Среда, 08 Јуни 2011   
Пругата кон Бугарија дамнешна неисполнета желба

Tihomir_Karanfilov
Тихомир Каранфилов

Македонија е единствена држава на Балканот која нема целосно развиен сообраќај со сите соседни држави. И ден денес, дваесет години по осамостојувањето, Македонија сеуште нема воспоставено железничка линија со Бугарија и Албанија, додека патните правци се несоодветни и неразгранети. Доколку патните  коридори преставуваат крвоток на секоја држава и основа за развој на економијата, тогаш сосема е јасно зашто македонската економија се развива со ова темпо.

Како и пред еден век економските експерти постојано укажуваат на потребата за сообраќајно поврзување со соседите и изградбата на коридорот 8, преку кој драстично ќе се намалат трошоците за превоз на домашните компании и ќе овозможат економски развој во неразвиените подрачја. Денес во 21 век, срамота е да немаме железничка линија која Македонија ќе ја поврзува со Црното и Јонското море, а да зависиме само од коридорот 10 преку кој Грција може постојано да не уценува.

Плановите за железничко поврзување се стари веќе еден век, а политичарите од осамостојувањето па наваму сеуште остануваат само на своите предизборни ветувања. Само да се потсетиме на информацијата од 10 октомври 1994 година, кога тогашната раководство на СДСМ по повод 11 октомври најави дека „Стартува изградбата на пругата кон Бугарија“.  Во информацијата за медиумите се вели: „За 11 октомври предвидено е свечено  започнување на работите на изградбата на железничката пруга кон Бугарија, како дел на коридорот „Исток –Запад“. Според динамиката на работите предвидено е пругата, во должина од 55 км и вредност од 120 милиони долари, да биде изградена за една година. 80 милиони долари се обезбедени од државниот буџет, а 40 милиони се очекува да обезбедат меѓународните финансиски институции и донаторите. За периодот до крајот на оваа година се обезбедени 20 милиони долари.  Ќе бидат ангажирани 6.000 работници од сите поголеми градежни претпријатија во Македонија.“

Седумнаесет години подоцна пругата сеуште не е изградена, а парите потрошени. Како споменик на нереализираниот проект и неспособноста на тогашното раководство сеуште стојат подигнатите столбови за железничките мостови а најголем дел од дотогаш изграденото е или уништено или украдено.

Веќе спомнавме дека плановите за железничко поврзување на Македонија со Бугарија се стари еден век. Првите обиди кои се направени до Првата балканска војна и поделбата на Македонија 1912 година, не дале резултати. По окупацијата на Вардарскиот дел на Македонија од страна на Бугарите, во Првата светска војна, 1915 година, поврзувачката линија Куманово – Ѓуешево станала пак актуелна. Временскиот период од 1915 до 1918 година, Бугарија го искористила да го ревидира недовршениот проектот на Компанијата на источните железници и да изработи идеен проект според нивните потреби. Тоа ќе им овозможи на нивните стручни лица да отпочнат со одбележување на трасата и изработување на првата фаза на главниот проект во 1941 година, за време на Втората светска војна и нивната окупација на Македонија.

Градењето на првиот дел на линијата Куманово - Куклица, Бугарите го започнале во второта половина на 1941 година. Трасата на Кумановската секција била поделена во шест делници, а на нив работеле од 600 до 1000 работници поделени во бригади од 30 до 40 лица. Инжинерско-техничкиот кадар бил од Бугарија, меѓутоа стручните работи како минерски, тунелски, објекти, згради и друго ги изведувале главно Македонци. Поголемиот дел од земјените работи го изведувале трудовци, лица во кои бугарскиот окупатор немал доверба и кој биле повикувани на воена вежба и распоредени во работните групи под раководство на бугарските резервисти. Тие морале во текот на десет часа да изработат задолжителна норма.

Главниот проект на вториот дел Куклица до Ѓуешево бил готов до крајот на февруари 1942 година, и се почнало со градбата. Овој дел кој бил значително потежок за градење бил поделен на 10 делници и екипиран со поголем број на стручни лица. Седиштето на оваа делница била во Крива Паланка, а според обемот на затечените работи по ослободувањето, очигледно било дека на оваа делница се работело со  засилено темпо се до самото повлекување на бугарските војски.

