|
|
| Хералдиката на македонско тло меѓу најстарите во Европа |
Во Македонија имало грбови кога и во ФранцијаСпоред доц.д-р Снежана Филипова први издржани хералдички грбови на територија на денешна Македонија имало уште во 12 век. Тоа го потврдуваат грбовите насликани на штитовите на светите воини од црквата Св.Пантелејмон во Нерези, кои потекнуваат од 1164 година![]() Даниела Трајковска - Најстарите грбови на кои никој досега не се осврнал од хералдички аспект, туку само се спомнува дека штитовите им се поделени на хералдички полиња, ги воочив 2007 година на фреските во црквата Св. Пантелејмон во Нерези, Скопје, кои потекнуваат од 1164 година, насликани на штитовите на светите воини Теодор Тирон, Теодор Стратилат и Св. Димитриј и Св. Нестор. Ова докажува дека првите правилно обликувани - издржани хералдички грбови на македонско тло имало уште во 12 век. До сега земскиот грб на Македонија, насликан во ракопис од 16 век, нарачан од благородникот Петар Охмучевиќ, во вид на златен лав на црвен штит е единствената асоцијација на хералдиката во Македонија. Она што е особено важно е дека овие грбови се речиси истовремени со грбот претставен на надгробната плоча на благородникот Норманот Џефри Плантагенет, роднина на идниот освојувач на Англија - Вилијам Освојувачот, а за кој се смета дека е најстар во Европа. Околу овој грб има дилеми околу староста, според некои е изработен во 1151, според други во периодот меѓу 1155-1160 година, бидејќи го подигнала неговата сопруга, а се спомнува за прв пат во еден документ пишуван во 1171 г, 25 г. По смртта на Џефри, вели доц. д-р Снежана Филипова од Институтот за историја на уметност и археологија. Филипова потенцира дека ова се всушност и најстарите ликовни хералдички извори во Република Македонија, и на Балканот, со оглед дека до сега биле анализирани само ракописи грбовници и документи како хералдички извори во кои се споменува нашата територија. Таа потенцира дека грбот на којшто стои дека ја претставува Македонија, односно златниот лав на црвен штит, оној на Петар Охмуќевиќ имал за цел вистински или лажно да докаже дека благородникот поседува земја на територија на Македонија и останатите земји кои ги навел како дел од своето наследство. Тоа биле земски грбови и се однесувале на одредена територија со суверенитет или провинција во состав на држава, но најстари во хералдиката се индивидуалните грбови на благородниците. Веќе во 14 век во Европа грбовите со повелби, кои содржеле насликан грб, им се доделувале на благородниците и се однесувале на земја, област, град, организација, семејство. - Порано идентификација на територијата на Македонија за повеќето што ги интересира историјата и хералдиката беше златниот исправен лав на црвен штит, но ликовните извори кои ги открив покажуваат дека во Македонија има многу голем репертоар на амблеми кои се користеле во идентификација на благородници или подрачја. До сега од ликовните извори и археолошките ископувања беа познати аплицирани на облеката, воената опрема и на накитот на благородниците двоглавиот орел, орелот, кучето, волкот, грифонот, лавот, лилјанот, а сега ним им го додаваме и златниот кентаур на бел штит од Св. Пантелејмон, и двобојната поделба со црвена и зелена на штитот на 4 хералдички полиња, и повторно се соочуваме со златниот лав, овојпат на бела подлога. Ктитор на Св. Пантелејмон е византискиот принц Алексеј Комнен, кој е познат по своите дипломатски способности и заедно со владејачкиот византиски император Мануел Први, поборник за приближувањето на Истокот и Западот, објаснува д-р Филипова. |















