македонски јазик;

3. отворање на училишта во Македонија во кои ќе се поставуваат учители што ќе предаваат на народен јазик; и

4. за потребите на македонските училишта и народ да се печатат учебници и книги на македонски јазик.

Наум Евро и Коста Групче во договор со српскиот пратеник во Цариград Стојан Новаковиќ, поднесле молба до Великиот везир за издавање на весникот „Македонски глас". Во програмата доставена до великиот везир (САН-А. Ист. Ин. - Збирка Јоваи Ристиќ Инв. бр. 12/628. Сигн. XI 1/5.) стои:  а)  „Македонски глас" би се занимавал со историско-филолошка работа, а помалку со политика во рамките на интересите на Отоманската држава; б)  Би им проповедал на нашите сонародници безусловно верно поданство под скиптарот на Абдул Хамид I и се чува неговата славна власт над нашата татковина со жртвите на нашиот живот;  в)  Би им дал до знаење на сите дека нашата татковина нема ништо општо со Бугарите, ниту пак со другите државички, а затоа би проповедал избегнување и строго предупредување од нивните интриги; г) Би проповедал за потребата од заедничка работа со Турците, не водејќи сметка за вера и народност во интерес на општата татковина. Весникот ќе излегува еднаш неделно на средна големина.

Иако со програмата била искажана целосна лојалност кон Отоманската империја  и  султанот Абдул Хамид I и било посочено дека весникот „Македонски глас" ќе се занимава исклучиво со историско-филолошка работа, а помалку со политика, барањето и по изминати два месеци не било одобрено од страна на Великата порта. Толкувајќи како одбивање и неможејќи да се помират со ваквиот развој на настаните, Наум Евро и Коста Групче, испратиле Меморандум до дипломатските претставници на Големите сили во Цариград. Тие во Меморандумот од 26 јули 1887 година (Дипломатски архив - Савезни секретаријат иностраних дела. Београд - Посланство. Цариграл Ф-1/1887г. -  Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и национална држава 1981 стр. 277 - 278), ги истакнале барањата на Македонциге. Во Меморандумот се вели:

„Ваше Превосходителство!

Денеска, кога целиот свет гледа да биде мир во Европа, и на секој начин се труди да се искорени и најмалата причина што би можела да предизвика немир, - понизно потпишаните мислат дека е света нивна должност и во помош на човештвото да кажеме и да му напомнеме на Вашето Превосходителство каде е најглавната причина, која во моментов може да создаде немир и со тоа да ја урне општата желба за европскиот мир, како и тоа, да покажеме со кои средства може најлесно да се уништи таа причина.

Познато му е на Вашето Превосходителство дека Илирскиот Полуостров уште од старо време бил спорно јаболко меѓу трите делови на светот, а извор на многу сплетки и расправии, кои расправии предизвикале ужасни крвопролевања и ненадејни преврати, а за доказ на тоа служат бурите и преврати во XIX век за ослободувањето на Романија, Грција и Србија, и непоправливите ужаси за ослободувањето на Бугарија, но иако приведените државици добиле самоуправа и независност, сепак се незадоволни, не мируваат и интригираат, а полето на нивните интриги е нашата татковина Македонија, која поради важноста на својата географска положба, особено од гледната точка како на трговијата така и на стратегијата, ги електризира срцата на речените државици, и поради тоа непрестајно се бунтуваат и претендираат на нашата татковина како законити наследници и не пропуштаат ниту едно средство, само да го натераат сиромашкото македонско население да се бунтува, себе да си отворат пат и ја постигнат својата цел, т.е. да ја раздробат нашата татковина и да ја проголтаат, а во противен случај на нивно недоразбирање околу поделбата, готови се да го жртвуваат својот живот, а еден на друг ништо да не му отстапат, врз основа на своите вообразени претензии.

Ваше Превосходителство!

Оваа состојба не може да има други последици, освен да го држи општиот мир во постојана тревога, а нашата татковина да ја застрашува со катастрофа, -  за да се искорени тоа треба да се искоренат тие илузии на речените државици, а тоа може да го направи само македонското население, кое треба да му објави на светов дека е исто посебен народ, со посебна историја, нарави и обичаи и дека нема ништо општо со околните државици. - Па според тоа никој нема право да претендира на Македонија. И таа им останува на Македонците, - но за да може тоа да се постигне, треба да се извести македонското население. А за да тргне поскоро по тој пат, од голема потреба е да се издава овде во Престолнината еден македонски весник. Ние долупотпишаните сме се зафатиле да издаваме таков еден весник, веќе сме предале молба до Великиот везир со која го молиме, во интерес на отоманската држава и општиот мир, што поскоро да ни дозволи да почне да излегува речениот весник. - Но ете има веќе скоро два месеца и нема никакво решение. Поради тоа може да се заклучи дека нашата молба не е земена под внимание. Затоа, во интерес на европскиот мир, се повикуваме на Вашите човекољубиви чувства и Ве молиме да дејствувате кај Високата порта што поскоро да почне издавањето на весникот, бидејќи на Великиот везир ќе му ја објасните големата корист од речениот весник како во однос на заздравувањето на Царството во тој поглед, така и за одржувањето на општиот мир, - а со тоа ќе ни направите голема услуга на нашата татковина, којашто е до денеска експлоатирана од сите страни, и голема услуга на општиот мир.“

Србија настојувајќи преку спомнатите кругови да осигури пат на своето влијание во Македонија, во 1889 година во Цариград го помогнала издавањето на еден буквар, а потоа и на читанка во кои 2/3 од текстот биле пишувани на македонски јазик, а 1/3 на српски.

Меѓутоа, со зголмувањето на инфилтрираноста на Србија во Македонија, српската пропаганда се повеќе ја намалувала поддршката на македонските сили што се бореле за своја независност. Особено по извештаите за македонската посебност и самобитност во кои се вели дека:

„И сам Исус Христос ако слезит од небоно не можит да го уверит Македонеца оти е Блгарин ил’и Србин“,

Србија тргнала по стапките на своите ривали во Македонија. Од 1890 година, таа пропагандната активност ја пренела во надлежност на Министерството за надворешни работи во Белград и на новоотворените конзулати во Македонија, а од година на година, се зголемувале средствата за пропаганда итн.

Како резултат на тоа, во почетокот на XX век Србија имала во Македонија 217 училишта, во кои учеле 9.179 ученици.

 

На прво место

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.