Веднаш по ослободувањето била основана Управа на државните железници во Скопје која со решение бр. 3048 од 21.IX.1945 година формирала Комисија со задача да ја прегледа затечената состојба на линијата. По излегување на теренот таа ќе забележи дека пругата била проектирана како главна со широчина на колосекот 1,435 м. На Македонска територија почнувала од железничката станица кај Куманово, па одела по должината на Кумановска Река – Пчиња – Крива Река, па преку Крива Паланка минувала на бугарска територија од средината на тунелот Деве Баир.  Оваа релација била долга 100.880,55 м. Од Куманово до бугарската граница биле предвидени 11 станици меѓу кои: Куманово Ново, Шупли Камен, Кратово, Гиновци, Мождивњак, Крива Паланка, Разминувачка и Жедилово.  Овој Бугарски проект предвидувал еден премин преку реката Пчиња, девет премини преку Крива Река и други премини преку долини, така што вкупниот број на мостови бил 19 и 53 тунели. Најдолгиот тунел бил граничниот со 2.262 м од кој половината бил на наша територија. Комисијата врз основа на пресметките на извршените и предвидените работи констатирале дека од пругата према Бугарија биле извшени само 16 проценти.

Веднаш по ослободувањето, односите со бугарските власти биле на такво ниво, што овозможувале да се водат преговори за продолжување на изградбата на започнатата линија. Во тоа време постоела желба и интерес од двете страни да се изгради оваа пруга, што било потврдено и со Бледскиот протокол. Формирана е мешовита југословенско-бугарска комисија која на состанокот одржан од 20 до 23 август 1947 година во Софија, донела одлука покрај другите да се изградат: линијата Куманово – Ѓуешево, со која би се воспоставила врска преку Албанија со Јадранско Море и линијата Струмица – Петрич, со која  би се овозможила врска со Солун, Велес и Битола. Сепак од македонските линии приоритет имала пругата Куманово – Ѓуешево.

На друг состанок на комисијата кој бил одржан од 11 до 14 ноември 1947 година во Белград, било одлучено  дека централната железничка врска треба прво да се изгради линијата Куманово – Ѓуешево и тоа како магистрална линија. За таа цел било потребно проектот на делот Куманово – Крива Паланка да се завршел до 1 мај 1948 година, а на делот Крива – Паланка – Ѓуешево до 1 август 1948 година и истовремено бил продолжен рокот за изградба на линијата до крајот на 1949 година. Елаборатот бил разгледан на третото заседание на мешовитата комисија во Софија од 31 мај до 3 јуни 1948 година, но комисиите не можеле да се усогласат за најдобрата варијанта.  Сепак подоцна било утврдено дека четвртата варијанта, како најкуса и со најниски трошоци, била најповолна и била од двете страни усвоена.

Меѓутоа и покрај сите договори и преговори оваа пруга за време на Југославија од политички причини никогаш не беше завршена, Приближувањето на Скопје и Софија не му одговараше на Белград, посебно не по 1948 година кога се заладија односите со земјите од источниот блок.

Меѓутоа денес кога сме самостојни и кога бараме да влеземе во ЕУ и НАТО, како можеме тоа да го направиме ако сеуште не сме способни да се поврземе со железничка линија со нашите соседи, Бугарија и Албанија.

Според најновите студии и планови изградбата на пругата треба да се реализира од 2012 до 2014 година, а во функција да се стави во 2015 година, Новото раководство ќе мора овој план да го спроведе.

 

На прво место

News image

Да го поразиме Заевизмот

Христијан Мицкоски

Историја

News image

Запознај ја татковината за да ја сакаш повеќе!

Запознај ја татковината за да ја сакаш повеќе!

Иселеници

News image

МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ – ПРВИОТ АРХИЕРЕЈ ВО МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО (18)

ОСВЕТУВАЊЕ НА ЦРКВИТЕ „СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ“ ВО ХАМИЛТОН ...

Култура и туризам

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (1)

ДЕЛ ОД ИСТОРИЈАТА ЗА МАКЕДОНИЈА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.